Филмски омаж за Љупчо Тодоровски – Упа во Кинотеката

Во Кинотеката на РСМ на 31 март се одржа филмска вечер посветена на прерано починатиот актер, кастинг-директор, сценарист и продуцент Љупчо Тодоровски – Упа (1956-2021). Краткиот игран филм „Налепница“ на Георги М. Унковски, една од последните улоги на Упа, играниот филм „Јазол“ на Кирил Ценевски, во кој Упа ја оствари својата дебитантска улога на филм, и мини-документарец подготвен од негови пријатели и соработници ги споија крајот со почетокот на една плодна актерска кариера.

Во неговата актерска филмографија се впишани „Јазол“ (1985), „Пред дождот“ (1994), „Одмазда“ (2001), „Војната заврши“ (2010), „Џган“ (2016), „Ругање со Христос“ (2018), „Налепница“ (2019). „Ми се чини сосема надреално и неприфатливо дека толку рано и предвремено седнувам да напишам некој збор во сеќавање на Упа. Човек што со својата енергија и пркос знаеше да допре до секого. Секогаш во акција, секогаш со огромна желба за живот, неизмерна љубов кон филмот, кон својата професија и кон луѓето околу него. Отсекогаш сум му се восхитувал на Упа, кој неуморно успеваше да го одржи својот оптимизам дури и во времиња кои беа посебно тешки и непријатни. Од Упа имам уште многу да учам, а сега можам само да кажам дека ми е чест што успеав барем на кратко да бидам дел од неговиот живот и лично да бидам сведок на неговото творештво“, напиша Георги М. Унковски, режисер на краткиот филм „Налепница“.

Актерството го доживуваше како фрлање зрак светлина врз туѓите животи

Љупчо Тодоровски – Упа играл во триесетина кратки и долгометражни играни филмови и ТВ-серии на повеќе јазици. Потписник е и на петнаесетина театарски режии и има одиграно десетици улоги во проекти и во театарски куќи низ цела поранешна Југославија, како и на безброј разни други сцени. Актерството го доживуваше како фрлање зрак светлина врз туѓите животи. Еден е од основачите на аматерскиот театар „Чекори“. Во 1983 година дипломира актерство кај проф. Љубиша Георгиевски. За време на студиите настапува во Драмскиот театар во Скопје. По Академијата, воден од творечкиот немир и можноста за почесто играње на филм, заминува за Белград, каде останува цели 10 години. Го „пече“ занаетот покрај искусни и водечки југословенски актери, настапувајќи во повеќе филмови и театарски претстави. Од 1997 год., покрај актерството, се занимавал и со филмска и ТВ-продукција, пишувал сценарија и работел како кастинг-директор. Творечката, но и духовната страна на личноста на Упа најдобро ја познаваше неговиот долгогодишен пријател и соработник, актерот Симеон Мони Дамевски.

– Мојот другар Упа, имаше четири големи љубови. Во неговата младост, прва му беше уметноста. Таа нè запозна, нè зближи и од колеги нѐ престори во најдобри другари, кумови, соборци, ортаци и духовни браќа. Подоцна, кога истата нè раздели, зашто тој тргна по остварувањето на своите соништа во Белград, а јас во Америка, а негова втора и најголема љубов стана неговото семејство. Упа ја обожаваше својата сопруга и бескрајно ги сакаше и се гордееше со своите синови. За нив беше спремен да даде сè. Секогаш со мисла како да ги израсне подобро, да им помогне полесно да ги остварат нивните дарби и соништа, тој стана нивна сенка и најголема поткрепа. А, кога ги израсна и тие помалку или повеќе тргнаа по свој пат, Упа ја откри својата трета голема љубов. Во делот од животот кога повеќето се уморуваат од него, тој уште посилно ги засака луѓето. Секогаш спремен да посоветува, да расположи, да каже убав збор и да учествува во остварувањето на нивните потфати, тој стана поткрепа за многумина добри луѓе.

Мојот, нашиот Упа – имаше дарба за многу нешта. Беше бескрајно талентиран актер, извонреден сценарист, прекрасен пријател и извонреден трговец. Страсно ги сакаше македонскиот јазик и поезијата, умееше да создаде од ништо нешто, да му продаде стари штици на „старо купувам“, да тргува и со нафта и со клавири, оти умееше да се пазари, да убеди, умееше да изгради дури и зграда. Ако наумеше нешто, немаше врата што Упа не можеше да ја отвори. Упа беше столб и поткрепа за многумина – за мене, за неговото семејство, за неговите пријатели и соработници и за неговата четврта голема љубов, скиентологијата. Тој беше еден од нејзините основоположници и најголеми заштитници. А веруваше дека може СÈ, дека може САМ, и затоа ретко бараше помош. Затоа, знам дека многумина од оние што ме побараа утрото по неговото заминување, во неверување дека веќе го нема, би сториле многу, ако и кога би можеле да му помогнат во неговата последна „битка“. Но, ако мислите дека Упа ја загуби таа битка, не сте го познавале доволно. Тој не беше човек што се предава. И – тој не веруваше во смртта. Веруваше дека животот е игра во која ние, по природа бесмртници, по секој прекин, повторно и повторно се враќаме назад овде, за да ги оствариме своите неостварени цели и соништа – открива Мони Дамевски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 75, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 3-4 април 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот