Филмот „Скејтањето не е за девојчиња“ на Дина Дума е прифатен со голем ентузијазам

Филмски сет на „Скејтањето не е за девојчиња“

Новиот македонски игран филм „Скејтањето не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума влезе во третата од шест планирани недели за снимање, а филмската екипа на 16 април ги покани медиумите да присуствуваат на филмскиот сет на локација во Драчево.

Долгометражниот игран филм „Скејтањето не е за девојчиња“ следи три генерации жени – додека тие се движат низ судирот меѓу традицијата и предизвиците од модерното време. Низ светогледот на 12-годишната Адела, филмот отвора свет во кој три генерации жени се осмелуваат да ги препишат сопствените судбини и да ги оспорат границите на општеството обликувано од традицијата.

Филмот се реализира како копродукција меѓу Северна Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска. Најголемиот дел од филмот се снима во населбата Шуто Оризари, додека медиумите беа поканети да го проследат третиот ден од снимањето на локација во СУГС „Браќа Миладиновци“ во населбата Драчево.

– Посебно ми е драго што најголем дел од снимањата се одвиваат во Шуто Оризари и нашите главни хероини во филмот, всушност, потекнуваат од таму. Тие не се познати за македонската јавност, но се надевам дека преку филмот ќе биде препознаен нивниот талент. Покрај нив во филмот учествуваат и поискусни актери, како Симонида Селимовиќ, која доаѓа од Виена, а дел од актерската екипа е и Бајрам Северџан, кого македонската публика добро го познава. На локацијата во СУГС „Браќа Миладиновци“ во населбата Драчево ги снимаме сцените со училиштето каде што учи главната хероина во приказната – објасни режисерката Дина Дума.

Главните улоги во филмот ги толкуваат натуршчици и актери од ромската популација Ефќар Абаз, Џефрина Јашари, Симонида Селимовиќ и Ганимед Абдула. Сценариото е на Дина Дума, коавтори се Лидија Мојсовска и Теона Митевска, директор на фотографија е Фредерик Ноиром, сценограф е Вук Митевски, костимограф е Матеја Фајт, шминката е на Мојца Горогранц-Петрушевска, додека кастинг-директор е Киријана А. Николоска. Продуцент на филмот е Лабина Митевска, а копродуценти се Себастијан Делој, Данијел Хочевар и Вања Сремац.

Режисерката Дина Дума и продуцентката Лабина Митевска

– На снимањето на филмот работи голема интернационална екипа, што ни е особено драго, а сите сцени се снимаат во Македонија. Монтажата ќе се одвива во Брисел, Белгија, додека дел од постпродукцијата ќе се одвива во Хрватска и во Словенија. Поддршката од Агенцијата за филм ја добивме минатата година, а филмското сценарио беше развивано во ателјето во Кан, што е навистина голем исклучок. Во Кан двапати годишно прават избор на шест режисери и Дина Дума беше селектирана првата верзија од сценариото да ја направи таму во текот на нејзиниот тримесечен престој.

Учествувавме и на „Синелинк“, каде што добивме две награди за развој на сценариото, а потоа стигна и поддршката од Агенцијата за филм. Буџетот за филмот го склопивме за неверојатни шест месеци, бидејќи каде и да аплициравме имаше многу ентузијастички одзив, особено на Дина Дума како млада филмска авторка. Буџетот на филмот е околу 1.560.000 евра, од кои 391.000 се од Агенцијата за филм – објасни продуцентката на филмот Лабина Митевска.

Проектот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, како и од националните и регионални фондови на Белгија, Словенија, Хрватска и од европскиот фонд „Еуримаж“. На филмскиот сет на 16 април присуствуваше и Владимир Ангелов, директор на Агенцијата за филм на РСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот