Филипче: Ако е потребна некаква рестриктивна мерка, тоа ќе го препорачаме

Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека деновиве ќе разговараат со претставници на здравствените власти на Србија и на Косово за состојбата со коронавирусот и за потенцијалните ризици по нашата држава.

Прашан за зголемиот број на заболени со КОВИД-19 во Србија и Косово и дали се разговара на Влада и со Комисијата за заразни болести за евентуално затворање на границите и за големиот проток на луѓе од овие земји, Филипче рече дека досега не е разговарано.

– Засега не, заради тоа што досегашните официјални податоци не укажуваа на така голем број, иако имавме информации дека нешто неофицијално се случува. Ќе разговараме деновиве со претставници на нивните здравствени власти за да видиме каква е ситуацијата, кои се потенцијалните ризици по нашата земја. Да, апсолутно да, ако во било кој момент одлучиме дека е потребна некаква рестриктивна мерка дали е тоа премин преку граница или рестрикција во движење во било кој дел од земјата, тоа ќе го препорачаме, изјави Филипче по средбата со претставници на Здруженијата за ретки болести во Градскиот парк.

Прашан дали политичарите се доволно заштитени за време на изборната кампања, Филипче потенцира дека јасни се принципите и важат за сите, за секој собир.

– Да се носат маски и да се одржува дистанца. Секој кој не почитува го доведува во ризик сопственото здравје и секако здравјето на сите во околината, нагласи Филипче.

На новинарско прашање за здравствените работници кои бараат изземање од Избирачките одбори, министерот Филипче рече дека за тоа разговарал со Државната изборна комисија (ДИК).

-Бројот на апликации за изземање е практично идентичен на оние што биле изминатите години. Ова се избрани луѓе во Избирачките одбори од 2016 година. Значи имаат искуство, знаење, веројатно и помош за спроведување на протоколите. Нивно изземање сериозно би го нарушило овој процес. Станува збор за неколку илјади луѓе. Но, ги разгледуваме поединечните случаи, ако има со хронични болести или некоја друга причина и на тоа може индивидаулно да се одговори, рече Филипче.

Филипче денеска во Градскиот парк се сретна со претставници на здруженијата за ретки болести со кои, како што рече, разговарал за начинот со кој би се олеснил пристапот, дистрибуција на лековите за ретки болести преку инсулинските аптеки или преку патронажните сервиси за пациентите кои се неподвижни, како и за надградба на електронскиот регистар, бидејќи следи период во кој повеќе услугите, пациентите треба да ги добиваат во домашни услови или блиску до нивните домови, во амбулантите или преку патронажните сервиси, за да го избегнат доаѓањето во болници, клиники и со тоа долгото чекање и секако ризикот од инфекција.

Посочи дека разговарале за предизвиците со кои се соочуваат пациентите со ретки болести во овој период кога целокупниот здравствен систем е практично посветен на третманот на пациенти заболени од коронавирусот, заради тоа што пациентите со ретки болести имаат свои специфики во однос на типот на терапија, начинот на земање, пристапот до лекарите специјалисти во однос на контролните прегледи.

– Во изминатите повеќе од две години навистина многу вложивме во Програмата за ретки болести, се донесоа седум нови лекови за многу дијагнози за кои пациентите немаа пристап до терапија. Сега имаат најмодерна терапија, да се прима и орално наместо инфузиите за кои дел од пациентите бараа лекување во странство, а сега имаат пристап до терапија тука во нашите клиники. Количини терапија има доволно, додаде Филипче по средбата.

Наташа Анѓелевска од Здружението на пациенти со хередитарен ангиоедем (ХАЕ) истакна дека во изминатиот период низ разговори со надлежни лица задолжени за програмата за ретки болести во Министерството за здравство, успеале да обезбедат одлуки со кои дел од тие пациенти се ослободени од работни обврска.

– Уште поважано е дека пристапот до лекарства ни беше овозможен континуирано и без застој благодарение на напорите кои ги вложивме како Здружение и нашите барања да не останеме без терапија. Разговаравме како да продолжиме понатаму, бидејќи очигледно е дека ситуацијата нема да се смири. Нас ни е особено важно услугите каде што е можно и колку што е можно да ги добиваме дома. Доколку некој пациент има потреба од примање одредена грижа, нега или терапија во домашни услови тоа да се овозможи. Веројатно тие аспекти ќе бидат разгледани на Комисијата за ретки болести. Овие лица многу страдаат бидејќи е ограничен пристапот до клиниките. Има разбирање, но нашата состојба не е едноставна и лесна и многу е важно медиумите континурано да следат и да бидат заинтересирани за состојбата и со ретките болести, рече Анѓелевска.

Посочи дека им е важно стратегијата за третирање на пациентите со ретки болести која беше креирана минатата година да биде усвоена кога ќе се создадат услови.

– Очекуваме после парламентарните избори нашите барања дека ќе бидат слушнати и дека новиот состав на Парламентот ќе ни излезе во пресрет во врска со измените и дополнувањата на законите за здравствена заштита, за лекови, за медицинска грижа и за физиотерапевстки услуги и помагала, додаде Анѓелевска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот