Фестивалот за литература и илустрации за деца „Литера“, полека но сигурно, ќе стане бренд

Фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера“ годинава се смести во прекрасниот амбиент на Чифте амам. Отворањето на фестивалот се одржа на 3 јуни со голема ретроспективна изложба насловена „Детската радост на Младен Туниќ.

– Младен Туниќ е еден од малкуте легенди од овој калибар, иако подзаборавен, но секогаш присутен преку книгите и детските списанија кои сѐ уште се читаат. По големиот успех од минатата година со изложбата на Димитар Кондовски, за тимот на „Литера“ беше огромен предизвик да го задржиме нивото на естетика и актуелност – рече Урош Вељковиќ, одговорен за реализацијата на ретроспективните изложби на фестивалот „Литера“, на отворањето на изложбата на илустрации на Туниќ во Чифте амам во Скопје.

За оваа изложба сум посебно емотивно поврзан, додаде Вељковиќ, со надеж дека со овој серијал изложби фестивалот позитивно ќе влијае на младите илустратори.

– Фестивалот „Литера“ е сон на сите членови во тимот, кои макотрпно работеа во изминативе три месеци. Секој член на овој тим е значајна алка во синџирот. Заедно негуваме искрено пријателство, труд и се залагаме за промени во општеството во кое живееме. Клучни во целиот процес се оние кои нѝ подадоа рака за нашата идеја да стане реалност. Им благодарам на „Халкбанк“ што втора година се наши пријатели и заедно создаваме вредности. Како што велат тие, важни се луѓето, а ние ќе се надоврземе дека важна е културата, уметноста, како и да го сочуваме и афирмираме нашето национално богатство. Благодарам на Печатница „Софија“ што нѐ следат веќе трета година во сите активности. На моите колеги од маркетинг-агенцијата „Ефектива“ што веруваат во мојата визија за фестивалот. Благодарам на сите компании што буквално ни подаваат рака и се свесни за вредностите што ги создаваме. „Литера“, полека но сигурно, ќе стане бренд на овој град – истакна Софија Семенпеева-Трајановска, основач на фестивалот.

Дита Старова-Ќерими, Софија Семенпеева-Трајановска и Урош Вељковиќ

Гостите ги поздрави и Дита Старова-Ќерими, директорка на Националната галерија на РСМ. „По успешното минатогодишно претставување на илустрации на Димитар Кондовски, особено ни е драго што како институција го препознавме значењето и потенцијалот на овој фестивал, кој и годинава се одржува во соработка со Националната галерија. Секако, овие соработки секогаш одат во прилог на збогатување на едукативниот дел од нашата дејност, како значаен сегмент во развојот на културата и културните вредности кај публиката од најрана возраст. Туниќ оставил зад себе огромно наследство на илустрирани сликовници и книги за деца, учебници и списанија, стрипови итн., а неговиот ракопис се карактеризира со лесен лирски и распеан цртеж и богат колорит, веднаш прифатлив за искрените детски срца. Посакуваме многу успех во реализацијата на ова издание на фестивалот, како и многу други во иднина, бидејќи илустрацијата за деца е мошне значаен дел од нашата визуелна култура на кој треба да му се даде особено значење“, рече Старова-Ќерими.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 83, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 5-6 јуни 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот