Фалсификаторите се секогаш чекор напред, тешко е да се препознае лажен мед

По 17-ти пат на улица „Македонија“ се одржува манифестацијата денови на македонскиот мед, на  која  учествуваат околу 30 произведувачи на мед од сите градови и села од земјава. Организатор на манифестацијата е пчеларското здружение „Матица“ , чиј претседател Венче Билбилоски денеска во „Утрински брифинг“ ја објави поразителната статистика, дека во Македонија годишно се троши помалку од еден килограм мед по глава на жител.

– За разлика од кај нас, во Словенија годишно по глава на жител се троши девет килограми, а Јапонија троши 16  килограми мед по  глава на жител. Цената на медот воопшто не е оправдување за слабата потрошувачка, бидејќи медот воопшто не е скап. На саемот една тегла мед се продава за 500 денари, што е апсолутно прифатлива цена и секој може да  си  дозволи. Проблемот со неконзумација на мед е во тоа што свеста кај населението не е променета и се уште се смета дека мед се јаде само ако некој е болен, што не е точно. Медот иако има  хранливи состојки, не е само лек, туку и храна која може секојдневно да се конзумира, објаснува пчеларот Венче кој со пчеларство се занимава 20 години.

Покрај мед, на манифестацијата се продаваат и разни видови производи од мед, сапуни, прополис, полен, ликери и други лековити напитоци.

– Фалсификаторите секогаш одат еден чекор напред, што го прави тешко препознавањето на фалсификуваниот мед. Дали некој мед е вистински може да се  дознае само со лабораториско испитување, објаснува претседателот на „Матица“, и ги повикува купувачите да дојдат на штандовите на улица „Македонија“ каде што на сите заинтересирани ќе им бидат дадени совети како да не бидат измамени од продавачите на лажен мед.

Билбиловски нагласува дека климатски промени се повеќе влијаат на производството на  мед.

-Неколку години наназад снег паѓа во рана пролет, кога растенијата се во фаза на најголема вегетација. Тоа значи дека пчелното семејство по топењето  на смегот почнува од почеток да собира. Исто така и високите летни температури негативно се одразуваат. Оптимални температури за пчелите се до 30 степени, а ова лето имавме температури и над 40 степени, вели Билбилоски.

Манифестацијата ќе заврши на 26 септември во 14 часот, а денеска и утре е отворена од 8 до 20 часот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот