Пластична амбалажа /Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Европа ја брише пластиката, Македонија ја продава: Законот постои, но дали се спроведува?

Пластични чаши, сламки, чинивчиња, прибор за јадење, но и пластична амбалажа за една употреба се само дел од производите кои ги красат нашите маркети во време кога Европската Унија планира потполно повлекување на амбалажата која не се рециклира. Пластични ќеси, но без рачки се користат за пакување на овошјето и зеленчукот по продавниците, а на пазарите сè уште се користат оние обичните. На тезгите и пластичните ќеси за ѓубре над 50 литри се продаваат во слободна продажба, а никој не прашува што е со амбалажната пластика со која се спакувани пијалаците кои се продаваат на пакет. Иако има закон, не се почитува. Резултат од целата операција за намалување на употребата на пластичната амбалажа е масовниот увоз на биоразградливи ќеси од Турција и Грција и уште помасовниот увоз на полипропиленски торби.

Пластична амбалажа /Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Закон има, кој да го почитува нема

Употребата на пластична амбалажа во земјава е регулирана со Закон за управување со пакување и отпад од пакување кој е клучниот национален правен акт според кој се регулира целокупниот процес на производството, пуштањето на пазар и управувањето со отпадот од пакување. Тој вклучува обврски на економските оператори да ги намалат количините на пластична амбалажа, да ја зголемат повторната употреба и рециклирањето и да ги почитуваат националните цели за рециклирање.

Во 2021 година, Собранието донесе измени на повеќе закони од областа на отпадот, вклучувајќи и Законот за управување со отпад и Законот за управување со пакување и отпад од пакување. Со овие измени се воведе забрана за пуштање на пластични кеси за еднократна употреба на пазарот, со исклучок на биоразградливи кеси што ги исполнуваат утврдените стандарди. За да биде можно пуштањето на пазар на биоразградливи кеси, Министерството за животна средина донесе подзаконски правилници кои ја одредуваат нивната техничка спецификација (стандардите што тие мора да ги исполнуваат).

Пластична амбалажа /Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Практично од 1 декември 2021 година е забрането пуштање на пазар на пластични ќеси за носење стоки, освен ако се биоразградливи според прописите. Трговците мора да ги наплаќаат таквите ќеси по утврдена цена и да водат евиденција за нивната продажба. Според правилниците пластичните ќеси и други пластични пакувања за еднократна употреба се целосно исклучени од продажба, особено во заштитени природни подрачја и угостителски објекти, со цел да се намали загадувањето. Навидум се е како во Европа според закон, но праксата е сосема поинаква. По продавниците врие од пластична амбалажа.

-Имаме пластични чаши, сламки, чинивчиња, прибор за јадење, но и пластична амбалажа за една употреба,но имаме и производи за повеќекратна употреба. Нудиме и прибор од бамбус за една употреба, велат во маркетите и дополнуваат дека се е оставено на потрошувачите.

Екологијата се сведе на кеси со потскратени рачки

Канти за рециклирање

За волја на вистината канти за рециклирање има скоро секаде. Но ако погледнеме во нив иако се за стакло или пластика, внатре има се од употребена пластика, органско ѓубре, храна.

-Стапката на рециклажа во земјата е и натаму релативно ниска, а дел од отпадот завршува на депонии без соодветен третман. Недоволната инфраструктура, слабата контрола и ниската јавна свест се меѓу главните проблеми – велат еколошките организации.

Канти за рециклирање/Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Компаниите во Македонија веќе чувствуваат притисок да ги намалат пластичните пакувања и да воведат поодржливи алтернативи како хартија, стакло или биоразградливи материјали. Дел од производителите почнаа со редизајн на амбалажата, но транзицијата носи дополнителни трошоци.

Во земјава ова се случува во време кога Европската Унија влегува во нова фаза од борбата против пластичниот отпад, со построги правила за намалување на пластичната амбалажа и ограничување на производите за еднократна употреба. Целта е јасна, помалку отпад, поголема рециклажа и побрза транзиција кон циркуларна економија.

ЕУ во изминатите години усвои низа мерки со кои постепено се ограничува пластиката за еднократна употреба, како сламки, прибор за јадење, чинии и дел од пакувањата во прехранбената индустрија. Новите регулативи одат чекор понатаму, со амбиција значително да се намали количината на пластична амбалажа на пазарот до крајот на деценијата.

Новата европска регулатива за пакување, која стапи на сила во февруари 2025 година, донесе значителни промени во начинот на пакување и продажба на стоките, а клучните забрани ќе почнат да се применуваат од 1 јануари 2030 година. Целта е да се намали отпадот и постепено да се елиминира пластиката за еднократна употреба од секојдневната употреба во трговијата, угостителството и туризмот. Највидливите промени се очекуваат во супермаркетите – одделите за овошје и зеленчук ќе изгледаат поинаку бидејќи повеќето производи ќе мора да се продаваат без пластична амбалажа.

Купувачите ќе користат хартиени кеси или свои мрежести кеси за повеќекратна употреба, додека тенките пластични кеси генерално ќе бидат укинати. Исклучоци ќе бидат можни од хигиенски причини или за органски производи ако не може да се обезбеди јасна одвоеност од другите стоки. Пластичната фолија за групно пакување на пијалаци исто така ќе биде забранета, па производителите ќе преминат на картонски носачи или индивидуална продажба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот