„Епл“ го урна „Самсунг“ – американскиот гигант се враќа на врвот по 14 години
Според најновите податоци и анализи на пазарот, во 2025 година, за првпат по цели 14 години, американскиот гигант „Епл“ ќе го преземе од својот лут ривал, корејски „Самсунг“, врвот на пазарот кога е во прашање бројот на испорачани смартфони, пишува „Лајвминт“
Препорачано
Иако „Епл“ со години го држеше првото место кога станува збор за приходите и профитот од продажбата на телефони, јужнокорејскиот производител суверено владееше со рангирањето според бројот на продадени единици од 2011 година, благодарение на широкиот спектар на уреди што ги опфаќаат сите ценовни опсези, од најпристапните до премиум модели.
Аналитичката компанија „Каунтерпоинт рисрч“ предвидува дека „Епл“ ќе држи 19,4 проценти од глобалниот пазар за испораки на паметни телефони на крајот на годинава, дознава „Блумберг“. Клучните податоци што ја поддржуваат оваа прогноза се очекуваниот раст на испораките на „Ајфон“ од дури 10 проценти оваа година. Од друга страна, се предвидува поскромен раст од 4,6 проценти за уредите „Галакси“ на „Самсунг“.
Се очекува вкупниот пазар на паметни телефони да расте со стапка од 3,3 проценти, што значи дека „Епл“ расте трипати побрзо од просекот во индустријата.
„Ајфон17“ го храни растот на „Епл“, новата серија се продава како алва
Главниот двигател на растот на „Епл“ е исклучителниот успех на серијата „Ајфон17“, која беше претставена во септември. Новиот модел стана вистински хит не само на домашниот американски пазар, туку и во Кина, која останува еден од клучните пазари за „Епл“ и покрај силната локална конкуренција.
Освен исклучително позитивниот прием на серијата „Ајфон17“ на пазарот, клучниот двигател на подобрените изгледи за испораките лежи во достигнувањето на пресвртницата на циклусот на замена – објаснува Јанг Ванг, аналитичар во „Каунтерпоинт“.


