Енгел: Позитивните движења укажуваат дека земјата се движи во потребната насока – Слободен печат
ВестиМакедонија

Енгел: Позитивните движења укажуваат дека земјата се движи во потребната насока

Од своја страна Енгел ја нагласи улогата на законодавните тела во развојот на своите земји.

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска го прими американскиот конгресмен Елиот Енгел, претседател на Комисијата за надворешна политика на Претставничкиот дом на Конгресот на САД.

Како што информира собраниската прес-служба, Џафери му честиташе за стапувањето на функцијата претседавач со Комисијата за надворешна политика на Претставничкиот дом на Конгресот на САД и изрази благодарност до конгресменот за неговата значајна улога, имајќи предвид дека со неговото присуство и ангажман дал значаен придонес во просперитетот на регионот и нашиот успех во НАТО-интеграцијата.

-Претседателот Џафери му се заблагодари и за писмото со кое тој и конгресменот Мајкл Мекол, му се обратиле на Државниот секретар на САД Мајк Помпео, за поддршка на нашата земја во процесот на евроинтеграциите. Нашата држава, подвлече Џафери, досега и во иднина, во САД гледа најважен стратешки партнер кој во континуитет нè поддржува на секој план, не само нас туку и целиот регион, се наведува во соопштението.

Од своја страна Енгел ја нагласи улогата на законодавните тела во развојот на своите земји. Исто така, ја повтори силната поддршка на САД за НАТО членството на Република Северна Македонија, притоа честитајќи за определбата на нашата држава за развојот на добрососедството и за покажаната храброст при донесувањето на вистински одлуки во правец на решавањето на сите отворени прашања.

– Позитивните движења што ги гледам, продолжи Енгел, укажуваат на тоа дека Република Северна Македонија се движи во потребната насока. Двајцата соговорници се согласија дека билатералните односи меѓу двете држави се на највисоко ниво од воспоставувањето на дипломатските односи и континуирано ја следат нагорната линија, информира прес-службата на Собранието.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close