Енергетската криза изеде 220 милиони евра за здравствените домови, старски домови, патишта…

Фото: Град Скопје

Минатата година настрадале многу капитални проекти, покажа анализата во рамките на проектот „Ефекти на финансиската и енергетската криза врз политиките и врз граѓаните“, предводен од Центарот за граѓански комуникации, Здружението на даночни советници и здружението Активо со поддршка на Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.

Енергетската криза во 2022 година остави последици на државниот буџет и на капиталните инвестиции. Владата и општините пренасочија средства од виталните проекти за граѓаните, со неверојатна сума од над 220 милиони евра, покажува анализата во рамките на проектот „Ефекти на финансиската и енергетската криза врз политиките и врз граѓаните“, предводен од Центарот за граѓански комуникации, Здружението на даночни советници и здружението Активо со поддршка на Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.

„Владата не реализираше проекти во вкупна вредност од најмалку 170 милиони евра за реновирање здравствени установи, изградба на детски градинки и домови за стари лица, изградба на патишта, реконструкција на студентски домови и проекти за унапредување на животната средина. На локално ниво не беа реализирани 50 милиони евра за капитални проекти, како изградба на улици и патишта, наспроти тоа, тие ги зголемија патните трошоци, платите, договорните услуги и трошоците за привремено вработување“, вели Центарот.

Инвестициите во образованието во 2022 година се преполовени и од првично буџетираните 20 милиони евра, реализирани се само 10 милиони евра, а најголем удар бил врз студентските домови.

Оттаму посочија и дека капиталните расходи се помалку отколку што се прикажани.

„Капиталните расходи во 2022 година се реализирани за 163 милиони евра помалку од првично проектираните. Притоа, од вкупно реализираните капитални расходи во вредност од 465 милиони евра, дури 28 %, односно 131 милион евра, биле потрошени за исплати што не може да се сведат под категоријата „капитални“. Станува збор за дел од исплатите кон АД Електрани за надминување на енергетската криза во вредност од 97 милиони евра, плаќања гаранции по рати за кредити на АД за државни патишта и на Железници на РСМ Транспорт АД Скопје (30 милиони евра), како и за исплатите кон АД Пошта (2 милиони евра) и АД Водостопанство (1,8 милиони евра), исто така поврзани со енергетската криза“, се вели во истражувањето.

Неповолни движења во 2022 година покажуваат и обврските на институциите, и тоа како достасани а неплатени обврски, така и обврските што не се доспеани и треба да се платат во тековната или во наредните две фискални години. Вкупните пријавени обврски на буџетските субјекти на крајот од 2022 година изнесувале 800 милиони евра, и во однос на 2021 година се зголемени за 30 проценти, забележуваат проектните истражувачи.

Буџетот на Македонија за 2022 година иницијално е усвоен со проектирани расходи на ниво од 4,6 милијарди евра. Со измените и дополнувањата на буџетот извршени во јули 2022 година, расходите се зголемени за 5,73 проценти, односно за 265 милиони евра. По ребалансот од јули, во ноември и декември 2022 година се донесени и две одлуки за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите. Буџетот е реализиран на ниво од 96,28 %, односно во износ од 4,7 милијарди евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот