Ем здрава, ем вкусна: Кремаста паста со зеленчук од рацете на Стефанија Несторовска

Фото: Приватна архива

Во лето најмногу сакаме лесна храна што брзо се подготвува. Наместо разновидни оброци со салати, пробајте го овој рецепт. Макароните, како и разните рецепти со тестенини, ни доаѓаат од Италија, а тие се познати како големи гурмани.

Младата и инвентивна Стефанија Несторовска, која стои зад инстаграм-профилот и блогот snestorovska.com, овој пат ни носи рецепт за јадење што се подготвува за многу кратко време, со неодолива комбинација на тестенини од брашно од хелда и вкусот на Медитеранот.

Доколку сакате поздрава варијатна на оброкот, тогаш во овој рецепт користете макарони од хелда. Хелдата е една од намирниците чија популарност секојдневно расте, а сето тоа благодарение на тоа што има бројни лековити состојки.

Состојки:

– 250 г макарони од хелда или какви било макарони
– 1 цела брокула, измиена и расечкана на мали цветчиња
– 5-6 брикети замрзнат спанаќ
– 1 лажичка сол
– малку бибер
– 1 лажичка медитерански зачин (оригано, нане и слично.)
– 150 г грчки јогурт
– 2 лажици веге пармезан или обичен

Совет: Не заборавајте да ја зачувате водата од тестенините

Фото: Приватна архива

Начин на подготовка:

Се варат тестенините според инструкциите на пакетчето. Зачувајте малку од водата во која се варат тестенините, па процедете. Оставете ги настрана.

Во големо плитко тенџерче додајте малку маслиново масло. Кога ќе се загрее, додајте ги спанаќот и брокулата. Додајте 1-2 лажици од водата од тестенините и поклопете со капак за да се зготват и омекнат. Додајте ги и зачините.

Во меѓувреме, направете го и сосот. Во мал сад додајте ги грчкиот јогурт и веге пармезанот. Се додаваат и 1-2 лажици од водата во која се вареле тестенините, доволно за да се изретчи сосот.

Во тавата со зеленчук се додаваат тестенините, се промешува убаво за да се соедини со зеленчукот, па потоа се додава и сосот. Убаво се промешува и се остава 3-4 минути на тивко за да попримат вкусовите еден од друг.

Превкусни се кога се сервираат топли, но одлични се и како ладен оброк директно од ладилник.

Уживајте во единствениот вкус!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот