Ели Медика Плус доби забрана да зема брисеви за ковид-19 во дојранските казина

Архива

Лабораторијата Ели Медика Плус доби решение за забрана за вршење на здравствена дејност спротивно на прописите за здравствена заштита во казино во Дојран, дознава Слободен печат од свои извори во Државниот здравствен и санитарен инспекторат. Целата документација ќе му биде испратена на министерот за здравство Венко Филипче на понатамошно постапување.

Завчера, на 6 јануари, ДСЗИ изврши вонреден инспекциски надзор во казиното Кинг подружница Стар Дојран и во приватната здравствена установа Ели Медика Плус Гевгелија поради добиени информации дека во посочениот правен субјект во Стар Дојран се вршат тестирања за посетители на коцкарницата за Сарс Ков 2 вирус. При надзорот е констатирано дека постои импровизиран пункт лоциран на првиот кат во административниот дел, кој бил означен како ковид тест зона.

Во моментот на надзорот во просторијата затекнати биле три медицински лица во комплетна лична заштитна опрема кои ги вршеле тестирањата. За тој ден, 6 јануари, евидентирани биле седум тестирани лица.

Во ПЗУ Ели Медика Плус, направен е надзор во медицинската документација и законите во надлежност на ДСЗИ. По завршување на надзорот, инспекторите донеле решение за забрана на Кинг казиното за вршење здравствена дејност спротивно на прописите од Законот за здравствена заштита.

Употребуван бил простор во казиното без претходна согласност од Министерството за здравство. За ПЗУ Ели Медика Плус, донесено е решение за забрана за вршење здравствена дејност спротивно на прописите за здравствена заштита, употреба на објект простор без претходна согласност од Министерството за здравство.

Откако грчки новинари со скриени камери влегоа во дојранските казина и самите успеаја, без да им биде земен брис, да добијат негативен антигенски тест на ковид-19, македонската полиција влезе и направи претрес во лабораторијата и во казината.

Според информации на „Слободен печат“, направен е претрес на службени простории кои ги користат службени лица на правното лице „Ели Медика“ кои се наоѓаат во казиното „Кинг слот принцес“ во Стар Дојран. Направен е претрес и во службените простории на правното лице „Лабораторија за молекуларна дијагностика Ели Медика” од Гевгелија и претрес на казиното „Слот принцес“ што се наоѓа во поранешните објекти на фришоп на граничниот премин Стар Дојран.

Во регистарските влошки пишува дека „Ели Медика Плус“ – Гевгелија е отворена на 17 јуни 2021 година, а како сопственици фигурираат Ѓорги Јанев и Тони Хаџи Тасев. Тестовите правени во оваа лабораторија многу македонски државјани ги користеа за патување преку грчката граница летоска кога се бараше доказ за негативност на ковид-19. Тие беа и уште се признаени од грчките и македонските погранични власти.

Иако „Ели Медика Плус“ – Гевгелија е фирма со понов датум (од летоска и се наоѓа спроти Општа Болница Гевгелија), ПЗУ поликлиника „Ели Медика“ – Струмица пак, не е фирма од вчера. Таа фигурира како здравствена установа за медицина на трудот, а во 2018 година, според сајтот за е-набавки, Факултетот за безбедност побарал систематски преглед за 53 вработени токму од оваа медицинска фирма. ПЗУ „Ели Медика“ – Струмица ја најдовме и како фирма со која МВР склучило договор за јавна набавка во 2018 година. Тендер во 2015 година добиле и од општина Штип за систематски прегледи.

Од МВР соопштија дека во нивната истрага за казината одземена е службена медицинска документација за извршени тестирања за присуство на ковид-19 направени на странци. Документацијата е предаденана на ОЈО Гевгелија. Одземен е електронски дневник на издадени сертификати од 19 декември до денот на претресот, а извршени се и службени разговори со две лица. Грчкиот новинар, пак, на 4 јануари годинава бил во дојранското казино со скриени камери каде вели дека добил лажен сертификат издаден од оваа лабораторија без да му биде земен брис.

Фабриката за лажни ковид сертификати, според истражувањето на грчките новинари, била во функција со цел да им се овозможи удобно патување назад на посетителите на дојранските казина, односно, Грците да може да отпатуваат назад во својата земја на граница после туристичкиот престој во казината. Но, за тоа ниту им бил земен брис, ниту пак им бил извршен тест, односно резултатите биле фиктивни, а изгледале веродостојно, испишани на англиски јазик, погодни за преминување на граничен премин. Наводните тестови кои не биле извршени, исто така, влегувале во листата на официјални и признаени антигенски тестови марка Абот, со сензитивност од над 96 проценти.

Лабораторија со името „Ели Медика“ но без плус, секојдневно фигурира во дневните статистики на Министерството за здравство, што значи дека има дозвола за работа. Вчера од оваа лабораторија направени се 173 тестови од вкупно направените 7.932 на државно ниво.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот