Експертите советуваат: бидете на штрек, не си играјте со здравјето на децата- не постои млеко без афлатоксин

Млеко во прав/ Фото Paul Rapson / Alamy / Profimedia

Во моментот дозволеното ниво на овој загадувач во млекото во Србија е петпати повисоко отколку во Европската Унија, односно и од кај нас, а тоа остава простор за шпекулации за загрозување на здравјето. Важно е да се истакне дека сè уште не е дефиниран дозволениот дневен внес на токсини, но секако дека мора да се одржува во дозволените граници и на најниски можни концентрации во млекото, објаснуваат фармаколозите

Македонските инспектори треба постојано да бидат на штрек, сè додека Србија не го усогласи дозволеното ниво на афлатоксинот (АФМ1) во млекото, брифираат експерти за „Слободен печат“. Во моментот дозволеното ниво на овој загадувач во млекото во Србија е петпати повисоко отколку во Европската Унија, односно и од кај нас, а тоа остава простор за шпекулации за загрозување на здравјето.

Границата во Србија е поставена на 0,25 микрограми на литар млеко, додека европските стандарди дозволуваат 0,05 микрограми на литар. Правилникот за максимални концентрации на одредени загадувачи во храната, кој српското Министерство за земјоделство го донесе на 18 ноември 2022 година, предвидува намалување на дозволените нивоа на оваа супстанција од 1 декември 2023 година, една година подоцна од првичниот план. Македонија е нето-увозник на млеко и млечни производи и тоа главно од Словенија, Германија, Хрватска, Полска, Србија и БиХ. Според светскиот сајт Ворлд топ импортс, Македонија е на 98. место меѓу стоте најголеми увозници на млеко и лани за таа намена се потрошени 28,6 милиони долари, што е зголемување од 32,5 отсто во однос на 2018 година.

Бидејќи, афлатоксинот е проблем на целиот регион, пред десетина години министрите за земјоделство од ЈИЕ се согласија да обезбедат основа за контрола на афлатоксини во сточната храна и млеко и да ги следат постојните граници утврдени со прописите на Европската Унија, но очигледно е дека договореното не се почитува.

Лекарите се двоумат за тоа колкаво количество афлатоксин, супстанција што може да доведе до многу болести, може да влијае врз здравјето. За да се произведе еден килограм сирење, потребни се најмалку 3,5 литри млеко. Тоа значи дека 3,5 пати е зголемена опасноста по здравјето на луѓето од еден килограм сирење. Заради превентива, особено што децата се најголеми пијачи на млеко, но и за да не се кршат нашите прописи, Агенцијата за храна и ветеринарство лани во ноември соопшти дека од продажба се повлекува небезбедно трајно млеко „Милкано“ со 3,2 отсто масленост поради присуство на афлатоксин М1. Млекото е произведено во Босна и Херцеговина, а увозник и дистрибутер беше „Стокомак“ од Скопје. Истиот месец беше повлечен и „баланс плус јогурт“ на „Имлек“ во пакување од 1 литар поради тоа што „количеството испратени производи имало неконзистентна концентрација на афлатоксин според македонските регулативи и претставува потенцијален ризик за здравјето на луѓето“.

Важно е да се истакне дека сè уште не е дефиниран дозволениот дневен внес на токсини, но секако дека мора да се одржува во дозволените граници и на најниски можни концентрации во млекото, објаснуваат фармаколозите. Момир Миков, професор по фармакологија и токсикологија на Медицинскиот факултет во Нови Сад, за српските медиуми рече дека примената на двата стандарди, оној во ЕУ или во Србија, е доволно за да се обезбеди безбедност на храната.

Афлатоксинот е хемиска супстанција, односно збир на отрови што можат да предизвикаат голем број болести кај луѓето, какви што се заболување на црниот дроб или рак, се наведува на веб-страницата на Енциклопедија Британика. Се создава како производ од развојот на мувлата аспергилус флавус и има повеќе видови, а најчесто влегува во исхраната на човекот преку јаткастите плодови како кикиритките и житариците како пченката. Во храната се мери нивото на два вида афлатоксин – Б1 и М1. Кога зборуваме за мерењето во млекото, тогаш тоа е М1, иако разговорно секогаш велиме дека сме мереле „афлатоксин“, но дозволената норма за Б1 може да биде и до 20 или 30 пати поголема во храната.

Оваа супстанција влегува во млекото главно преку пченката што им се дава на кравите. Млеко без никаков афлатоксин не постои бидејќи се складира во маснотии и во капки маснотии, но прашање е дали човечкото или животинското тело може безбедно да ја отстрани таа количина од телото.

ЕУ сугерира дека Србија мора да внимава на афлатоксинот

Европската комисија оценувајќи ја безбедноста на храната во Србија, Црна Гора, Северна Македонија и во Турција во својот извештај проследен на 8 ноември 2022 година, меѓу другото за Србија посочи дека земјата мора да внимава на афлатоксинот во млекото.

– Како што е забележано веќе неколку години, дозволеното ниво на афлатоксини во млекото останува петпати повисоко од границата на ЕУ. Србија треба постојано да врши анализи пред пристигнување и пред поаѓање, вклучувајќи проверки за безбедност на храната, во согласност со правилата на ЕУ – стои во извештајот за безбедноста на храната кај нашиот северен сосед. Сè уште се памети и скандалот со афлатоксин во 2013 година, кој ги потресе млекарниците, производителите и тогашните политичари.

Светските анализи покажаа дека продолжените суши како и највисоките забележани просечни летни температури годинава, го зголемуваат и ризикот од микотоксини.
Инаку, Германија прва откри зголемено ниво на алфатоксин М1 во пченката што ја увезувала од Србија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот