Експанзијата на мистериозната МЕТ Груп во Бугарија и на Балканот

Во бугарскиот енергетски сектор, каде доминираат големи државни компании, влезот на приватни, а особено странски играчи, кои немаат поврзаност со властите, е исклучително ретка појава. Затоа секој ваков обид привлекува внимание, а еден од нив е во тек.

Кога во 2017 година швајцарскиот холдинг МЕТ, зад кој официјално стојат Унгарци, а во минатото и Руси, ја регистрираше бугарската компанија „МЕТ енерџи трејдинг – Бугарија“, никој во индустријата не и обрнуваше многу внимание на фирмата, која за пошироката јавност остана целосно непозната. Две години подоцна, МЕТ е еден од најголемите трговци на електрична енергија и гас во земјата, зголемувајќи го својот промет на импресивни 92 милиони лева, со најава за уште поголема експанзија. Истовремено, бугарската ќерка-фирма на швајцарскиот холдинг стана единствената компанија, покрај рускиот „Газпром експорт“, што успеа да обезбеди пренос на гас, долж Турскиот поток, преку Бугарија. Во моментов пак, од страна на друга ќерка-фирма „МЕТ Renewables Holding“ тече зделка за купување на петтата најголема фирма за ветерници во земјата.

Поради двете нови линии, може да се очекува улогата на МЕТ во Бугарија да стане навистина сериозна во 2021 година – преку своите подружници компанијата ќе произведува и тргува со електрична енергија, а ќе може и да снабдува и пренесува природен гас на големо до крајните потрошувачи.

Првиот чекор кон влог

Првата инвестиција на МЕТ во Бугарија ќе биде активирањето на петтиот по големина ветерен парк – оној на „Енел Грин Пауер Бугарија“, во близина на Каварна со капацитет од 42 мегавати. Договорот беше објавен во октомври оваа година, а на 17 ноември беше доставено соодветно известување до Комисијата за заштита на конкуренцијата. Регулаторното тело се очекува да се произнесе до крајот на годината или најдоцна во првата недела од 2021 година, а засега навидум нема сериозни причини за барањето да биде одбиено.

– МЕТ Груп веќе е присутна на пазарот со други трговски дејности, па затоа внимателно ги следевме локалните можности за спојувања и преземања и со оваа трансакција ја најдовме вистинската влезна точка. Бугарија има високоразвиена индустрија за обновлива енергија со поволни временски услови, велат од компанијата за бугарскиот магазин „Капитал“, додавајќи дека тие имаат за цел да создадат разновидно портфолио за производство на обновлива енергија од неколку стотици мегавати во Централна и Источна Европа, вклучително и соларни проекти, како и проекти со ветерници.

Компанијата не ја открива вредноста на конкретниот договор. Пазарна проценка е тешко да се направи, бидејќи во Бугарија во последните години нема продажба на парк со ветерници. Покрај тоа, бизнисот не е стандарден – покрај повластената цена за набавка на енергија, бизнисот има ограничен век на траење – 25-30 години, по што турбините стануваат неефикасни. Конкретниот ветерен парк на „Енел Грин Пауер Бугарија“ беше пуштен во употреба во 2010 година и има 25-годишен договор за набавка на произведената енергија по повластени цени со Националната електрична компанија (НЕК). Минатата година, вкупната добивка на 14-те подружници на Енел, кои одделно работат со турбините (секоја со по три мегавати моќност), е нешто повеќе од 5,5 милиони лева.

Ветерници на „Енел“

Во моментот преостануваат уште 15 години од повластениот договор за набавка и уште максимум пет години „дополнителен век“ на турбините, но со намалена продуктивност и можност за продажба на слободниот пазар. Доколку се направи споредба со слични продажби од регионот и се земе предвид преостанатиот век на траење на ветерните електрани, може да се претпостави дека пазарната проценка на купопродажбата на МЕТ изнесува околу 35-40 милиони евра. Сепак, самата исплата ќе биде значително помала, бидејќи подружниците на „Енел“ имаат над 48 милиони лева долг, најмногу поради инвестицискиот заем што им го додели нивната матична компанија пред 10 години за изградбата на ветерниците.

Ова не е прва инвестиција во обновливи енергетски ресурси на МЕТ во регионот. Минатата година, повторно преку МЕТ Renewables, холдингот започна со работа на проект за изградба на ветерните електрани Пландиште, во Србија, со моќност од 102mW. Интересно во овој случај е тоа што партнер во овој потфат е српската енергетска компанија НИС, која е во сопственост на рускиот Гаспром. МЕТ Renewables и НИС основаа претпријатие со заеднички влог, откако МЕТ, од трети страни, се здоби со 50% удел во српскиот проект за ветерни електрани.

– МЕТ гледа на растот на производството на обновлива енергија во Централна и Источна Европа како на клучен дел од нејзината идна деловна стратегија, истовремено поддржувајќи ја енергетската транзиција од јаглен во Европа, се вели во соопштението на компанијата од пред една година. Сега, од групацијата со седиште во Швајцарија, за Капитал велат дека тие активно ги истражуваат можностите за понатамошен развој во Бугарија.

Сенката на гигантот за гас

Иако засега зделката во обновливи извори на енергија на МЕТ во Бугарија е многу повидлива, активносите на холдингот во енергетскиот сектор со гас е далеку позначаен. Тоа не е изненадувачко со оглед на фактот дека во последните неколку години MET Holding стана еден од најголемите играчи на пазарот на гас во Централна и Источна Европа со приходи од скоро 12 милијарди евра.

Локалниот огранок на MET Holding AG, „MET Energy Trading Bulgaria“, е регистрирана во 2017 година, но вистинската активност започнува во 2018 година, кога беа пријавени приходи на нешто повеќе од 18 милиони лева, главно остварени од продажби кон други компании на холдингот од Романија и Австрија. Во 2019 година, пак, фирмата има вистински бум во развој на бизнисот, со приходи кои достигнуваат скоро 92 милиони лева (раст од над 500%), што ја позиционира компанијата меѓу 30-те најголеми во енергетскиот сектор.

Од компанијата за „Капитал“ објаснуваат дека своите активности ги остваруваат претежно преку финансирање од страна на групацијата, како и од сопствени финансиски ресурси. „Стратегијата на MET Energy Trading Bulgaria EAD е како да врши продажба на крајни потрошувачи и трговци, така и да учествува активно на пазарите, кои се соседни на Бугарија, за природен гас и електрична енергија преку реализација на арбитражни договори“, се вели во писмениот одговор на компанијата.

Поточно, трансакциите поврзани со природен гас на MET Energy Trading Bulgaria тежат 62 милиони лева (или 68% од приходите), а останатите 30 милиони лева се производ од трговија со електрична енергија – купена од бугарски производители и продавана на големо, веројатно за извоз. Интересно е што една третина од продадениот природен гас е наменет за крајни корисници, што значи дека „МЕТ Енерџи Трејдинг Бугарија“ не е само продавач на големо, туку веќе се натпреварува на бугарскиот пазар со компании како „Булгаргаз“, „Овергас“ итн., а веројатно и на малопродажниот пазар во Грција.

10% од гасот искористен во Европа во 2019 година припаѓа на МЕТ Груп

Нема детален отчет во финансиските извештаи, но може да се забележи дека 52% од вкупните приходи на компанијата, или 47,8 милиони лева, се од остварени продажби кон локални клиенти, додека остатокот е кон странски лица, вклучувајќи и кон МЕТ Груп (18%, или 16,7 милиони лева).

– Во моментов, MET Energy Trading Bulgaria е активен на соседните пазари на природен гас во Грција и Романија, бидејќи Булгартрансгаз има склучено договори за интерконекција само со операторите на системот за гас од овие две земји. Очекуваме да бидат склучени такви договори со операторите на системот за гас од Турција, Србија и Македонија. „MET Holding AG“ има подружници во Турција и Србија, што ќе ни овозможи да ги прошириме нашите активности и на овие пазари, додаваат од компанијата.

Бугарија во фокусот

Извршниот директор на MET Energy Trading Bulgaria, Камен Ивчев го дефинира пазарот на природен гас во земјата како комплексен, со еден главен играч – Булгаргаз, кој им продава гас на своите клиенти според договори со клаузула „земи или остави“ и по цена одобрена од регулаторната Комисија за регулирање на енергенсите и водата. „Тешко е за трговците со природен гас да влезат на овој пазар. Но, и покрај овие тешкотии, во 2019 година, „МЕТ Енерџи Трејдинг Бугарија“ успеа да склучи договори со крајни потрошувачи. Тоа се компании од најразлични области, како производство на стакло и керамика, топлификациски фирми, производители на градежни материјали, на хемикалии, фармацевтски производи, компании за дистрибуција на гас и други“, коментира Ивчер за „Капитал“ и посочува дека компанијата купува природен гас во зависност од пазарните услови од сите пазари каде е активен холдингот.

Камен Ивчев

– Првите активности со електрична енергија се факт уште од 2018 година. Во моментот „МЕТ Енерџи Трејдинг Бугарија“ е активна на сите платформи на Бугарската независна берза за енергетика и тргува со други компании од холдингот или со партнери кои граничат со Бугарија, со сите соседни оператори на електрична енергија. „Од крајот на 2019 година, компанијата ги започна првите испораки на електрична енергија до индустриските потрошувачи, барајќи синергија помеѓу снабдувањето со гас и електрична енергија“, рече Ивчев.

Тој исто така посочи дека во контекст на инвестицијата на MET Holding AG во паркот со ветерници во Бугарија, MET Energy Trading Bulgaria ќе го зајакне своето присуство на пазарот на електрична енергија, фокусирајќи се на развојот на холдингот и зголемување на количините доставени до крајните клиенти. Во исто време, тврди Ивчев, фокусот ќе остане на прекуграничната трговија.

Поврзаноста со Гаспром

MET Energy Trading Bulgaria е единствената компанија, покрај рускиот Гаспром, која учествува во постапката на Булгартрансгаз за обезбедување капацитети од Турскиот тек, што е на територијата на Бугарија. Ова предизвика коментари дека МЕТ е блиска до руската компанија, но тие се категорични дека ваквите обвинувања се неосновани и не се засноваат на факти, туку само на претпоставки. „Стратегијата на групацијата вклучува трајно присуство на пазарите во регионот и во овој поглед сме заинтересирани за капацитетот, што воедно нуди врска со пазарите каде МЕТ е веќе активен“, објаснија од компанијата, посочувајќи дека информациите за сопствеништвото на МЕТ се јавно достапни – 80% од сопствеништвото припаѓа на лица директно вклучени во управувањето со компанијата, а другите 20% се во сопственост на сингапурската корпорација „Кепел“.

Камен Ивчев појаснува дека овој капацитет не претставува транзитен коридор, туку посебен влез од Турција и излез кон Србија, каде МЕТ веќе има свои компании што се лиценцирани за трговија со гас, така што гасот од сите извори ќе може да стигне до Србија и оттаму ако има пазарен интерес да продолжи кон Унгарија и Австрија. „Важно е да се нагласи дека на долгорочна основа има околу 1,5 милијарди кубни метри годишно слободен капацитет за Србија и овој капацитет се очекува да се зголеми со изградбата на новиот интерконектор Бугарија-Србија (IBS)“, додаде тој.

Тоа не е сè

МЕТ Енерџи Трејдинг Бугарија е еден од активните учесници на берзата на гас Balkan Gas Hub, а од компанијата дури и се фалат дека го склучиле првиот онлајн договор на оваа платформа. Со развојот на слободната трговија, улогата на МЕТ на бугарскиот пазар веројатно ќе се зајакне. Покрај тоа, компанијата го оценува како совршено прифатливо сценарио откупувањето, односно обезбедувањето капацитет од интерконекторот со Грција (ИГБ), како и „секој друг што има комерцијална логика и посакува оптимизирање на портфолиото на компанијата“.

Очекувањата на Ивчев се за релативно стабилна 2020 година. Според него, во споредба со минатата година MET Energy Trading Bulgaria ги зголемува количините на природен гас што ги продава како на пазарот на големо, така и на крајните потрошувачи. Сепак, продадените количини на електрична енергија ќе бидат слични на количините од 2019 година поради намалената активност од рестриктивните мерки против КОВИД-19. „Генерално, нашите очекувања се дека приходите од продажба ќе бидат слични со оние од 2019 година, поради пониските цени на гасот“, изјавува директорот на компанијата.

Во следните две години, многу долгорочни договори за снабдување со гас во регионот ќе истечат, вклучително и на Гаспром за Бугарија на крајот на 2022 година. Во исто време, ќе започнат испораките од долгорочни договори со други извори, како што е азербејџанскиот гас во обем од една милијарда кубни метри годишно, што „Булгаргаз“ ќе почне да го добива од 1 јануари 2021 година. Инфраструктурата исто така се менува – има можности за реверзибилно користење на постојните траси, изградба на нови гасоводи, терминали за ЛНГ и објекти за складирање. Сето ова се случува во сенка на новата енергетска регулатива во ЕУ, која се фокусира на трансформација на енергијата и нискојаглеродна економија. „Ова се фактори кои недвосмислено ја дефинираат не само 2021 година, туку и следните неколку години, како години исполнети со динамика и предизвици за пазарот на природен гас“, рече Камен Ивчев, додавајќи дека сега е тешко да се направат конкретни предвидувања, но сигурно дека пазарот на гас каков што го познаваме од блиското минато веќе нема да биде ист.

Приказната на МЕТ: блискоста со „Газпром“ и Орбан

Официјалната визит-карта на MET Group гласи вака: европска енергетска компанија со седиште во Швајцарија, во Цуг, која работи на пазарите со природен гас, електрична енергија и нафта. МЕТ учествува на 26 национални пазари на гас, 22 меѓународни трговски берзи и во 14 земји преку фирми-ќерки. Во 2019 година, консолидираните приходи од продажбите остварени од целиот холдинг се 11,7 милијарди евра, а обемот на тргуван природен гас е 50 милијарди кубни метри. Според сегашните податоци за сопствеништвото, 80% од МЕТ е во сопственост на неговите вработени и 20% од сингапурската корпорација Кепел. Извршен директор е Унгарецот Бенјамин Лакатош, кој исто така е и косопственик.

Сепак, приказната на создавањето на МЕТ Груп е силно испреплетена со енергетските интереси на Русија, што може до одреден степен да ја објасни актуелната тесна соработка помеѓу швајцарската холдинг-компанија и рускиот „Гаспром“ во Србија, на пример.

МЕТ е основана во 2007 година од унгарската државна корпорација за гас „МОЛ“, за која работел Лакатош во тоа време. Во 2009 година, сепак, МЕТ е трансформиран во акционерско друштво и како партнер со 50% учество се јавува оф-шор компанијата Норместон Трејдинг Лимитид. Бројни публикации на интернет и голем број новинарски истраги, вклучувајќи и документи од „Офшор ликс“, покажуваат дека зад офшорот стојат руски лица или руски државни компании.

Две и пол години подоцна, Норместон Трејдинг Дооел ги продава своите акции на RP Explorer Liquid Fund, друга офшор компанија, за која исто така се верува дека запазува руски интереси. Подоцна, и MOL и RP Explorer Liquid Fund продаваат 10% од своите акции на извршниот директор Бенџамин Лакатош. Тогаш во медиумите се појавија обвинувања дека унгарскиот премиер Виктор Орбан стои лично зад развојот на МЕТ, користејќи раководни лица за пренос на целиот бизнис со гас од државната МОЛ на новата приватна компанија.

Во 2013 година е основана МЕТ Холдинг во Швајцарија, која е во стопроцентна сопственост на унгарскиот МЕТ, што всушност се одвива преку разменување акции, па така сопствениците на стекнатата фирма станаа сопственици на купувачот. Со други зборови – создаден е нов „чадор“ на компанијата. Објава на унгарската веб-страница https://energiaklub.hu во декември 2016 година покажува дека скоро по формирањето на швајцарската холдинг компанија, RP Explorer Liquid Fund продаде две третини од своите акции на други оф-шор компании, во сопственост на Унгарците Иштван Гаранци и Ѓорд Наѓ. „Иако Унгарците и Русите се крајни сопственици според веб-страницата на компанијата, заради релативно големата улога на оф-шор компании, не можеме да бидеме убедени дека меѓу нив нема и други вмешани“, пишува унгарскиот веб-сајт, додавајќи дека е тешко да се разбере зошто акционерот RP Explorer Liquid Fund, поврзан со Русија, го продава најголемиот дел од своите акции на Унгарците. „Можно објаснување е дека има тајни договори меѓу унгарските и руските власти, бидејќи за време на овие настани се водат преговори за неколку прашања меѓу лидерите на двете земји. Примери за тоа се откупот на акциите на МОЛ во „Јужен тек“. долгорочниот договор за гас и реализација на нуклеарната централа Пакс II“, се вели во написот подготвен од Центарот за проучување на корупцијата во Будимпешта (ЦРЦБ) во рамките на проектот „Енергијаклаб“, насловен „Отпор кон преземањето на државата, со зајакнување на граѓанските дискусии за унгарскиот енергетски сектор“.

Во 2018 година, менаџерите и малите акционери на МЕТ, обединети во „МЕТ Капитал Партнерс АГ“, предводени од Бенџамин Лакатош, ги откупија акциите од другите сопственици како што се МОЛ и RP Explorer Liquid Fund. За таа цел, тие користат заеми од ИНГ банката. Сингапурската „Кепел корпорација“ влегува во МЕТ во 2020 година со 20% удел, од 53 милиони евра.

Извор: capital.bg

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот