Ексклузивно интервју со хрватскиот актер Рене Биторајац: По 20 години брак можам да претпоставам дека сум добар сопруг
Филмскиот хит „Свадба“ дефинитивно стана најгледаниот хрватски филм на сите времиња. Со еден милион гледачи за само три недели, ги собори сите рекорди и се претвори во апсолутен регионален хит. Во Скопје, по премиерата во „Синеплекс“, беше забележана истата голема посетеност како и низ регионот.
Препорачано
Во ексклузивно интервју за „Слободен печат“ разговараме со хрватскиот актер Рене Биторајац, кој со ликот на Миленко во „Свадба“ ја освои публиката. Сопруг, татко, актер, „Бед блу бојс“… За снимањето на филмот, приватниот живот, љубовта со сопругата, за децата и најголемата љубов – фудбалскиот клуб Динамо Загреб, зборуваме со Биторајац.
„Свадба“ стана најгледан хрватски филм на сите времиња. Реално, филмски хит не само во регионот, туку и низ Европа. Искрено, го очекувавте ли тоа и како се чувствувате кога публиката реагира толку позитивно?
– Уф, би било арогантно кој било од нас да прогнозира такво нешто. Верувавме во успехот, дури спомнувавме и можност да се приближиме до тогаш најгледаниот хрватски филм „Како започна војната на мојот остров“, но ваква гледаност не можевме ни да сонуваме. Сценариото од самиот почеток ми го привлече вниманието и имаше потенцијал. Откако се избра актерската екипа, тоа се искачи на уште повисоко ниво. По снимањето бевме уште посигурни во успехот, но повторно морам да кажам, не толку многу.
Филмот го опишавте како нешто што не е политичко, но е многу реалистично и духовито. Раскажете ни малку повеќе за Миленко? Она што ми го привлече вниманието е изјавата на режисерот дека за да го доловите ликот, моравте да добиете неколку килограми. Колку ви беше тоа тешко?
– Во филмот ликовите не се карикатури, туку карактери што нѐ опкружуваат. Јас познавам неколку „Миленковци“, па на ликот работев според луѓето што ме окружуваат. Покрај тоа, колку комедијата се игра пореалистично, толку е поубедливо сценариото, а дијалозите се на повисоко ниво. Уживав во оживувањето и во градењето на својот лик, почнувајќи од физичката трансформација, па до сè друго. Не ми беше удобно да шетам по град со мустаќи и таа ретка коса на главата, да играм претстави и слично. Ми требаше време да се навикнам на себе, но колку помалку сум јас, толку е подобро за ликот. Добив неколку килограми, остатокот го зајакнав со костим за дебелеење („fat suit“) и испадна одлично. Повеќе за ликот во самиот филм.

Кој ви беше омилен хумористичен кадар за снимање и зошто?
– Публиката е поделена околу омилените сцени, изјави, реченици и ликови, што е супер. Тоа значи дека секој пронашол нешто за себе. Ние како актери најмногу се смеевме за време на снимањето, па најхумористичните сцени веројатно беа сосема други. Иако сме професионалци, преку импровизација, концентрацијата ни бегаше во смеење на сетот, па мислам дека од смешните грешки на снимањето, би можело да се направи уште еден краток филм.
Како беше да работите со Драган Бјелогрлиќ? Дали соработката на сетот се претвори и во приватно дружење?
– Заедно работевме на филмот „Кајмак и џем“ уште во 2003 година. Но, ова беше можност да се запознаеме подобро и да видиме кој како дише. Одличен партнер. Подготвен, посветен на улогата и полн со идеи. Му посвети внимание на филмот како да е негова продукција и му помогна на режисерот со корисни совети. Одлично се надополнувавме и резултатот е апсолутно видлив. Актерите што имаат години искуство знаат мошне да се опуштат и да одат по принципот „лесно ќе биде“, но кај него тоа никако не е случај. Со нетрпение го очекувам вториот дел.

Имате долга и богата актерска кариера. Кога сфативте дека актерството е вашиот животен повик? И успевате ли да останете исти и покрај големата популарност?
– Зад мене се 35 години посветени на оваа професија. Ако го земам предвид и аматерскиот почеток, тоа се уште 10 години повеќе. Сепак, без оглед на стотици претстави, четири филма и многубројни ТВ-улоги што ги имав како дете или млад човек благодарение на часовите по глума во тогаш моќното драмско студио на ЗКМ, бев сигурен дека сакам да се запишам на Академијата. Сепак, отидов откако на ФФК не поминав. Среќа, се случи да се запишам од прва, па иако спортот ме интересираше повеќе, се заљубив во глумата.
Денес имам и свое драмско студио за млади во рамките на нашиот приватен театар „Луда куќа“ заедно со партнерот Бранко Ѓуриќ-Ѓура. Направивме театарски „бум“ со концепт на кабаретски состав и денес имаме многубројна публика и прекрасни претстави. Уживам во театарот, но и во ТВ и филмските улоги што сè повеќе внимателно ги избирам, бидејќи можам да си го дозволам тоа. Популарноста понекогаш помага, понекогаш отежнува. Кога барам мајстор за плочки, како да се зголемува цената, од друга страна секогаш некој друг ми излегува во пресрет. Важно е дека останав ист. Барем така велат. Во последно време најмногу ме радува сценариското и режисерското работење, така што ако глумата застане, не морам да се грижам (хахаха).
На премиерата се појавивте заедно со сопругата и децата. Колку ви значи нивната поддршка во кариерата и како успевате да балансирате професионален и семеен живот?
– Ништо полесно со добра организација. Семејството ми е секогаш на прво место. И кога беа мали и сега кога повеќе не се. Имам прекрасно семејство и сум благодарен за тоа. Поддршката ме радува, како и фактот дека ќе имам вистински наследник, бидејќи и синот се запиша на Академијата за драмски уметности. Ќе има кој да игра и да води највесел театар во градот.

Каков татко сте – построг или повеќе пријател со своите деца?
– Она што сум воспитувал, сум воспитал. Се чини дека децата од една страна, денес се зрели, а од друга страна, повторно помалку одговорни. Мислам дека израснаа во супер личности. Сопругата е по струка воспитувачка, така што околу воспитувањето никогаш не е проблем, а јас како татко…? Хм, строг, но праведен, денес пријател.
Каков сопруг сте во секојдневниот живот – романтичен, практичен или малку хаотичен?
– По 20 години брак можам да претпоставам дека сум добар. Многу луѓе околу мене се разведуваат, динамиката на животот се менува, но ние сè уште сме еден покрај друг. Секако, романтиката порано беше поголема, но секогаш има романтика. Треба да се задоволи саканата личност. На практичноста работиме заедно, а хаотичноста е повремена.

Се снаоѓате ли во кујна?
– Се снаоѓам. Знам каде стојат чиниите, каде е даската за сечење леб (ха-ха-ха). Не сум некој готвач, знам нешто да направам и нема да останам гладен, но да готвам да импресионирам некого – не баш. Среќа, сопругата е мајсторка за тоа. Од риба и гулаш до печење и колачи.
Кога се одморате од глумата, имате ли некоја необична или забавна семејна традиција?
– Обврските се на сите страни, па иако се среќаваме дома, секогаш некој брза. Традиција е да сме заедно на родендени и некои празници. Одиме и на некое патување или на скијање. Традиција се Божиќ и Велигден во нашата викендичка во природата на Горски Котор. Секогаш имаме необична забава затоа што кај нас не знаеш кој е полуд. Многу се смееме, играме игри и се глупираме. Се разбира, само внатре во четири ѕида.

Драган Бјелогрлиќ ве опиша како брз, духовит и екстремно симпатичен „Бед блу бојс“ (Bad Blue Boys). Па кажете ни, што за вас значи Динамо Загреб?
– Се идентификувам со Загреб. Роден сум и денес живеам во неговото срце, во центарот. Некогаш го знаев секој двор бидејќи влезовите беа отворени, секој локал бидејќи не беа многу, и секое игралиште бидејќи секогаш беа зафатени. Градот до денес значително се промени. Тоа е европска метропола каде што животниот стил е многу поразличен од порано, и тоа е нормално. Но Динамо е секогаш тука. На првиот натпревар бев уште во 1981 година. Имав среќа да го доживеам и тој жар на првенството во 1982 година кога Динамо ја освои титулата. За мене, одењето на натпревари беше момент на непроценлива среќа, обред, лунапарк… Бев и на оној никогаш одигран, но многу емотивен натпревар во 1990 против Црвена звезда. Едноставно нешто со што се врзав како дете и што долго ме држеше и ми предизвикуваше емоции. Динамо е гордост на градот на кој припаѓам. Денес, помалку одам на стадион, но не пропуштам да гледам, било во друштво или сам.


