Екипата на Националната галерија во 2021 година оствари завидни резултати

Националната галерија, како една од најзначајните установи од областа на уметноста во државата, во текот на 2021 година оствари завидни резултати во реализацијата на својата програма. Неизвесноста што ковид-пандемијата ја создаде во 2020 година со почитување на здравствените протоколи беше надмината во текот на 2021 година.

Според директорката на Националната галерија, Дита Старова Ќерими, покрај сите здравствени потешкотии што ги донесе ковид-кризата, минатата 2021 година беше една од најдобрите за оваа културна установа. Своето мислење таа го потврдува со бројките на реализираните проекти.

Во текот на 2021 година во Националната галерија беа реализирани 20 програмски проекти, од кои пет ретроспективни изложби, 19 вонпрограмски проекти и меѓународни соработки, галеријата ја доби наградата на ИКОМ – Музеј на годината, а во организација на галеријата се одржа националното претставување на Венецијанското Биенале за архитектура.

Меѓу проектите се и почетните зафати за реконструкција на „Спомен-куќата на Лазар Личеноски“, како и 27 конзервирани мозаици и пет графити од „Спомен-куќата Лазар Личеноски“.

Галеријата со задоволство ја посетуваат и странските претставници во државата и во тој правец реализирани се четири официјални посети на новоакредитирани амбасадори, како и неколку високодипломатски посети. Општо, посетеноста на галеријата е на високо ниво и во текот на 2021 изложбите ги виделе над 45.000 посетители со физичко присуство. Во текот на годината во објектите на галеријата се одржале и 30 концерти. Покрај физичките активности, одржани се и пет вебинари и две онлајн-изложби.

Комуникацијата на Националната галерија со медиумите е на високо ниво, а исто така и нејзините активности на социјалните медиуми, така за настани во галеријата имало над 2.250 медиумски објави, додека на социјалните медиуми имаат 12.989 следбеници на Фејсбук, објавени се 481 постови, а тие допреле до 216.641 „посетители“. Во рамките на издавачката дејност објавени се 6.000 примероци.

 

Ретроспективната изложба на Васко Ташковски во Даутпашин амам го сруши рекордот во посетеност / Фотографија: Слободен печат / Драган Митрески

Оваа година Националната галерија го сруши сопствениот рекорд на посета (во вонредни услови). Ретроспективната изложба на Васко Ташковски ја посетиле над 7.000 лица, со што е надминат рекордот на посетеност на ретроспективната изложба на Петар Мазев од 2017 година.

Во новата година во објектот Даутпашин амам може да се посети изложбата на Васко Ташковски до 15 јануари, додека во објектот Чифте амам, во Старата скопска чаршија, е поставена изложбата на Перица Георгиев – Пепси.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот