ЕДНО НОВО СЕКОЈДНЕВИЕ: Коронавирусот промени сѐ, сега живееме во потполно нов свет
Оваа нова реалност може да изгледа како вознемирувачка дистопија каква што досега сме гледале само во филмовите и серииите. Но таа би можела да има и одредени позитивни последици…
Малку кој уште пред два месеци, кога се потврдени првите случаи на новиот коронавирус надвор од Кина и можеше да се избројат на прсти, замислуваше колку оваа пандемија ќе го потресе целиот свет, пишува Петар Стошиќ за хрватскиот портал „Индекс“.
Препорачано
Коронавирусот веќе одамна не е само кинески проблем. Светот денес многу се разликува од тогашниот: во сѐ повеќе земји има карантин, хаотични гранични контроли, пренатрупани болници, затворени училишта, градинки и факултети, пусти улици, лекари и медицински лица во заштитни одела, полупразни полици и редови во маркетите, а затворањето дома е дел од новото секојдневие.
Карантин, самоизолација, општествено дистанцирање и намалување на контакти, стапка на смртност, загрозена популација, тестирање, паника и кризни резерви, пак, се дел од новиот вокабулар. Сите ја следиме дневната евиденција на бројот на заразени во нашата земја, но и во целиот свет.
Многу тоа што вчера го земавме „здраво за готово“ станува ризично или забрането: патување со авион, брод или јавен превоз, заминување на концерт, во кино, театар, на натпревар, во кафуле или ресторан, работни состаноци, ракување, а во случај на сомнение на зараза, дури и излегување од дома. Близок контакт или престојување меѓу поголем број на луѓе претставува извор на анксиозност, барем за оние кои се склони на тоа.
„Ролетните се спуштаат над цела Европа“
– Ролетните се спуштаат над цела Европа…Можеби влегуваме во мрачен, недоброволен социјален експеримент кој ги открива секојдневните навики и практики кои ќе ни недостасуваат ако се искоренат и кои би можеле да исчезнат изненадувачки лесно – ја опишува вонредната ситуација колумнистката на „Гардијан“, Габи Хинслиф.
„Би благодарам, знам дека ги менувате своите навики и се жртвувате и знам дека тоа не е лесно. Но сите ваши жртви нудат драгоцен и значителен допринос за земјата“, им порача на Италијанците премиерот Џузепе Конте, кој овие денови се соочува не само со најголемиот предизвик во својот мандат, туку веројатно и со најтешката ситуација во која се наоѓа Италија од Втората светска војна.
Одлуката на Конте за проширување на карантинот во целата земја, откако протекувањето на одлуката за карантинот во северниот дел на земјата предизвика „бегство“ на поголем дел на жителите, е историски настан без преседан. Таа драстична мерка треба барем да ја ублажи епидемијата, а сега сосема го промени животот на Италијанците.
Тие, како и сите други Европејци помалку или повеќе, ќе мораат да се привикнат на дисциплина, откажување од некои работи за доброто на заедницата, нарушување на комодитетот, изолација, ограничување на слободата и привилегиите кои ги уживаат – сѐ она што помалку или повеќе им е страно на современите жители на западните земји.
Можат ли жителите на западните земји да се откажат од својот комодитет и слобода за заедничко добро?
Многу се зборуваше за тоа дека кинеското колетивистичко општество, но и авторитарниот политички состав под водство на Комунистичката партија се погодни за масовен карантин со кој епидемијата практично е запрена во оваа земја. Допрва ќе дознаеме дали Италијанците, но и останатите Европјани и луѓето од Западот, се дораснати за ваков предизвик.
За жителите на Италија животот со епидемијата стана нова нормала – а смртта на оние најтешко заболени, за жал, составен дел од таа нормала. Тој број се мери во стотици секој ден, што по сѐ изгледа е трагичната последица од ескалацијата на епидемијата поради доцнење со воведување на мерките за превенција. Тоа е лекција за сите други земији, кои барем во теорија можат да спречат такво сценарио, иако некои тврдат дека тоа што се случува во Италија ги чека и останатите.
Ингрид Пустијанац, професорка на музикологија од Хрватска која во Италија предава на универзитетот во Павија, пред некое време за „Индекс“ раскажа како изледа животот во време на коронавирусот: „Дискотеките не работат, рестораните и кафулињата се отворени до 18 часот, но гостите треба да пијат на своите маси, а не на шанк, да има поголема оддалеченост од пресоналот, а и премногу да не се допира шанкот бидејќи сега е речиси сигурно дека вирусот живее на површините и до десет дена. Па така, освен миењето на рацете, се препорачува и држење на дистанца. И на касите на супермаркетите се стои на метар оддалеченост, и може да се забележи дека мерката се почитува. Малку е необично, но се навикнуваме. Но, со оглед дека вирусот е можно да се добие и од личност која нема симптоми, јасно е дека сите сме под стрес“.
Нова нормала од Италија до САД
Во меѓувреме, во Италија на две недели се затворени и кафулињата и рестораните, сѐ освен супермаркетите и аптеките. Но кога забраната ќе истече, тешко е да се верува дека јавниот живот ќе се врати во нормала многу брзо.
И САД од ден во ден се префрла на оваа нова нормала. Забрана за влез во САД од ЕУ на триесет дена, освен за патниците од Велика Бртанија и американските граѓани, стапи на сила во петокот, а подоцна американскиот претседател Доналд Трамп прогалси национална вонредна состојба.
Ширум земјата се забранети јавни собири, а на луѓето, исто како и во Европа, им се препорачува да останат дома или барем да стојат на оддалеченост од други луѓе. Забрана за летовите од ЕУ може да создаде нови проблеми за и така нестабилните авиокомпании.
Десетици училишта и универзитети ја прекинаа наставата, Бродвеј и Дизни ворлд се затворени на неодреден период, а откажани или одложени се и бројни спортски настани, од кошаркарската НБА лига до фудбалската лига МЛС, до бејзбол лигата МЛБ и хокеарската НХЛ.
Крај на глобализацијата или можност за нејзина реформа?
Оваа нова реалност може да изгледа како вознемирувачка дистопија каква што досега сме гледале само во филмовите и серииите. Но таа би можела да има и одредени позитивни последици, баш како што, на пример, имаше Втората светска војна, констатира авторот. Мерките за карантин и социјално дистанцирање, како и општиот пад на прометот, би можеле да започнат нова реорганизација на работата: повеќе работа од дома, помалку состаноци, можеби и пократка работна недела. Онлајн-купувањето би можело да добие нов додатен замав.
А со оглед дека ни истекува времето да го запреме глобалното затоплување, намалувањето на масовниот интерконтинентален туризам исто така не би бил лоша промена. Секако, на краток рок, сообраќајниот, туристичкиот, но и другите сектори на глобалната економија ќе претрпат силен удар, а глобалната рецесија е веќе извесна.
Големо прашање, сепак, е дали слободното движење на добрата и луѓето, кои и така се загрозени од популистите, ќе ја преживеат оваа епидемија. Од друга страна, оваа криза нужно ќе ги освести земјите дека не можат за сѐ да зависат од увозот, на пример, од Кина – дека одредени стратешки битни производи, како што се маски за лице, дезинфициенси или тестови за вирус, мораат да можат сами да ги произведат, а не само да ги увезуваат.
А сигурно ќе нѐ освести и фактот дека денес светот навистина е потесно поврзан во однос на било кога, дека не можеме да се изолираме и да сакаме и дека предизвиците со кои се соочуваме се заеднички, бидејќи вирусот не познава граници и културни бариери. Ќе ја поттикнеме и, се надеваме, солирадноста на своите сограѓани како и одговорноста, пред сѐ кон себе и своето семејство, а потоа и според целото општество во целина. И тоа несомнено ќе биде позитивната последица од оваа катастрофа.


