Една седмица протести : Францускиот предлог и натаму приоритет за граѓаните наместо за пратениците

Протест „Ултиматум – Не благодарам“ / 6 јули 2022 / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Полека изминуваа речиси една седмица откако за прв пат започнаа протестите против францускиот предлог. Како и во изминатите денови од почетокот на протестите и вчера насобраните граѓани низ главиот град побараа оставки и отфрлање на предлогот за кој сметаат дека е срамен и дека со него се врши бугаризација на државата.

Вчерашниот протест, кој мина во реалтивно мирна атмосфера споредбено со деновиве претходно, учесниците уште еднаш побараа оставки од Владата која, како што рекоа, ја доставила срамната преговарачка рамка до Собранието.

Домашните познавачи на состојбите за „Слободен печат“  коментираат дека протестите покажуваат дека еднострано размислување не е вистинско решение за состојбите. Според нив засега се е во рацете на македонските политичари а тие пред се треба да излезат пред граѓаните и ги смират тензиите а со тоа да превземат иодговорност во однос на стратешките цели на земјава.

Проф. Никола Дујовски коментирајќи ги протестите вели дека нивна единствена цел е борбата за власт и ништо повеќе од тоа.

проф. Никола Дујовски, декан на Факултетот за безбедност / Утрински брифинг

– Очекувам дека во наредниот период дека ќе продолжат протестите а процедурата околу предлогот сепак ќе се заврши во Владата. Не сум сигурен дека СДСМ ќе успее да обезеди мнозинство од пратеници за поддршка на документот, имајќи го на ум дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ има голем број на пратеници кои не го поддржуваат односно го отфрлаат предлогот. Во таа насока моја претпоставка е дека Владата самостојно ќе оди да го поддржи и подоцна усвои францускиот предлогот – посочува Дујовски.

Според него радикализација на протестите во блиска иднина нема да има, бидејќи полицијата веќе има поинаква поставеност за разлика од почетокот на протестите.

– Сето ова е само подгревање на атмосферата од страна на опозицијата со единствено барање а тоа е одење на предвремени избори. Тврдам дека поголем дел од граѓаните кои протестираат не ни го прочитале предлогот. Се се сведува на нас, дали ќе го прифатиме или не. Дека се можни промени за предлогот во овој момент сите знаеме дека тоа е невозможно, барем оние кои малку повеќе се упатеди – додава Дујовски.

Универзитетската професорка Ана Чупеска за „Слободен печат“ осврнувајќи се на последните случувања со протестите на граѓаните вели дека секој има право на протест и тоа е загарантирано уставно право. Она што е загрижувачко според Чупевска се обидите за радикализација на собирите, кои според неа само го оневозможува дијалогот и консултациите за францускиот предлог.

Проф. Ана Чупевска

– Сега е потребен разум, а не дестабилизација. Тие кои протестираат деновиве имаат свои преставници во работните групи во Собранието. Тоа по автоматизам значи дека го имаат правото да даваат предлози, идеи и заклучоци за документот. Во исто време сакам да истакнам дека доколку собирите излезат од контрола како што деновиве бевме сведоци на неколку пати, тоа само ќе ја усложни и така деликатната атмосфера. Тоа нам не ни е од корист во моментов, напротив мора да се смири атмосферата за да може дијалогот да е конструктивен – порачува Чупевска.

Професорката појаснува дека од нас сами ќе зависи дали сакаме да ги отвориме преговорите, иако според неа не зависно од Бугарија, во самата рамка пишува дека ќе биде тежок и ригорозен процес во прашање, па оттука самиот преговарачки процес ќе изискува напор, одговорност и конзистентност. Според неа најважно е да не се одалечиме од стратешката определба, да се движиме на европскиот пат, за да не западнеме во замката на непостоечките „други алтернативи“, кои ги заговараат некои субјекти тука.

Од друга страна професорот Јове Кекеновски е убеден дека предлогот каков што е пристигнат во Собранието нема да се усвои а тоа Владата треба да го почитува.

Јове Кекеновски, професор по уставно право / Утрински брифинг

– Целта на протестите е да се изврши притисок врз пратениците да не се усвои предлогот кој според мене е штетен односно не достоинствено е прикажан македонскиот јазик, историјата и државата.Доколку остане монолитна композицијата на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, очекувам тој да не се усвои односно да не пројде во Собранието. Во исто време треба да се усвојат забелешките во Парламентот за предлогот кои веќе се предложени од опозицијата, бидеќи тие се во интерес на државата и народот – посочува Кекеновски.

Професорот Кекеновски не е убеден дека протестите во наредните денови ќе се радикализираат, бидејќи според него никој тоа не го посакува.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот