Еди Рама го нападна германскиот министер за здравство Шпан

Еди Рама / Фото: JOHN THYS / AFP / Profimedia

Албанскиот премиер Еди Рама е огорчен поради изјавата на германскиот министер за здравство Јенс Шпан за поврзаност на патувањето на Балканот со зголемениот број корона-инфекции во Германија

„Еден германски министер за здравство би требало да се грижи за вакцинација на германското население, а не да создава стереотипно расположение против Балканот, за очигледно да го одбрани лошиот биланс (во пандемијата, н.з.)“, изјави албанскиот премиер Еди Рама за весникот „Билд“.

Тој реагира на изјавите на германскиот министер за здравство Јенс Шпан дадени за „Билд ам Зонтаг“ минатата недела, кој рече дека минатото лето „патувањата во странство, чести посети на роднини во Турција и на Балканот, кај нас, во фази, предизвикуваа околу 50% од новите инфекции“. Тоа, според Шпан, треба да се спречи ова лето.

Скандал

„Скандал е што еден германски министер јавно го прозива Балканот и со тоа ги девалвира луѓето со миграциско потекло. Нема да дозволам Албанија да се претставува како ризично подрачје за патување на одмор, нема бројки кои тоа го докажуваат“, изјави Рама.

Критики на сметка на Шпан упати и заменикот претседател на Турската заедница, Серхат Улусој. Тој оцени дека Шпан „става под генерално сомневање цели групи од населението“ и „ѝ отвора врата на стигматизацијата“. „Вториот бран е создаден дома и добар корона-менаџмент изгледа поинаку“, вели Улусој, кој оценува дека Шпан сака „изборна борба по секоја цена и врз грбот на луѓето“.

Весникот „Тагесшпигел“ оди по трагата на изјавите на германскиот министер за здравство и оценува дека истражувањата покажале дека изјавите на Шпан се „содржински во најмала рака недокажани и веројатно погрешни“.

 Замена на поими

Според весникот, замена на поими води до погрешни заклучоци. „Од сите инфекции се препознава и пријавува само дел – минатото лето многу помалку отколку сега, затоа што тогаш немаше на располагање брзи тестови и се тестираше многу помалку. За оние кои се враќаа од одмор, меѓутоа, од август 2020 година беа понудени бесплатни тестови, а балканските држави, како и Турција, важеа за ризични подрачја. Оттука, инфекциите меѓу оние кои се враќаа од овие земји веројатно беа многу повеќе регистрирани, отколку кај остатокот на населението, што создава погрешна слика. Шпан, пак, создава погрешен заклучок како да се работи за сите инфекции, а не само за случаите кои се пријавени.“

„Но, дури и за пријавените случаи, изјавите на Шпан можеби не се точни. Затоа што според тогашните извештаи на институтот „Роберт Кох“, кај секој трет случај не е заведено во која земја лицето најверојатно се заразило“, пишува меѓу другото „Тагесшпигел“.

Преземено од „Дојче веле“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот