Интервју со петте жени кои придонесоа успешно да се трансплантира првото срце во Македонија

Нема крв, нема храна ниту кислород во мозокот. Тој е мртов. Срцето чука и другите органи имаат навидум добра циркулација, но сето тоа се прави со помош на лекови и машината за дишење. И сè тоа не може да трае долго, се работи за часови или денови.

Задоволство е да се зборува со пет жени одеднаш. Цел оркестар, кој беспрекорно функционира: д-р Маја Мојсова Мијовска, национален координатор за трансплантација на органи и ткива во Р. Северна Македонија, д-р Весна Дурнев, анестезиолог, болнички координатор за трансплантација, д-р Билјана Андоновска, анестезиолог, болнички координатор за трансплантација, д-р Марија Јовановски Срцева, анестезиолог, болнички координатор за трансплантација и Адријана Георгиев од Министерство за здравство, одговорна за Програмата за трансплантација на органи и ткива.

Адријана Георгиев, д-р Маја Мојсова Мијовска, д-р Билјана Андоновска, д-р Весна Дурнев

Колку трансплатации на органи во просек кај нас се вршат годишно и дали е задоволителна таа бројка?

Д-р Маја Мојсова Мијовска: Во земјава во просек се прават 16 до 20 трансплантации од жив донор на бубрег и од три до пет трансплантации од кадавер (лице во мозочна смрт, н.з), исто така за бубрези. Првпат годинава, пред десетина дена од кадавер се трансплантираше и срце. Со оглед на тоа дека на Националната листа за срце има околу дваесетина пациенти, а на Националната листа за бубрези – 120 и оваа бројка постојно се надополнува, секако дека би било убаво да имаме повеќе трансплантации, пред сè од кадавер.

Како законите во Македонија ја регулираат донацијата и трансплатацијата на органи?   

Адријана Георгиев: Трансплантацијата во земјава се регулира со Законот за трансплантација на органи и ткива и подзаконските акти што произлегуваат од него и ја прецизираат целата постапка во сите нејзини делови. Според овој

Закон, секој граѓанин што не се изјаснил на нотар дека не сака да биде донор, се смета за потенцијален донор на органи доколку некогаш западне во мозочна смрт. Сепак, она што со истиот овој Закон се потенцира и до што ние се придржуваме е дека ниту еден орган нема да се земе доколку семејството, а тоа се родители, посвоители, полнолетни деца или брачен другар, дадат писмена изјава дека не се согласуваат со тоа. Тоа значи дека ја почитуваме волјата на семејството. Нашиот Закон е правен по примерот на законите во Хрватска и Шпанија и во делот на согласноста е идентичен со нивниот. Инаку, Шпанија и Хрватска имаат најголем број на донори во светот, што значи дека овој начин на регулирање на согласноста за дарување на органи се покажал како мошне ефикасен. Она што нам ни недостасува е што повеќе да се говори за органодонорството за да им се објаснат на сите продобивките кои тоа ги носи за пациентите за кои ова е единствен начин на лекување. Само со кампања што ќе биде информативна и мотивирачка и ќе допре до сите, ќе успееме да ја подигнеме свеста и органодонорството да биде повеќе прифатено.

Доколку има поголем број достапни органи за трансплантација, дали би можеле да се извршат повеќе трансплантации?

Д-р Маја Мојсова Мијовска: Нашиот здравствен систем е спремен да го работи ова поле од медицината, како во однос на стручниот дел, така и во однос на простор, кадар и организација и ние тоа го покажавме овие неколку години наназад колку што ја работиме трансплантацијата и секако по последнава мултиорганска трансплантација. Знаејќи го нашиот потенцијал, ние во годишната програма за трансплантација за 2020 предвидовме зголемување на бројот на трансплантации и воведување на таканаречена мултиорганска трансплантација, што значи дека нашите болници се спремни да работат покрај бубрези и трансплантација на срце, црн дроб, коски и коскени ткива и рожница. За сè ова направивме протоколи за работа и создадовме услови во поглед на опремата, просторот и кадарот. Направивме национални листи за сите овие органи на кои се наоѓаат комплетно испитани пацинети, кои имаат потреба од трансплантација. Годинава, поради пандемијата со ковид-19, за жал, се погоди тешка, не само за нас, туку и за сите земји во поглед на трансплантацијата, затоа и сме внимателни. Првата трансплантација на срце ја направивме во време кога здравствениот систем работи во посебен режим. Сега со олабавување на мерките се создаваат услови за трансплантација и на другите органи.

Првата трансплантација на срце ја направивме во време кога здравствениот систем работи во посебен режим. Сега со олабавување на мерките се создаваат услови за трансплантација и на другите органи.

Кој може да биде дарител на органи за трансплантација?

Д-р Весна Дурнев: Дарување на органи може да биде од жив дарител или од починат дарител и тогаш станува збор за таканаречена кадаверична трансплантација. Потенцијални донори се пациентите со дефинитивната и конечна дијагноза – смрт на мозокот. Тие се од еден до три отсто од починатите во болнички услови. Органите се донирааат само во строг утврден случај на мозочна смрт, кога ќе бидат исполнети сите клинички и правни услови. Но секој со мозочна смрт не може да биде дарител на органи. Постојат точно утврдени критеруми, дали дарителот на органи е соодветен. Освен хронолошката возраст, се проценува и биолошката старост на дарителот, дали тој има добро сочувани, квалитетни органи или ткива, кои ќе бидат од корист за луѓето што ќе го примат органот. Целта е да се продолжи животот на примателот на орган или ткиво и тој живот да има квалитет. Критериумите за тоа што е добар орган постојано се менуваат и се прошируваат, еве, кога станува збор за срце, порано беше дарител од 45 до 50-годишна возраст, но сега се зголемени тие граници за пет, па и за повеќе години нанапред. За бубрези пак, границите се уште повисоки во однос на хронолошата возраст. Одлуката дали се работи за погоден донор на органи ја правиме тимски, ги повикуваме нашите колеги од Клиниката за нефрологија и Клиниката за кардиохирургија, кои првично прават ехографски проценка на функцијата на бубрезите, срцето, се гледат биохемиските параметри и се следи целосно општата состојба на починатиот за да се утврди подобноста. Но тука не завршува работата, ако се исполнат сите услови да почне трансплантација, имаме тешка задача во наредниот краток период да го одржиме во стабилна состојба за да може да се одржи квалитот на органите и ткивата што ќе бидат предмет на трансплантација. Починати лица со веќе потврдена мозочна смрт се следат во Единиците за интензивно лекување, под будното око на анестезиолозите и се одржуваат во живот со помош на лекови и апарат за вештачко дишење, чекајќи на согласност од фамилијата за дарување на органи. Ако не се добие таа согласност, според Законот се запира со вештачото одржување во живот.

Каква процедура се користи при донирање на органи за трансплантација?

Д-р Билјана Андоновска: Донирањето на органи за трансплантација е точно дефинирана и со закон регулирана постапка. Министерството за здравство назначува болнички координатори, во моментов се пет, од кои три сме во клиничкиот кампус „Мајка Тереза“. Болничките координатори се лицата одговорни за ,,процесирање на пациентите со мозочна смрт“. Во нашата земја, тоа сме лекари кои не учествуваат во лекувањето на пациентот, туку се вклучуваме само кога одговорниот лекар ќе утврди и ќе нè извести дека неговиот пациент навлегол во состојба на мозочна смрт, односно дека траумата, крварењето или другите промени на мозокот се иреверезибилни.

Мозочната смрт прво се докажува со два последователни клинички теста. Согласно законската регулатива, после овие клинички тестови за потврдување на мозочна смрт, задолжително се врши и параклиничко тестирање, со што се потврдува мозочната смрт. Се состанува независна комисја на лекари, која ја разгледува целокупната документација и прогласува мозочна смрт, а со тоа и смрт на пациентот. По потврдената смрт, болничките координатори го повикуваат семејството и детално им се објаснува состојбата на нивиот близок, дека тоа е состојба од која мозокот не може да закрепне и се разговара за органодарителство. Оставаме можност да прашаат, да размислат и да одлучат дали сакаат органите од нивниот близок да се земат заради пресадување. Доколку семејство се согласи со дарување на органи, постапката продолжува, се одржува пациентот дарител на органи, се прават низа тестирања, се врши проценка на функционалноста на органите, се бараат и се избираат реципиенти, се екипираат мултидисциплинарни тимови, се организира екплантација и трансплантација.

Дали едно лице за кое е потврдена мозочна смрт, односно неповратната загуба на сите функции на мозокот, може да се врати во живот?

Д-р Весна Дурнев: Мозочна смрт е потполн и дефинитивен престанок на циркулација во мозокот и престанок на работа на сите функции на големиот, малиот мозок и мозочното стебло. Кога имаме сомневање за мозочна смрт, се прават медицински утврдени клинички тестови кои се најважни, како и еден од таканаречените параклинички тестови. Кога ќе се посомневаме на мозочна смрт, најнапред се прави првиот клинички тест и тој се повторува после три часа кај сите возрасни и деца над 12 години. Кај деца од 2 до 12 години се повторува после 12 часа и кај бебиња од два месеца и деца до 2 години – после 24 часа. Потоа следува еден параклинички тест кој може да биде од различна природа, но ние ја користиме ангиографијата на мозокот која ја прикажува мозочната  циркулацијата и која во присуство на мозочна смрт докажува дека не постои циркулација на крв во мозокот. Нема крв, нема храна ниту кислород во мозокот. Тој е мртов. Срцето чука и другите органи имаат навидум добра циркулација, но сето тоа се прави со помош на лекови и машината за дишење. И сè тоа не може да трае долго, се работи за часови или денови.

Кога ќе се утврди дека станува збор за мозочна смрт, се формира комисија од Министерството за здравство од три члена, кои ја прегледуваат целокупната документација. Со потврдување дека навистина станува збор за мозочна смрт, се потпишуваат членовите и овој момент се наведува како време на смрт на пациентот.

При случаи на мозочна смрт кај едно лице, кои се најчестите прашања и стравови на роднините околу донирањето на органи за трансплантација?

Д-р Билјана Андоновска: Разговорот во кој треба да се соопшти најтешката вест за загубениот живот и можноста за органодарителство и продолжување на нечиј друг живот претставува најчувствителниот момент во целата постапка на дарување на органи. Тоа е најтешкиот и најсензитивниот момент за сите. Ние, болничките координатори, мораме во ист момент да соопштиме смрт и да разговараме за органодарителство. Семејствата доживуваат шок, губат најблизок, најсакан… И во моментите на најголема тага и болка, треба да размислат и во кратко време да донесат одлука за дарување на органи. Најголемата дилема на семејствата секогаш е поврзана со прашањата околу мозочната смрт. Мозочна смрт? Смрт, а срцето чука, пациентот дише?! Стравуваат од тоа дали пациентот – нивниот најблизок, може да се врати назад од состојбата во која се наоѓа? Дали постојат хируршки интервенции или лекови кои би можеле да го спасат? Секогаш им објаснуваме на семејства, а воопшто да објасниме и на јавноста дека мозочната смрт е дефинитивна и неповратна дијагноза, односно значи неповратен престанок на функцијата на големиот и малиот мозок и мозочното стебло, а срцето и останатите органи се одржуваат вештачки само со помош на машината за дишење и лековите и ништо не може да влијае врз таа дијагноза. На сите прашања се трудиме да им дадеме одговор што ќе им помогне да донесат тешка одлука, која сметаат дека е правилна.

Освен хронолошката возраст, се проценува и биолошката старост на дарителот, дали тој има добро сочувани, квалитетни органи или ткива кои ќе бидат од корист за луѓето што ќе го примат органот.

Од Ваша гледна точка и од Вашето искуство, кои се причините зошто сè уште е мал бројот на донирањето на органи за трансплантација?

Д-р Маја Мојсова Мијовска: Веројатно е потребно многу повеќе да се зборува на оваа тема за да им стане блиска на сите. Да се зборува пред сè во рамките на семејството. Ние честопати по медиумите објаснуваме што значи органодонорството, но се покажа дека животните приказни на луѓето, особено на оние кои донирале органи, најмногу допираат до сите. Секако, заради емоцијата што ја носат тие приказни и која допира неминовно до сите. И тоа е најубавата кампања што може да се направи за да се подигне свеста и да се зголеми процентот на органодонорство.

Колкава е свеста за донорството кај нас?

Д-р Марија Јовановски Срцева: Свеста за донација на органи, хуманоста и желбата за спасување на човечки живот на болен со сериозно, а најчесто смртоносно заболување, е на високо ниво во европските земји. Но во нашата земја, оваа област на граѓаните не им е доволно позната и најчесто им недостигаат вистински информации. За подигнување на свеста потребна е континуирана едукација на населението, каде што особено важна улога можат да одиграат граѓанските организации чија основна цел е пристап до различни групи граѓани и зголемување на нивните капацитети. Граѓаните треба да се запознаат со големата хуманост на гестот и можноста да спасат нечиј живот. Еден дарител после мозочна смрт може да спаси осум животи со донација на органи, а да промени до 1000 животи со донација на различни ткива. Покрај тоа, и медицинските лица треба да бидат на висина на задачата за да можат да ја насочат болката на изгубениот близок кон нешто благородно и животоспасувачко.

Фотографија – Драган Митрески 

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот