Двојазичната антологија на млади македонски поети „Ново раѓање на зборот“ имаше промоција во Словенија

Групна фотографија на преведувачките на младата македонска поезија

На Одделот за славистика при Филозофскиот факултет во Љубљана на 6 декември беше промовирана двојазичната илустрирана антологија „Ново раѓање на зборот = Novo rojevanje besede“ со поезија од млади македонски автори родени од 1991 година. Изданието неодамна го објави Македонското културно друштво „Македонија“ од Љубљана со финансиска поддршка на Јавниот фонд за културни дејности на Република Словенија.

Словенечкото издание претставува дел од истоимената антологијата што ја приредија Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, во издание на „ПНВ Публикации“ во 2023 година и содржи песни од Андреј Ал-Асади, Марија Грубор, Ива Дамјановски, Сара Ѓоргијоска, Ивана Јовановска, Софија Поповска, Михајло Свидерски и Васил Ханџиски, во избор и препев на студентките по јужнословенски студии од Љубљана (Ана Марија Алачкоска, Маша Јосиповиќ, Жана Ковачич, Хана Подјед, Грета Рихтар, Лаура Сарафинов и Леа Водопивец) под менторство на нивната професорка по македонски јазик и книжевност Намита Субиото, а песните ги илустрираше Сашка Митрова Јорданова, членка на ликовната секција од Македонското културно друштво „Македонија“ од Љубљана.

Имено, пред речиси точно една година, во рамките на годината во чест на Ацо Шопов, на филозофските факултети при државните универзитети во Загреб и во Љубљана, професорката по современа македонска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, д-р Весна Мојсова-Чепишевска одржа предавање за клучните карактеристики на поетиката, животот и делото на Ацо Шопов, а беше промовирана и антологијата на младата македонска поезија „Ново раѓање на зборот“. Антологијата, што ја претставија Јулијана Величковска и Иван Антоновски, наиде на голем интерес кај студентите и студентките по јужнословенски студии во Љубљана кои се решија да се нафатат на преведување на одбрани песни и една година потоа се случува овој прв превод на оваа антологија, и тоа на словенечки јазик.

Приредувачите Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски се вклучија преку „Зум“ од Скопје

Промоцијата, што ја водеше Намита Субиото, почна со разговор со главната и одговорна уредничка на „ПНВ Публикации“ и поетеса Јулијана Величковска, а потоа од Скопје се вклучија приредувачите на антологијата „Ново раѓање на зборот“, Мојсова-Чепишевска и Антоновски, по што препејувачките ги читаа своите препеви и ги споделуваа своите препејувачки искуства.

На присутните им беше пренесен и поздравот од Вања Вардјан, претседател на МКД „Македонија“, кое во соработка со Катедрата за македонски јазик и книжевност на Одделот за славистика при Филозофскиот факултет во Љубљана објави веќе шеста двојазична публикација (пред тоа: „Дениција“ на П.М. Андреевски; избор поезија и проза од млади автори „(Не)пар“; избор од поетската антологија „Дојди во Охрид“; циклусот „Марко Крале“ на Конески; избор поезија за деца „Смешна случка во зоолошка градина“).

Инаку, Јулијана Великовска гостуваше во Словенија во рамки на проектот „Прешерново оро 2024“, организиран од Македонското културно друштво „Св. Кирил и Методиј“ од Крањ и поддржан од Јавниот фонд за културни дејности на Република Словенија.

Проектот „Прешерново оро“, во кој учествува и Катедрата за македонски јазик и книжевност од Љубљана, има речиси дведецениска традиција и цел да ги запознава членовите на македонските друштва, студентите и пошироката словенечка јавност со современата македонска литературна сцена. Гостите на „Прешерновo орo“, перспективни македонски книжевни творци, одржуваат предавање или разговор со студенти на Филозофскиот факултет во Љубљана и книжевно читање на централната манифестација „Прешерново оро“ во Македонскиот културен центар во Крањ, а од 2016 година, тие се редовни гости и на културните настани наречени „Ад хок“ со музичка и ликовна импровизација и интерпретација на поезија/проза, на кои локалните музичари и сликари во живо преку музички и сликарски јазик комуницираат со книжевното читање на македонските гости креативно поврзувајќи се со нив. „Ад хок“ настаните ги основа и ги води Петра Коршич.

На годинашниот „Македонски Ад хок“, одржан во градската библиотека „Отон Жупанчич“ во Љубљана настапија поетесата Јулијана Величковска, виолинистот Милош Симиќ, групата „Струни“ и сликарката Светлана Јакимовска Родиќ, а избор од поезијата на Величковска објави Друштвото на писателите на Словенија. Величковска настапи и во Македонскиот културен центар во Крањ. Веќе е најавено делови од антологијата „Ново раѓање на зборот“, приредена од Мојсова-Чепишевска и Антоновски, да бидат објавени и во други држави.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот