Државната каса подобро се полни отколку пред пандемијата

Зоран Заев и Фатмир Бесими
Зоран Заев и Фатмир Бесими / Фото: Архива на „Слободен печат“

Во Буџетот, во првиот квартал од годинава, има повеќе пари отколку лани во истиот период, односно пред пандемијата, покажуваат официјалните податоци што на заедничка прес-конференција ги презентираа премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими.

Според Заев, полнењето на државната каса оди по план, па во првиот квартал од годинава се собрани 48,6 милијарди денари (околу 790 милиони евра), што е 22,8 отсто од она што е планирано за годинава. Собраните пари, пак, се за 4,4 проценти повеќе во однос на истиот квартал од минатата година. Притоа, наплатата на даноци и придонеси е за 5,2 проценти повеќе од лани.

Министерот за финансии Фатмир Бесими потенцираше дека причина за оптимизам има уште повеќе ако се анализира само март, затоа што во овој месец имаме уште подобри бројки. Во март, во државната каса се собрале 14,2 проценти повеќе пари во однос на ланскиот март, а растот на собраниот данок на додадена вредност, што е многу важен индикатор за потрошувачката во една земја, е дури 29,5 проценти.

Бесими истакна дека и расходите се согласно планот за реализација.

– Имаме и предвремена исплата на пензии, што е добредојдено за повозрасната популација во време на пандемија – рече Бесими.

Во однос на расходите, Бесими посебно ги издвои капиталните расходи. Реализацијата на капиталните расходи во првиот квартал од годинава е 4 милијарди денари (околу 65 милиони евра), односно 16,6 отсто од планираната реализација на капитални инвестиции за годинава. Притоа, овој износ е за 100 проценти поголем од лани, односно за 150 проценти поголем во однос на 2019 година.

– Секако, во рамките на капиталните расходи е и исплатата на кредитите, но и со нивно изземање, реализацијата на капиталните расходи е за 50 отсто подобра од лани – рече Бесими.

Тој потенцираше и дека како резултат на добрата реализација на приходите, во првиот квартал од годинава е остварен помал буџетски дефицит во однос на лани и тоа за 7,4 проценти.

Според Заев, бројките покажуваат дека македонската економија е стабилна и покрај сите предизвици со кои се соочи, но бројките не би биле такви доколку немаше помош од државата. Така, владиниот стимул двојно го амортизирал економскиот пад во минатата година, па падот на бруто домашниот производ лани би бил 8,7 проценти, наместо оној што го имавме од 4,2 проценти.

– Четирите пакети се имплементирани со износ од 860 милиони евра, односно нивната имплементација е 82 проценти. Но, со оглед дека некои мерки од тие пакети сѐ уште се имплементираат, се очекува и поголем процент на имплементација – рече Зев.

Со четирите пакети имало 70 различни мерки, а како што кажа Заев, во тек е реализацијата на 21 мерка во вредност од 31 милион евра, а се чекаат 7 мерки од Петтиот економски пакет во вредност од 150 милиони што сѐ уште се заглавени во Собранието.

Работодавачите ќе добијат помош за плати за февруари и за март одеднаш

Најдено е амандманско решение за тоа како да им се исплати помошта за плати на работодавачите за февруари, најави министерот за финансии Фатмир Бесими. Тој рече дека во Законот за финансиска помош за плати ќе се интервенира со амандман, така што до 15 април, со една апликација ќе се бара помош и за февруари и за март.

– Штом ќе се изврши гласањето во Собранието, работодавачите веднаш може да аплицираат и веднаш ќе ги добијат парите. УЈП е подготвена и со една апликација ќе се добие помош и за февруари и за март – рече Бесими.

Според податоците од УЈП, февруарска плата не добиле речиси 17.000 работници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот