Државата си ги прибира давачките, но некои работници добиваат плати од 2,5 или 100 денари!
Од „Гласен Текстилец“, сметаат дека Управата за јавни приходи, е клучната институција која треба да реагира во случаи кога не е исплатена ниту минималната загарантирана плата
Системот и натаму дозволува исплата на плати од 2, 100 денари и под минималецот, реагираат од „Гласен Текстилец“. Одтаму се револтирани што функционерите можат политички да ја качат платата и на 1.000 евра, а работодавачите кои што два месеца не пуштиле плата, се соочуваат со ситни пенали и камати. За ваквата мизерна исплата, особено во текстилната и чевларската индустрија, Здружението алармираше уште во пандемијата, кога овие работници останаа без здравствено осигурување. Од „Гласен Текстилец“, сметаат дека Управата за јавни приходи, е клучната институција која треба да реагира во случаи кога не е исплатена ниту минималната загарантирана плата.
Препорачано
-Што е направено? Уште кога се случи новиот скок на минималната плата, ние алармиравме дека ќе има непочитување на законот. За дел од работниците, минималецот не функционира, бидејќи системот на УЈП дозволува да се исплати плата за полно работно време и во износ од 2 денара. Тоа не смее да се случува – смета Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“.
„Слободен печат“ се обрати УЈП со прашање зошто се дозволува да се исплаќа плата од 2,5 или 100 денари на име плата и како е можно да поминува неказнето? Од институцијата не известија дека согласно Законот за работни односи и Меморандумот за соработка помеѓу Управата за јавни приходи и Државниот инспекторат за труд, УЈП редовно доставува податоци до ДИТ за неисплатени плати и исплатени плати под минималната плата. Сепак, не добивме одговор колку фирми се служат со вакви недозволени постапки и од кои области се.
-Управата за јавни приходи спроведува постапка за присилна наплата од парични средства во банка, така што со решение става забрана за пренос на парични средства од сметката на обврзникот за пресметка и уплата на придонеси (работодавач) до обезбедување на долгуваниот износ. Со решението за присилна наплата и се налага на банката, по обезбедување на долгуваниот износ, да го повлече збирниот налог за плаќање на плата, придонеси и данок на личен доход и согласно истиот да изврши пренос на паричните средства од сметката на обврзникот за пресметка и уплата на социјални придонеси (работодавач) на соодветните уплатни сметки на јавни приходи и на трансакциските сметки на вработените лица. Ова е редовната работна активност во УЈП за сите должници по основ на неплатени МПИН – објаснуават од Управата.
Доколку плата или дел од плата, надоместок на плата, пензија, односно друг паричен надоместок не се исплатени, (рок на доспеаност за плаќање на придонесите е 15ти од тековниот месец за претходниот месец), УЈП согласно Законите за придонеси од задолжително социјално осигурување и за даночна постапка, води редовни постапки за присилна наплата по неплатените МПИН, спрема сите даночни обврзници кои во законски определениот рок не ја исполниле обврската за плаќање по поднесените МПИН.
-Исплатата на платите како обврска на работодавачите е регулирана со Закон за работни односи, а согласно чл. 109 од ЗРО платата се исплатува за периоди кои не смеат да бидат подолги од еден месец, најдоцна 15 дена по изминувањето на исплатниот период. Надлежностите на Управата за јавни приходи произлегуваат од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување. Согласно член 17 од овој закон, придонесите ги пресметува, задржува и уплатува обврзникот за пресметка и уплата на придонеси при секоја исплата на плата или дел од плата, надоместок на плата, пензија, односно друг паричен надоместок. Согласно членот 24 од истиот закон, рок на уплата на придонесите е денот на исплатата на плата или дел од плата, надоместок на плата, пензија, односно друг паричен надоместок додаваат од УЈП.


