Државата гори, ДУИ ја чешла со албанскиот

Артан Груби и Али Ахмети / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Додека пред државата се исправени сериозни прашања, меѓу кои старт на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, изнаоѓање на решенија за зголемените апетити на соседна Бугарија надвор од Договорот за добрососедство, признавање на МПЦ – ОА, пандемијата со ковид-19, на ДУИ единствената грижа ѝ е новинарите да научат албански јазик и Албанците да добијат субвенции за вработувања во приватните фирми.

На ваквата реторика ѝ кумуваат минстрите интегративци кои седат во Владата. Првиот вицепрмиер Артан Груби на својот фејсбук профил објави и видео само на албански јазик насловено како „Резиме на една недела во 68 секунди“ во кое е наведено со кој се сретнал за една недела. Видеото предизвика бура од реакции на фејсбук во насока на тоа дека Груби „се претргнал од работа“.

За националистичката реторика на ДУИ која започна од изборите, а продолжи и по формирањето на новата Влада, политичките аналитичари велат дека има две причини. Првата е стратешка, а втората е тактичка.

Според политикологот Петар Арсовски, стратешката е таа што на ДУИ никогаш не и одговарало Албанци да гласаат за било која македонска партија. Па така и барањето за Албанец премиер и инсистрирањето на потврда реторика во текот на изборите се обид на ДУИ да ги врати етничките гласови во етничките јадра. Впрочем, вели Арсовски, за ДУИ, Македонија е држава на етникуми, а не на граѓани.

– Втората причина за засилениот национализам кај сите партии, не само кај ДУИ, (тоа се појавува и кај дел од македонските партии) е популузмот. Со етничка кампања ДУИ успеа да добие повеќе гласови и повеќе пратеници. Сега од истите причини сакаат она што еднаш им успеа, да го продолжат и во Владата. Од таму се овие барања за етнички субенции во приватни фирми и инсистирањето на новинарите да го научат да го зборуваат албанскиот јазик. Мислам дека е рано да знаеме дали македонскиот дел од владата ќе почека ваквиот популизам кај ДУИ да спласне или, пак, ќе го преземе. На СДСМ сепак не му одговара да ги отуѓи албанските гласови. Што се однесува до електоратот, засилената етничка и национална реторика од албанска страна, сигурно ќе предизвика засилена етничка и национална реторика и кај македонската страна – вели Арсовски.

И аналитичарот Селим Ибраими смета дека ДУИ продолжува да го користи популизмот и по изборите бидејќи сака да биде посилна партија од Алијансата за Албанците. Тој вели дека рејтингот на претседателот на ДУИ, Али Ахмети и на лидерот на Алијанста за Албаните, Зијадин Села е на исто ниво и дека сега на ДУИ не и преостанува ништо друго освен да дебатира на теми кои се чувствителни.

– „Национализмот“ на ДУИ е периодичен во зависност од внатрешната состојба во партијата или, пак од тоа колку сакаат да го оттргнат јавното мислење од темите што ги ветија Ахмети и неговите министри. Не верувам дека сегашната реторика, кога Бугарија го покренува прашањето за македонскиот идентитет, ќе има некаков конкретен ефект или ќе го попречи процесот на стабилизирање на меѓуетничките односи и реформскиот процес што Македонија и владата на премиерот Зоран Заев мора да ги спроведат. За да влеземе во ЕУ, навистина мора да се однесуваме и да живееме како Европејци. Ниту ДУИ, ниту другите партии, имаат капацитет да направат радикални промени во системот, така што би рекол дека последните изјави на претставниците од ДУИ, доаѓаат од конкурентскиот притисок на другите албански партии, особено од Алијансата на Албанците. На земјата и треба вистински демократски развој и почитување на меѓународните стандарди – вели Ибраими за Слободен печат.

Тој посочува дека истото се случувало и со партијата БЕСА кога некогаш барала државата да се редефинира, а сега со СДСМ зборуваат во ист тон, за економијата.

– Албанските партии во Македонија не се националистички и не треба да се плашиме од говорите и изјавите на министри или заменици министри на ДУИ или други партии. Денешниот „национализам“ на Балканот или во Македонија, без разлика дали станува збор за оние македонски и албански партии, не претставува закана за регионот и националната безбедност. На долг рок, нема да има груб национализам на Балканот, тој ќе се трансформира или спои во други аспекти на економијата каде што ќе се бараат индивидуални и државни приоритети преку културен натпревар и национална свест на една нација или етничка припадност – вели Ибраими.

И Арсовски смета дека ваквата реториката во која се слуша „етнички национализам“ е привремена.

– Мислам дека Албанците, исто како и Македонците, се помалку ги интересира нацинализмот, а се повеќе се заинтересирани за локалниот развој, пристапот до здравјето, образованието, подобри работни места. Но, имајќи ги предвид фактите дека има висока политичка тензија во изминатата година, а ако на неа ја придодадеме и кризата предизвикана од ковид-19, реално е да се има состојба „на раб на нерви“. Во таква ситуација, партии се враќаат на наратив кој им е во зоната на комфорд, а тоа е кога ќе загусти да се фатат за националните прашања – вели Арсовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот