Драгица Најческа, прва жена романописец во Македонија: Жените потешко изборуваа простор во своите животи за занимавање со литература

Се разбира дека сум горда на фактот што сум прва жена Македонка што напишала и објавила роман на македонски јазик, но уште поголемо значење има тоа што, во време на доминантно мажи автори, кои во тие години ги напишаа некои од најважните дела во македонската литература, се наметна и еден роман на жена писател, вели писателката Најческа за „Слободен печат“.

По педесет години од првото издание на романот „Пеперутка со натопени крилја“ од писателката Драгица Најческа, годинава романот повторно се врати во живот, во издание на „Или-Или“, каде што е достапен во продажба. „Пеперутка со натопени крилја“, првпат објавен во 1969 година, е прв роман во Македонија напишан од жена, а нашата соговорничка Драгица Најческа е прва жена романописец во Македонија.

Од поезија и кратки раскази, до првиот роман, објавен во 1969 година. Тоа е воедно и првиот роман во Македонија напишан од жена, а годинава го доживеа и своето трето издание. Како настана романот „Пеперуга со натопени крилја“, под какви услови, со каква мисла?

– „Пеперуга со натопени крилја“ се случи некако спонтано. Во тоа време бев постдипломка во Белград. Заминувањето во Белград одигра голема улога во моето литературно творештво. И поради контактите што ги имав со врвните српски писатели, и со сите настани во градот од многуте области на уметноста. Таму ги напишав и моите најубави песни, наречени од многумина мои колеги – антологиски, што ги објавив во мојата прва збирка поезија „Неспокој“. Истовремено продолжив и со пишувањето на расказите. Седнувајќи да го пишувам овој текст, мислев дека ќе заврши како расказ, но тој продолжуваше и продолжуваше. Ликовите во него сè повеќе се оформуваа, оживуваа. На крајот сфатив дека тој веќе добива формат на роман. Темата за првите романтични љубови, што најчесто траат многу кратко и поради тоа нанесуваат разочарување и преголема болка кај младите, посебно девојките, кои всушност се случуваат на најрана возраст, кога тие сè уште имаат идилична претстава за животот, долго ја носев во себе. Многу од родителите кај своите деца, сакајќи да ги заштитат од лошите луѓе и настани во секојдневниот живот, создаваат лажна слика за него. На оваа тема, често ми се надоврзуваше и размислата за неподготвеноста на младите луѓе за изборот на животниот сопатник, каде неретко се прави погрешна процена и потоа доаѓа разочарувањето. На крајот – каде да се најде излезот, посебно ако во таа брачна врска се создале и деца. Уште повеќе, ако во понатамошниот живот се сретне вистински саканиот човек, и ако се роди искрена взаемна љубов, која од непишаните закони на општеството е забранета и наидува на остра осуда.

По педесет години од нејзиното прво издание, имав голема желба да ја вратам „Пеперугата…“ во живот, да го преиздадам романот како самостојно издание, бидејќи секогаш ќе биде актуелна проблематиката што ја обработувам во тој роман, посебно за младите. Кога ја споделив желбата за реиздавање на „Пеперуга со натопени крилја“ со уредниците на реномираната издавачка куќа „ИЛИ –ИЛИ“, која вистински се афирмира со квалитетниот избор на своите изданија, бев пријатно изненадена дека прифатија тие да бидат издавачи на романот, што и се реализираше.

Во новото издание на романот ми се чинеше важно да бидат поместени и оригиналите на рецензиите на Блаже Конески.

Романот „Пеперуга со натопени крилја“ бил објавен со препорака од Блаже Конески. Претходно пак, во Белград, романот добива потврда дека е „интересен и искрено напишан, современо актуелен, има топли лирски пеjзажи и не се испушта од рака…“ од писателите Душан Костиќ и Бранко Ќопиќ. Вие одлучивте да го објавите прво во родната земја. Зошто две години доцнеше неговото објавување?   

– Бидејќи единствениот дактилограф кој ми го најдоа моите пријатели не го знаеше македонскиот јазик, се зафатив и успеав за релативно брзо време да го преведам текстот на српски јазик. Откако текстот беше отчукан на машина, решив да им го дадам на читање на писателите Душан Костиќ и Бранко Ќопиќ, и да ми кажат мислење за него. Тоа беше крај на семестарот, во 1965 година, и јас заминав во Скопје. По извесно време стигна писмо од Белград, од Костиќ и од Ќопиќ. Во него имаше многу афирмативно мислење за романот, од кое дел цитирале, со конкретен предлог да го дадат да се објави на српски јазик. До денес не знам како би можела со зборови да го изразам моето чувство на среќа дека од такви врвни писатели со толку висок критериум, романот доби позитивна оцена. Но тоа беше време во кое едвај дочекавме можност да пишуваме и да објавуваме на македонски јазик, така што немав дилема. Романот ѝ го предложив на издавачката куќа „Мисла“. До времето кога беше испратен на рецензирање кај професорот и писател Блаже Конески, поминаа две години. Откако Конески во 1967 година рецензијата ја испратил до „Мисла“ со непосреден предлог за објавување, поминаа уште две години до излегувањето на романот од печат. Зошто неговата рецензија две години лежела заклучена во фиока, како и мојот ракопис, до денес остана енигма за мене. Токму затоа, во новото издание на романот ми се чинеше важно да бидат поместени и оригиналите на рецензиите на Блаже Конески, како во ракописна, така и во печатена форма. Воведот за ова издание го напиша проф. д-р Георги Сталев, кој го следеше и го промовираше скоро целото мое литературно творештво во изминативе години.

Што значеше тогаш за Вас, а што значи денес, историскиот факт дека сте прва жена романописец во Македонија?

– Се разбира дека сум горда на фактот што сум прва жена Македонка што напишала и објавила роман на македонски јазик, но уште поголемо значење има тоа што, во време во кое доминираат мажи автори, кои во тие години ги напишаа некои од најважните дела во македонската литература, се наметна и еден роман на жена писател. Можеби и не можеше да биде поинаку, откако почитуваниот Блаже Конески во својата рецензија беше напишал дека романот има педагошка носивост, дека обработува сериозен проблем од современиот живот, дека има посебни уметнички вредности и претставува значаен придонес во развојот на македонската белетристика. Романот веднаш наиде на голем одглас кај читателите во сите библиотеки на Републиката, а посебно кај младите, што ми беше особено драго.

Истата година, 1969, станавте член на Друштвото на писатели на Македонија, се сеќавате ли колку жени беа членки на ДПМ во тој период? Постоеше ли дискриминација на женската литература или пак, на што според Вас се должеше нејзината значителна помала застапеност?

– Веројатно зачленувањето во Друштвото на писателите на Македонија беше логичен след во мојата писателска кариера. Тогаш во ДПМ членуваа само неколку жени поетеси. Малата застапеност на писателките во ДПМ доаѓаше и оттаму што во тоа време многу малку жени имаа објавено свои книги, па дури и раскази и песни во весниците и во списанијата. Дали причината за тоа била дискриминација во издавачките кругови не ми е познато, но може да се каже дека вид дискриминација претставуваа очекувањата во поглед на улогата на жената во семејството и во општеството. Жените потешко изборуваа простор во своите животи за занимавање со литература.

Малку е познат податокот дека сте биле поканета заедно со дваесет и две најпознати поетеси од Југославија на Светскиот меѓународен конгрес на жени писателки од целиот свет, во Париз, како и на следниот, но и дека вашите песни оставиле голем впечаток на најпознатите поетеси Десанка Максимовиќ, Мира Алечковиќ, Весна Парун, Флорика Штефан…, забележува проф. д-р Георги Сталев во рецензијата за новото издание на „Пеперуга со натопени крилја“.

– Моето присуство на Меѓународниот конгрес на жени писателки од целиот свет во Париз, и наредниот во Ница, заедно со 22 најпознати писателки од сите републики на Југославија, се оствари по лична покана непосредно од организаторот на Конгресот. Од Македонија беше поканета и поетесата Олга Арбуљевска. Бев изненадена дека на тој импозантен собир од 500 жени писателки од целиот свет, тие кои зборуваа, споделија исти проблеми со кои се соочувавме и ние, во изборувањето на време за создавање, со оглед на работната и семејната преоптовареност на жената-автор.

Што се однесува до мојата релација со поетесите од бивша Југославија – со нив се сретнавме во Белград и заедно го продолживме патувањето. При нашето дружење во време на патувањето и таму, во паузите на Конгресот, рецитиравме свои песни, пред сè за да се запознаеме меѓусебно. Песните што јас ги прочитав беа со воодушевување примени од овие врвни поетеси и ја зајакнаа мојата верба во успешното создавање и во областа на поезијата.

Во последно време се вративте на поезијата, напишавте дека ве преокупираат „секакви теми, мали и големи, социјални теми, политички, од најсовремениот живот, лирски“, што најмногу „ве влече“ за јазикот, односно за перото, од најсовремениот живот?    

– Целиот мој литературен опус, и расказите, и поезијата, и романите, припаѓа, ако така може да се каже, на ангажираната литература. Темите со кои сум преокупирана во моето литературно творештво се социјалните проблеми, меѓучовечките односи, раслојувањето на општеството на богати и сиромашни, експлоатацијата на работниците од страна на капиталистите, осуда на војните, на злоделата, на нехуманоста, вербата дека љубовта ќе ја победи омразата. Јас никогаш не се придружив на групата писатели кои го напуштија реализмот и му се приклонија на модернизмот во литературата и му останав доследна на реалистичниот правец.

Вашите книги, без разлика дали се поезија, кратка проза, литература за деца или романи, брзо го наоѓаа патот до читателите. Романот „Омраза-длабоко“ трипати е прогласуван за една од десетте најчитани книги во градската библиотека „Браќа Миладиновци“. Што мислите за книжевната ситуација во денешна Македонија во која, за разлика од минатото, лесен е патот до издавање на книга, но многу тежок – до читателите?  

– Мојата соработка со кадрите во библиотеките ширум Македонија беше посебно значајна за приближувањето на моите романи, раскази и поезијата до читателите на кои им беа наменети. Сите мои книги се наоѓаат на рафтовите на библиотеките и предизвикаа голем интерес кај читателите. Ме радува што се широко прифатени и многу читани, за да се најдат и на листите на најчитани дела.

Романот „Омраза – длабоко“ беше преведен и на руски јазик од познатата поетеса и преведувачка Олга Панкина и издаден во Москва, каде што се одржа и негова промоција  во свечената сала на Сојузот на здруженијата на писателите на Русија. Испратен е и во многу библиотеки во Русија, а во библиотеката во Подмосковје исто така е еден од најчитаните романи.

Во врска со денешнава книжевна ситуација кај нас, независно од тоа што е полесно да се издаде книга отколку да се најдат читатели за неа, постојат и објективни околности кои не одат во прилог на книгата, дури и ако таа има свои вистински вредности. Навиката што се создаваше уште на најмала возраст кај децата да се читаат книги изостана и во училиштата, а и во семејствата. Во лектирата во училиштата се застапени книги, најмногу од странски автори, кои не ги разбираат ни родителите, а камоли децата. Поголемиот дел од издавачките куќи во своите книжарници продаваат главно преведена литература, а многу помалку од домашни автори. Дури и во библиотеките, библиотекарите како сè повеќе да се навикнуваат на младите да им предлагаат книги од странски автори.

Ме воодушевуваат жени без комплекси дека имаат помала вредност од мажите само затоа што се жени.

Колку жените, воопшто, Вам ви помогнале во животот?

– Некои од жените писатели што зазедоа раководни места во весниците, списанијата, во редакциите на Радиото и Телевизијата, посебно во ДПМ, ги чуваа како сопствени територии, во кои имаа пристап главно нивните пријатели, или тие од кои очекуваа нешто за возврат. Дури и жените од средната генерација, критичарки, се однесуваа на сличен начин. Еве на пример, никогаш не напишале ниту еден збор за моето седумдецениско литературно творештво. Во таа смисла, во овие неколку години радува една позитивна појава, жени поетеси и критичарки, од најталентираните, се  навраќаат на творештвото на претходните писателки, дури и на многу постарите и со свои написи го свртуваат вниманието на читателите, на овој не мал арсенал богато литературно творештво.

Какви жени ве инспирирале низ делата, а кои се Вашите денешни хероини?

– Ме воодушевуваат жени борци, самоуверени во своите способности, борци не само за своите права, но и за правата на сите луѓе во светот. Жени кои не се плашат да го кажат своето критичко мислење дури и за неодговорните однесувања на луѓето на власт, независно од последиците по нив. Жени без комплекси дека имаат помала вредност од мажите само затоа што се жени.

 

 

 

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот