Друштвото на писатели на Македонија традиционално во месец јуни ја организира поетската манифестација „Празник на липите“ со финансиска поддршка од Министерството за култура и под покровителство на Град Скопје.
Овојпат поетската манифестација со физичко присуство на поетите се одложува за некој подоцнежен период во текот на годината, кога условите ќе го овозможат тоа. Сепак, ДПМ го распиша наградниот Конкурс за најдобра необјавена песна на „Празник на липите 2020“, кој ќе биде отворен до 20 август оваа година.
Друштвото ги охрабрува своите членови да испратат своја песна на адресата на ДПМ и, доколку се во можност, да испратат видеозапис од сопствената интерпретација на песната, за да може пријавените песни да бидат објавувани во електронските медиуми во текот на конкурсот.
За изборот на најдобра песна на манифестацијата ќе одлучи тричлена комисија составена од истакнати членови на асоцијацијата. Доколку условите не ја дозволат реализацијата на поетско читање, тоа ќе биде организирано како онлајн настан.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 37, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 27-28 јуни 2020)