Дончев: Буџетот на Фондот во 2020 година за 100 милиони евра поголем од оној во 2018

Фото: Слободен печат

Скопје, 1 октомври 2019 (МИА) – Има пари за последната мерка со која се укинуваат квотите за лековите, рече директорот на Фондот за здравство Ден Дончев во вечерашната „Топ тема”.

Како што истакна Дончев во дебатата, приливите на Фондот во 2020 година ќе бидат за преку 100 милиони евра поголеми од оние во 2018-та благодарение на актуелните економски политики и раздвижувања.

Најави и дека многу скоро ќе биде спроведена планираната темелна реформа во позитивната листа.

– Укинувањето на квотите за лековите е добра, среќна вест, од корист за сите граѓани. Бенефит ќе имаат сите осигуреници. Секој во секое време од која било аптека ќе може да си го подигне потребниот лек. Се елиминира системот на квоти со што се решава деценискиот проблем со недостиг на лекови кој беше особено евиндентен во зимските месеци, објасни Дончев.

Според него, се водело сметка да има период од една година за прилагодување на малите аптеки.

-Ако пред година – две ја донесевме мерката, ќе ризикуваме помалите ланци аптеки да ги ставевме во нерамноправна положба. Порано се фаворизираше само еден ланец аптеки, напомена директорот на Фондот и дополни дека досега не е изготвен никаков е-здравство и вклучување на информатичките технологии во секторот со цел негово поедноставно функционирање.

Игор Николов од ВМРО-ДПМНЕ го поздрави укинувањето на квотите, но констатира дека товарот за оваа мерка ќе падне на лекарите, а ќе се манифестира, како што рече, со насилството врз нив. Со оваа мерка, оцени, малите аптеки ќе пропаднат зашто се фаворизираат само два големи ланци.

-Ветувањето на СДСМ беше дека ќе го поедностави издавањето рецепти, но всушност го искомплицира. Сега матичниот лекар може да напише рецепт само ако го прати пациентот прво на специјалистот од каде треба да добие соодветна дијгноза, рече Николов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот