Доктор Нино Васев ѝ кажа на Маја Равник од Словенија дека „капецетабин“ се користи за рак на јајници во Македонија до ден денеска, а се користи и за уште 11 други типови рак
Доктор Никола Васев вкрстено ја испрашува докторката вештак од Словенија Маја Равник во судница предизвикувајќи шок. Доктор Васев рече дека наспроти медицинското вештачење на Равник за лекувањето на Клиниката за онкологија, во кое пишува дека лекот „капецетабин“ не се користи за лекување рак на јајници во Македонија овој лек и те како се користи за лекување рак на јајници и за уште 11 други видови рак и дека е врзан за македонските протоколи на лекување.
Препорачано
Васев точно ја наведе и клиничката студија изработена од свои колеги од Клиниката за онкологија, според која „капецетабин“ се користи кај карцином на јајници.
-Во European journal of cancer од авторките Клисаровска, Башевска и Билјановска, е објавена студија со наслов „Капецетабин како второ и третолиниска хемотерапија во третман на ретроактивен епителијален карцином на јајници“, каде во трудот кој е влезен во протоколот на нашиот Институт за радиотерапија и онкологија ние даваме „капецетабин“ во втора линија не само кај напреднат гинеколошки карцином, како и кај рак на дојка, кај колоректален карцином и уште 11 други индикации кои ќе ви ги кажувам како што ќе ги поминуваме историите на пациентите. Дали знаете дека ние имаме протокол за „капецетабин“ за втора и трета линија?, праша доктор Васев.
Вештакот рече дека ако во национален протокол влегол лек без индикација, тогаш тоа не може да го коментира.
-Капецетабин е многу успешен при лекување кај различни видови рак но повикувајќи се на протоколите нема индикација за лекување рак на јајници – рече вештакот Равник.
Потоа доктор Васев ѝ спомена на вештакот Маја Равник дека конкретната пациентка живеела 52 месеци, а просечното време на преживување е само 17 месеци.
-Кај ракот на јајници очекуваниот животен век се продолжува поради нови можности за лекување и нови сознанија. Така како што беше лекувана оваа пациентка барем на почетокот е во склоп на протоколите. Отстапува лекувањето со „цетуксимаб“ кое не е во согласност со онколошките протоколи за лекување рак на јајници, кажа вештакот.
Доктор Васев имаше и прашање во кое рече дека во онкологијата има вечна дилема – нема сложување кај онколозите кога да се заврши со давање на терапија.
-Онкологот мора да го балансира потенцијалот на екстензија на животот што е и очекување на пациентот кога доаѓа и потребата да се зачува квалитетот на животот. А притоа да се избегне потенцијално недејствување на онколошката терапија. Ќе се согласите ли дека најчести причини за прекинувањето на терапијата во онкологија се наглото влошување, проблеми со токсичност и одбивање на пациентот да ја прими таа терапија?, ја праша тој колешката од Словенија на што таа се согласи.
Доктор Васев зборуваше и дека кога некои пациенти ќе бидат отстранети од клиничка студија кај лек што им дал надеж, кај нив се јавува состојба во која се врзуваат за терапијата и сакаат да ја примаат до последниот ден.
-Пациентот има голема надеж во таа терапија иако можеби докторот реално гледа дека преживувањето е смалено и еден ден ќе заврши – рече доктор Васев.
За една терапија Васев рече дека на пациент му била препорачана во болница во Турција, на што Равник кажа дека и покрај тоа не може да оди надвор од протоколите. Васев потенцираше дека во вештачењето е опфатен и пациент во временски период кога тој не бил на работа зашто имал мерки и дека тоа не е негов пациент. Зборуваше за повеќе случаи каде на вештакот му недостасувале документи кои всушност – ги има и се изработени за пациентите.
Адвокатот на првообвинетиот доктор Никола Васев во предметот Онкологија 1, Боби Спирковски го претстави Васев како примариус, доајен во македонската онкологија и како човек што за време на својот мандат единствен се изборил за воведување на биолошката терапија и психолошката поддршка за пациентите и нивните семејства. Спирковски прво ја праша Равник дали има положено испит за судски вештак и дали има дозвола за работа како судски вештак согласно прописите на Словенија.
-Бев именувана за судски вештак при изготвување на ова мислење, со именување од Комисијата за судски вештаци при Медицинскиот факултет во Марибор што правно гледано е исто вредно и еднакво како и кога би била овластен судски вештак, што не сум. Но според законите на Словенија е сосема идентично, рече Равник.
Спирковски ѝ рече на докторката Равник дека во нејзиното вештачење не навела кој доктор ги направил наводните грешки во лекувањето на пациентите на Клиниката за онкологија.
-Јас во своите наоди според својата лична совест можам да дадам мислење дали лекувањето било во склад со добрата клиничка пракса и согласно протоколите. Точно е дека во наодите не гледав кој е потпишан под самиот третман на пациентот, сега според сеќавање можам да тврдам дека во документацијата на ист ден беа забележани наоди од страна на различни доктори. Ако е тоа важно, можам да го дополнам вештачењето, рече Равник.
Адвокатот на доктор Васев ја праша докторката Равник дали се запознала со македонските протоколи пред да го вештачи предметот на што таа одговори негативно, но тврдеше дека протоколите во Македонија би морале да се во склад со светските и европските.
-Протоколите се исти во целиот свет. Допуштам да има минимални разлики во државните протоколи кои се согласно локалната заедница, но стручно не смее да се заобиколат доказите на медицината базирана на докази. Затоа уште еднаш тврдам, дека земајќи ги предвид меѓународните и европските протоколи праксата не би смеела да отстапува од тие правила, рече Равник додавајќи дека иако не ѝ биле доставени националните македонски протоколи за лекување онколошки болести сепак тие не би можеле да се разликуваат во голем дел од светските, рече доктор Равник.
Вештакот доктор Маја Равник специјалист по интерна онкологија од Медицинскиот факултет во Марибор Словенија има извршено вештачење за 29 различни пациенти кои се лекувале на Клиниката за онкологија во Скопје, а се воделе како пациенти на ексдиректорот доктор Нино Васев. Таа е експерт ангажиран од ОЈО Скопје кое пак го гони Васев за тешки дела против здравјето на луѓето. Во истиот предмет за несовесно лекување болни се обвинети докторите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски од одделот за рак на бели дробови на Клиниката, но не за истите 29 пациенти.
Самите обвинети доктори најавија вештачења кои се дијаметрално спротивни од вештачењето на Обвинителството и негираат вина.


