Додека другите општини светат, Карпош во мрак: Од Општината велат – Секоја мајка плаче на својот гроб

Карпош во темница
Карпош во темница / Фото: Слободен печат.

Штедењето струја, за жителите на Карпош не значи дека ќе добијат пониски сметки за улично осветлување, напротив во тој дел промена нема, но ускратена им е услугата за која плаќаат.

Штедењето во Карпош со исклучување на уличните светилки секоја ноќ по четири часа продолжува и покрај незадоволството на жителите од оваа општина. Карпошани револтирани реагираат по социјалните мрежи, укажувајќи на фактот дека се чувствуваат сосема небезбедно во периодот од 1 часот по полноќ до 5 часот наутро, дека стравуваат за младите кои подоцна се враќаат дома во темница, но и за своите паркирани возила.

Од Општината очигледно немаат слух за реакциите на граѓаните, особено за  фактот дека карпошани плаќаат иста комунална такса за улично осветлување како останатите граѓани, а се единствени кои секоја ноќ ја поминуваат во целосна темница. Оттаму објаснуваат дека одлуката на градоначалникот Стевчо Јакимовски е во согласност со препораките на Стопанската комора која предлага штедење струја и која предупредува дека загубите ќе бидат сѐ поголеми ако не се преземе нешто, меѓу другото, и рационално користење на електричната енергија.

Но, штедењето струја, за жителите на Карпош не значи дека ќе добијат пониски сметки за улично осветлување, напротив во тој дел промена нема, но ускратена им е услугата за која плаќаат.

За тоа зошто само во Карпош се исклучува уличното осветлување кога тоа не е случај во другите општини, оттаму одговараат со бројки.

Секоја мајка плаче на својот гроб. Ние ги решаваме нашите проблеми, а тие изгледаат вака: во март 2021 година сметката за улично осветлување изнесувала 1 217 233 денари, а во истиот месец годинава сметката изнесува 7 435 540 денари – кусо објаснуваат од Карпош.

Општина Карпош не чувствува одговорност ниту доколку поради исклучените светилки се зголеми криминалот, разбојништвата, обивањето или кражбите на автомобили. Оттаму следува уште еден необичен одговор – велат, темницата им пречела и на крадците.

На крадците поголем проблем им е темницата затоа што и ним им треба светлина додека ги вршат криминалните дела. За жал, најголем дел од кражбите се случуваат во текот на денот кога граѓаните се на работа, отсутни од нивните домови – тврдат од Карпош.

Од ЕВН објаснуваат дека пресметката на тарифата за улично осветлување, или поточно, комуналната такса за јавно осветлување е уредена во Законот за комунални такси.

– Согласно споменатиот Закон, износот на комунална такса е поврзан, односно е пропорционален со тарифите за електрична енергија, кои ги утврдува Регулаторна комисија за енергетика – велат од компанијата и додаваат дека ЕВН само ја наплаќа комуналната такса како што пропишува Законот, а средствата директно ги префрла во општините и притоа не навлегува во примената на Законот од страна на општините.

Состојбата со уличното осветлување во општина Карпош трае повеќе од две недели. Најпрво осветлувањето се гаснеше повремено во населбите. Тогаш од Општината објаснуваа дека се решаваат повеќе дефекти и дека реонски се работи на нивното отстранување.

Во врска со одредени проблеми со уличното осветлување станува збор за реализирање на активности за отстранување на повеќе дефекти и претходно регистрирани проблеми со уличното осветлување на територијата на Карпош –тврдеа тогаш од Карпош.

Една недела подоцна градоначалникот Стевчо Јакимовски соопшти дека се набавени 173 тајмери  кои по 1 часот по полноќ го гасат светлото затоа што сметките за електрична енергија биле три и пол пати повисоки од претходните години за истиот период. Тој на граѓаните им порача дека има две можности – да се штеди или да се покачи таксата за уличното осветлување.

Колку за потсетување – висината на комуналната такса зависи од цената на струјата, која ја утврдува Регулаторна комисија за енергетика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот