Добро, лошо и мистериозно

жанета скерлев
фото: Архива/Жанета Скерлев

Мистеријата кој ги снимил и како снимките стигнале до јавноста, тешко дека ќе се разреши. Во меѓувреме, некој решил да се исклучат сите камери од сите министерства. А Џонсон реши да го врати бившиот канцелар Саџид Џавид на местото на Ханкок, па одговорноста отиде со љубовџијата.

Немало врска со фудбалот, ниту со комплексите, ниту со 55-те години чекање да се поразат на терен, тоа било пред натпреварот, кога  канцеларката Ангела Меркел најави дека Германија ги затвора границите за британските државјани. Причината е ширењето на оној најновиот, делта вид ковид, кој во земјата некако зема замав, па секој ден се пријавуваат нови заразени. А Германија, која во моментов релативно успешно се справува со пандемијата, не сака да ризикува. Па решава на островјаните да им каже рикверц.

Така сега и ние, пошто островјани, треба да правиме нов „план Барбароса“, како, сега со автомобил, со две вакцини, со ковид-тест преведен на француски и италијански да стигнеме до првата татковина, преку канали и мориња, брда и долини, пријателски и помалку пријателски земји и мештани (не им заборавам на Словенците и Унгарците,  малтретажа и бесмислени казни…) Да ја залечиме лондонската реума и изолациската траума.

Навистина, како се случи Обединетото Кралство, кое е рекордер во вакцинирано население и со првата, а одлично оди и со втората ковид-19 вакцина, да е истовремено и рекордер (по Соединетите Држави ) во смртни случаи и во „продукција и ширење“ нови видови и подвидови ковиди?! Добро, „делта“ е индиски, ама „кент“ е наш! Па, црвосавме дома, ние послушните (не оти па имавме некој избор), толку долго ништо не работеше освен самопослуги, аптеки и продавници за даски, толку многу зумови и скајпови и тимсови искористивме, толку многу се изнаседевме пред телевизорите што на фотелјите и каучите има отпечатоци и вдлабнатини од знаете кој дел од телата, толку многу маски изнаносевме, толку многу кармини ни останаа неискористени… што навистина е мистерија од каде сега пак тука нови и нови и нови варијанти и случаи и заразени и…

 

Жртвениот љубовџија

 

Вакцините и вакцинирањето се големиот успех на владата на Џонсон поради што засега му се простуваат многу работи. Системот на следење и  потрага на заразени од ковид-19 и потоа испраќање во карантин или на лекување или во болница во Ју Кеј, и покрај потрошените милионски суми и најавите дека ќе бидеме „први во регионот“ (во кој, по брегзит, допрва треба да се објасни, ама ајде, да им одбиеме на конзервативна еуфорија), потфрли. Поточно, беше лош. Носењето маски и изолацијата доцнеше.

Во почетокот, набавката на заштитна медицинска опрема беше фијаско. Лани  БоЏо со пивце мангупски бараше да го носат во болница со заразени за да докаже дека заразата е грипче. Нормално, во политички стил,  ако не сакаш  нешто да излезе  на виделина, формирај комисија и  главното жртвено јагне за пропустите со пандемијата со ковид-19 во земјата, требаше да биде министерот за здравство, Мат Ханкок. Но, Ханкок падна на политичкото поле  предвреме, релативно млад, релативно недоискажан, ама пак целосно и дефинитивно љубовно исполнет. Фатен на камера пред сопствената канцеларија како се фаќа и ја фаќа за… својата главна советничка, во време кога самиот зборуваше дека нема контакти со лица надвор од семејството, падна на ножот од сопствените зборови. Значи, не дека се швалерисуваше, туку дека тоа го правеше кога на другите им велеше ништо да  не (го) прават со „чужди лица“, надвор од семејниот круг.

Не му помогна тоа што му се извини на премиерот, кој нормално беше полн со разбирање за вонбрачни активности. Борис Џонсон  и самиот е шампион за вонбрачни активности  и во една пригода како министер дури доби и „црвен картон“ кога забремени новинарка, лажеше, па тестот (овој пат за татковство) ја разреши мистеријата, го разреши од министерството и докажа дека тој е тој, вонбрачниот љубовџија. Можеби затоа тој не го отпушти, ама Мат, под притисок на јавноста,  сепак мораше да си даде оставка.

Инаку, токму Ханкок беше тој што требаше да биде одговорен за сите грешки и лоши одлуки на владата во врска со пандемијата кога комисијата ќе расправаше како биле водени активностите. Ама ете, отиде човекот прерано, да живее со својата помошничка, љубов од студентските денови, која  ја вработи со буџетски пари. Мистеријата кој ги снимил и како снимките стигнале до јавноста,  тешко дека ќе се разреши. Во меѓувреме,  некој решил да се исклучат сите камери од сите министерства. А Џонсон  реши да го врати бившиот канцелар Саџид Џавид во кабинетот на местото на Ханкок, па одговорноста отиде со љубовџијата.

Враќањето во релативната нормалност почнува да го врти вниманието кон животните прашања. За компаниите кои ја искористија пандемијата да отпуштаат,  па пак да вработуваат, но по нови, полоши услови.  За Лондон кој никако да заживее, можеби, велат злобните ама во овој случај и прецизни  јазици,  и зашто градоначалник е лабуристот Кан, кого Џонсон не го сака. За брегзитот кој нешто не оди најдобро. За економските показатели кои никако да охрабрат. Северна Ирска и Република Ирска, велат,  стануваат се поблиски далеку од очите на Вестминстер, а еуфоријата од фудбалот во Англија не ги грее ниту шкотските ниту велшките срца.

 

Памти ѓезвето

     

Имаше во „Нова Македонија“, весникот во кој работев пред еден живот, бифе во кое се правеше кафе во ѓезвиња. Оние оригинал, турските. Павле, кафе-куварот број еден,  ќе отидеше назад во кујната, ќе ставеше лажичка кафе, лажичка шеќер и од чајникот кој постојано беше полн ќе дотуреше вода, па ќе почекавме на ринглата кафето „да се крене“, па пиење. И речиси секогаш без исклучок, кафето беше ретко. Водлесто. На оние кои пиеја со шеќер, барем им беше слатко. „Де бре Пајо, ќе му речевме, стави малку кафе во кафето, ова вака не се пие“. „Има, има кафе“, ќе речеше, „плус ова е за ваше добро. Вие новинарите толку многу кафиња пиете, што ако ви ги правам јаки, нема да биде добро за вас… и на место фала да ми кажете што се грижам за вашето здравје, вие уште и се жалите“.

Еден ден, во налет на инспирација, му доаѓам така на Павле и му велам – „Пајо, знаеш што? Твоето кафе има една добра работа, една лоша работа и една мистерија. Е, ај да те слушнам“, ми вели. „Добрата е, има шеќер. Лошата е – нема кафе. Мистеријата е – од што е толку црно?!“ А Павле мртов ладен: „мислиш јас ги мијам ѓезвињата по секое направено кафе? Има тука кафиња и кафиња и кафиња, памти ѓезвето, ехеј…“

(Ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се секогаш ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот