Дискриминацијата на жените го зголемува ризикот од рак: Би можеле да се спречат 800.000 смртни случаи годишно

Фото: Pexels/Anna Tarazevich

Ракот е една од најчестите причини за смрт кај жените. Притоа, милиони животи би можеле да се спасат доколку жените имаат подобар пристап до превенција и лекување на болеста. Експертите се залагаат за феминистички пристап кон проблемот.

Здравствените експерти повикуваат на „феминистички пристап“ кон ракот за да се отстранат нееднаквостите, бидејќи истражувањата откриваат дека 800.000 жени ширум светот годишно умираат непотребно бидејќи им е оневозможена оптимална нега, пишува „Гардијан“. 

Рако ширум светот е една од трите најчести причини за прерана смрт кај жените под 70 години. Од 2,3 милиони жени од таа група кои секоја година умираат како последица на рак, може да се спасат околу 1,5 милиони животи, тврди новата анализа – но само под услов да се подобри процесот на рано откривање на болеста, односно да се елиминираат главните ризици кои доведуваат до појава на рак.

Дополнителни 800.000 смртни случаи би можеле да се спречат доколку сите жени би имале пристап до оптимален третман за рак, пишува „Дојче веле“.

Дискусијата за ракот кај жените – судејќи според наводите на Комисијата Лансет, која сака да даде препораки до политичарите кои донесуваат одлуки за организацијата на системите за здравствена и социјална заштита – често се концентрира на „женскиот рак“, како што е ракот на дојката или грлото на матката.

Но, секоја година околу 300.000 жени помлади од 70 години умираат како резултат на рак на белите дробови, а 160.000 од рак на дебелото црево. Во последниве децении, во многу земји со високи приходи, бројот на смртни случаи од рак на белите дробови кај жените е поголем отколку од последиците од ракот на дојката, вели д-р Изабеле Соерјоматарам, заменик-шеф на Одделот за надзор на рак во Меѓународната агенција за истражување. за рак (IARC). Таа е воедно една од претседателките на Лансет.

Феминистички пристап

Главната причина зошто жените имаат толку лош пристап до превентивни мерки, дијагнозата и третманта на рак, пред сè, е родовата (половата) нерамноправност.

Комисијата Лансет затоа се залага за нова „феминистичка агенда“ во лекувањето на ракот, со цел да се елиминира таа нерамноправност меѓу половите, односно дискриминацијата на жените.

Во здравствените системи, како што се тврди, во лекувањето на ракот и во истражувањето на оваа болест, мора многу поинтензивно да се води сметка за потребите на жените, за да се намали ризикот од рак кај женската популација на глобално ниво.

Во текот на подготовката на новиот извештај „Жените, моќта, ракот: Комисија за Лансет“ (Women, power, and cancer: A Lancet Commission), учествувал многу разновиден, меѓународен тим на експертки во области како што се човековите права, родовата еднаквост, правото, економијата, социологијата, превенцијата и лекувањето на ракот, односно луѓе кои ги застапувале интересите на пациентите.

„Во целиот свет, прашањето за здравјето на жените често се концентрира на нивното репродуктивно здравје и на здравјето на мајките, што е тесно поврзано со антифеминистичката дефиниција за вредноста и улогата на жената во општеството. Во исто време, прашањето за ракот е значително помалку застапено“, вели д-р Офира Гинсбург, водечка советничка за клиничко истражување во Институтот за рак на Центарот за глобално здравје од САД.

Фактори на ризик за појава на рак

Судејќи според наводите на Комисијата Лансет, факторите на ризик за појава на рак кај жените мора попрецизно да се истражат, имајќи предвид дека тие се помалку познати од факторите на ризик кога станува збор за појава на рак кај машката популација.

Постојат бројни индикации дека постои одредена поврзаност помеѓу конкретни производи кои главно ги користат жените, на пример, за избелување на кожата или за „пеглање“ на косата и зголемиот ризик од појава на рак. Многу жени воопшто не се свесни за бројните фактори на ризик кои можат релативно лесно да се елиминираат: околу 1,3 милиони жени од сите возрасни групи починаа во 2020 година како последица на четирите најважни фактори на ризик кои влијаат на ракот: тутун, алкохол, дебелина и инфекции. Многу жени едноставно ги потценуваат овие фактори.

Така, една студија од 2019 година дошла до заклучок дека само 19 отсто од жените во Велика Британија кои учествувале во програма за превентивни прегледи со цел рано откривање на ракот, воопшто знаеле дека еден од главните фактори кои влијаат на појавата на ракот на дојката е – алкохолот.

„Ние сме на мислење дека е дојдено време владите на тоа да дејствуваат со политика која се заснова на специфичностите на полот, политика која ја зајакнува свеста за тие фактори на ризик, односно ја намалува изложеноста на жените на тие фактори“, вели д-р Изабеле Соерјоматарам.

Што е со потребите на жените?

Имајќи предвид дека многу жени во светот се дискриминирани во однос на нивните шанси за образование или вработување, тие често воопшто немаат финансиски средства потребни за да ги платат скапите третмани, односно процедури за лекување на рак.

А тука има уште еден проблем: со оглед на тоа што мажите генерално не го преземаат главниот товар на грижата за децата, жените кои боледуваат од рак често не се способни да се грижат за сопственото здравје, вели една од авторките на студијата, проф. Нирмала Бу-Пати, од Универзитетот во Малаја и Универзитетот Квин Белфаст.

„Поради нормите за родовата улога, од жените често се очекува да ги стават потребите на нивните семејства пред сопствените потреби или дури и на сметка на сопственото здравје, што понекогаш им го отежнува користењето на здравствените услуги.“

Жените како неплатени негуватели

Дискриминаторските улоги меѓу половите се одговорни и за тоа што претежно жени ја преземаат улогата на неплатени негувателки на луѓето кои боледуваат од рак, главно без соодветна валоризација од страна на општеството.

Затоа Комисијата Лансет бара воведување поправедни и поинклузивни стандарди во однос на платите за нега на пациентките и пациентите кои имаат рак.

Дискриминацијата на жените во многу општества, според Лансет, воедно е и причината поради која се „кочи“ подемот на жените во професијата на водечки позиции во истражувањето на ракот, политиката кон рак или односот кон ракот во пракса. Според нивното мислење, тоа е една од главните причини зошто денес има толку малку превентивни мерки „скроени“ на потребите на жените, односно мерки за лекување на рак прилагодени на женската популација.

Ова исто така важи и за болниците, центрите за третман на рак или истражувачките институти, во кои, на глобално ниво, жените имаат водечка улога во само 16 отсто од случаите.

Зајакнување на правата на жените

Комисијата, освен тоа, се залага и за почитување на родово-специфичните теми во сите области на политиката кои се однесуваат на односот кон ракот, односно насоките поврзани со таа тема – со цел на праведен начин да се одговори на потребите и желбите на сите жени.

Освен тоа, наведува Комисијата, потребни се и стратегии за зајакнување на свеста на жените за факторите на ризик, односно симптомите на ракот, како и подобрувања во областа на еднаков пристап до третманите за рано препознавање на болестите и дијагнозите на ракот. Сето ова би можело да се обезбеди на подобар начин и со еднаква застапеност на жените на раководните позиции, се додава во студијата на Комисијата Лансет.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот