Дина Јашари ќе ја претставува Македонија на престижниот фестивал „Еуросоник Нордерслаг“ во Холандија
Најистакнатата млада кантавторка на современата македонска музичка сцена, Дина Јашари, годинава е официјално избрана да ја претставува Македонија на најголемиот европски шоукејс фестивал „Еуросоник Нордерслаг“ (ЕСНС), на 40. фестивалско издание, кое ќе се одржи од 15 до 18 јануари 2026 година во Гронинген, Холандија.
Препорачано
Настапот на Дина на овој престижен настан претставува значајна можност за нејзината кариера, но и важен момент за нашата, но и регионалната музичка сцена. Таа ќе има уникатна прилика да ја претстави својата музика пред меѓународна публика и пред врвните музички професионалци од светската индустрија.

„Еуросоник Нордерслаг“ е препознатлив како фестивал кој открива нови музички ѕвезди и претставува платформа низ која поминале некои од најголемите имиња на современата музика, меѓу кои Дуa Липа, Џејмс Блејк, Розалија и многу други. Секоја година фестивалот привлекува повеќе од 40.000 посетители, фанови и професионалци од музичкиот свет.
Дина Јашари, позната по своите хитови, меѓународни турнеи и актуелниот албум „Растенија без корен“, се наметнува како едно од највлијателните имиња во новиот музички бран – албум кој критиката го препозна како искрен и автентичен приказ на современата реалност и свеж здив за регионалната сцена.
Нејзиниот настап на ЕСНС ќе биде петто учество на македонски артист на овој фестивал, по Кирил Џајковски, „Бернајс пропаганда“, „Фанк шуи“ и „Луфтханза“. Оваа година, Дина Јашари е името што ќе ја претставува Македонија на големата европска сцена во Гронинген.
Кантавторката Дина Јашари го објави својот деби-албум „Растенија без корен“


