ДИК излегува на терен: Ќе бара големи простории со отворени прозорци

Големи простории со прозорци кои ќе можат да бидат цел ден отворени. Гласачките места ќе бидат на приземје, претежно во спортски сали или во училишни ходници за да може да има дистанца и меѓу членовите на избирачките одбори, но и меѓу набљудувачите на изборите и гласачите.

За ден или два Министерството за здравство ќе ги достави протоколите за изборниот ден до Државната изборна комисија. Во нив ќе бидат наведени насоките како треба да биде организиран изборниот процес за да може да се обезбеди целосна заштита на сите учесници, и на граѓаните и на членовите на избирачките одбори. Препораките ќе бидат вметнати во упатствата и во подзаконските акти на ДИК. Претседателот на ДИК од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Оливер Дерковски рече дека е убеден дека изборниот процес ќе успее и покрај сите предизвици и информираше дека во наредните денови излегуваат на терен за да направат проценка за условите на избирачките места.

– Добиваме секојдневно информации по задачата што им ја дадовме на нашите подрачни одделенија за состојбата на гласачките места и во наредните денови и ние како членови на ДИК заедно со нашите служби ќе излеземе на терен за да извршиме проверка на гласачките места. Сакаме да најдеме соодветни гласачки места, со цел да обезбедиме безбедно гласање. Сите гласачки места ќе бидат во доволна квадратура за да може безбедно да се гласа, ќе бидат со прозорци кои ќе можат да бидат отворени цел ден за проветрување на просторијата и да се обезбеди дистанца меѓу членовите на избирачките одбори, секако и на набљудувачите на процесот и да се обезбеди ред. Просториите ќе бидат на приземје, секаде ќе се користат сите спортски сали и ходници во училиштата, за да може колку што може на поотворен простор да се одвива гласањето – рече Дерковски

Потпишувајќи го денеска Кодексот за фер и демократски избори, дел од претставниците на партиите посочија дека очекуваат институциите да обезбедат безбедносен изборен ден во кој нема да биде загрозено здравјето на граѓаните. Љупчо Николовски од СДСМ рече дека на 15 јули ќе имаме демократски избори кои 100 отсто ќе бидат здравствено безбедни. Во таа насока посочи дека нема да бидат организирани митинзи, туку максимално ќе ги користи сите електронски алатки, социјалните мрежи, но и традиционалните, како на пример билбордите.

– Со големо внимание ќе ги следиме протоколите и сите мерки. Само така можеме да бидеме поддршка на здравствените работници кои се во првата линија во борбата со коронавирусот за што мораме да им бидеме крајно благодарни. Убеден сум дека мнозинството граѓани почитувајќи ги доследно мерките за заштита ќе излезат на гласање и ќе се определат за СДСМ и коалицијата „Можеме“, бидејќи луѓето сакаат европска иднина и прогрес, а не уназадување и изолација, сакаат безбедност како што го добивме со членството во НАТО – рече Николовски.

И претставникот на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев посочи дека посакува фер и демократски избори иако настаните во предизборието го покажале спротивното. Очекува политичките партии да се надминат самите себе си.

– Желбата за самоопстојување да ја надминат со тоа што ќе учествуваат во фер и демократска кампања. Посакувам фер и демократски да ја истрчаме заеднички оваа кампања, бидејќи на крајот на денот во оваа ситуација најбитно е здравјето и животот на луѓето, и затоа треба да се почитуваат сите мерки – рече Јанушев.

Претставникот на „Моја партија“ Александар Тортевски апелираше до ДИК да достави објективни критериуми за бројот на учесниците, бидејќи лицата кои се во критична состојба или во самоизолација може да влијаат врз освојувањето на пратеничките места.

Претставникот на ДУИ Шермина Мамути посочи дека ќе водат безбедна кампања, во која ниту на момент не треба да се заборави на Ковид 19. Рече дека за нејзината партија здравјето на граѓаните ќе биде пред се во овој изборен процес.

Претставникот на „Единствена Македонија “, Солза Грчева, порача дека во услови на жестока пандемија не треба да се отвора изборен процес. Ги повика граѓаните да ги почитуваат здравствените протоколи.

МВР денеска го достави Избирачкиот список и сега следува втората фаза – методолошка обработка од институциите. За да ги заштити новинарските тимови, од ДИК најавија дека ќе обезбедат и опрема за следење на седниците и прес конференциите во живо.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот