Дибиров: Многу сме разочарани, но не сме во криза

тимур дибиров
Русинот Тимур Дибиров, верен на Вардар 1961/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Тимур Дибиров истакнува дека владее потиштеност кај „црвено-црните“ по неколкуте порази во Европа и на домашната сцена, но дециден е дека моментната состојба не треба да се дефинира како резултатска криза на Вардар.

Дали може да се каже дека Вардар се наоѓа во некоја посериозна резултатска криза, по последните неколку порази во ЛШ и во домашното првенство? Според еден од најконстантните и најквалитетни поеднинци во тимот на „црвено-црните“, Тимур Дибиров, сите во Вардар се разочарани поради неколкуте порази. Но, тој вели дека Вардар не е во резултатска криза. Тимот е сè уште многу нов и ќе му треба уште воигрување да даде полн потенцијал во ЛШ. Што се однесува до шокантниот пораз од вториот тим на Е. Пелистер во домашното првенство, Дибиров вели дека во Вардар се изненадени и потиштени што тоа им се случило, но, сезоната е долга и треба да се извадат поуки.

– Ако ги гледаме последните резултати, може да кажеме дека сме многу разочарани. Но, не би кажал дека тоа е некоја резултатска криза, што се однесува до Лигата на шампионите. Изгубивме на гости од Алборг, тим кој играше во последното финале на Лигата на шампионите. И од моќниот Кил. Кил секогаш е Кил. Наша амбиција е да победиме секого. Имавме шанса и штета што не ја искористивме. Но, тешко е да каже дека сме во резултатска криза. Кил е екипа која е пет-шест години заедно со играчи кои пред две сезони ја освоија ЛШ. Жал ни е дека изгубивме, но да не заборавиме дека ние во овој состав сме три месеци заедно. Тоа е разлика. Ние сакаме и можеме да играме подобро – вели Дибиров, па го коментира и поразот во Битола од вториот тим на Е. Пелистер, во Суперлигата.

Ракометарите на Вардар 1961 веруваат дека ќе се вратат на правиот пат/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

– Што се однесува до поразот од Е. Пелистер 2, мислам дека сите сме изненадени и потиштени, ама годината е долга. Можеме да извадиме поуки од овој пораз. Треба да се спомене дека не можевме да играме во полн состав (поради ограничувањето на бројот на странски играчи во домашното првенство н.з.), но, тоа не треба да ни биде оправдување. Тоа значи дека треба да поправиме некои работи – вели Дибиров.

Таков пораз лошо влијае на духот на тимот.

– Нормално дека секој пораз е болен. Но, токму во ова време по поразот од Е. Пелистер 2 стартуваше и ЕХФ-неделата. Репрезентативците отидоа во своите репрезентации и тоа некако добро ни доаѓа да се опуштиме, да размислуваме што е добро, а што не чини. Поразот никогаш не е добар за атмосферата, а во овој случај знаеме каде сме криви и ќе бидеме подобри – вели Тимур, староседелец од осум години во Вардар.

На личен план тој го брка својот 1.000. гол во ЛШ, а му треба уште три гола за да дојде до ова ретко остварување. Досега има само двајца ракометари во историјата на ЛШ кои постигнале (над) 1.000 гола. Тоа се Кирил Лазаров и Никола Карабатиќ. Дибиров на следниот натпревар од ЛШ веројатно ќе им се придружи. Лазаров е на првото место со 1.462 гола.

– Имам уште три гола до рекордот. Но, на следниот натпревар повеќе би посакувал два бода. Тие три гола ќе дојдат побргу или побавно не е важно. Јас сум горд на тоа достигнување. Сигурно ќа ја славам таа бројка. Но, посреќен ќе бидам да добиваме бодови од победи одошто да го дочекам тој рекорд – вели миленикот на ракометните фанови во Македонија, Тимур Дибиров.

Вардар по почетните три кола без пораз во ЛШ, нанижа три порази, од Монпеље, Алборг и од Кил. Како капак дојде поразот во домашната лига од вториот состав на битолчани (27-26)…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот