Џеф Безос и мистериозниот свет на суперјахтите

Јахта илустрација/ Фото: CorinMesser / BNPS / Profimedia

Јахтата на Безос е речиси колку Големата пирамида во Гиза (ако садот е поставен вертикално), односно е малку помала од половина од Ајфеловата кула.

Веста дека Џеф Безос купил суперјахта предизвика интерес во мистериозниот свет на пребогати глобтротетри кои уживаат во овие ултимативни статусни симболи. Експертите велат дека индустријата за суперјахти цвета со години, дури и за време на глобалното економско забавување предизвикано од пандемијата.

Џеф Безос, основачот на Амазон и најбогатиот човек на светот, скоро го удвои своето богатство од 2017 година, на што му помогна и фактот дека минатата година повеќе луѓе од кога претходно било се свртеа кон купување преку Интернет, пишува BBC.

Ова не е случај само со Безос. Многу од најбогатите во светот го зголемија своето богатство во последните неколку години. Бродоградилиштата продолжија да произведуваат мегајахти за кои експертите велат дека растат додека се здобиваат со популарност. Според експертите и посредниците, во 2020 година се продадени повеќе јахти од кога било досега, а во 2021 година повторно ќе се забележи рекордна продажба.

Што е познато за јахтата на Безос?

Според најновата биографија на Безос, објавена од „Блумберг њуз“, неговата јахта долга 127 метри се гради во холандското бродоградилиште „Океанко“. Се проценува дека чини околу 500 милиони долари, капка во океанот за најбогатиот човек во светот, чие богатство се зголеми за 13 милијарди долари за еден ден во 2020 година. Неговата проценета нето вредност сега е скоро 200 милијарди долари.

јахта 2
Фото: Credit line: Bob Kreisel / Alamy / Alamy / Profimedia

Гореспоменатата цена не ја вклучува помалата моторизирана „јахта за поддршка“ што Безос исто така планира да ја купи. На помалата јахта има хелиодром. Имено, девојката на Безос, телевизиската водителка Лорен Санчез, е пилот на хеликоптер. Нема место за хелиодром на главната јахта поради трите јарболи за едра на палубата. Помалата јахта се очекува да биде преполна и со други погодности, како што се автомобили и луксузни глисери. Веројатно ќе има дури и подморница, велат експертите.

Мистериозниот проект за суперјахти, познат како Y721, се очекува да заврши во текот на јуни, според Блумберг. Веројатно, нарачката на Безос пристигнала пред неколку години затоа што се потребни околу пет години за да се направат такви бродови по нарачка. Океанко, холандски производител на јахти, не даде коментар за проектот. Тој претходно ја изгради 100-метарската „Црн бисер“, втора најголема едриличарска јахта во светот.

Што е суперјахта?

Не постои официјална дефиниција за суперјахта, но во индустријата поимот генерално се однесува на јахта подолга од 25 метри. Некои ја оспоруваат таа дефиниција, верувајќи дека терминот суперјахта се однесува на бродови подолги од 70 метри. Некои дури го прифатија терминот гигајахта за бродови подолги од 100 метри. Јахтата на Безос е речиси колку Големата пирамида во Гиза (ако садот е поставен вертикално), односно е малку помала од половина од Ајфеловата кула.

Само неколку суперјахти како бродот Безос се завршуваат секоја година, но таквите проекти често се прават во таква тајност што од градежниците се бара да потпишат договори за неоткривање информации. Затоа, тешко дека ќе откриеме дали Безос го копирал декоративниот вкус на рускиот олигарх Андреј Мелниченко, кој ѕидот во една од собите на својата јахта ја прекри со кожа од раја.

Каква е состојбата во индустријата за јахти?

Индустријата за јахти рапидно расте во последните 20 години. Според Националното здружение на производители на бродови во САД, продажбата на бродови достигна 13-годишен рекорд во 2020 година, што укажува на тоа дека луѓето се свртуваат кон водата заради безбедни, социјално оддалечени активности за време на локдаун.

“Пазарот цвета. Рекорден број на трансакции се случија, а тој тренд продолжи до денес. И пазарот на користени јахти е жежок”, изјави Сем Такер, раководител на истражување на суперјахти во фирмата за истражување на пазарот VesselsValue.

Според Такер, во морињата има 9.357 јахти подолги од 22 метри, што ги вклучува и оние што не потонале или се подложени на ремонт на копно. Околу 85 проценти се моторни јахти, а едрилици како онаа нарачана од Безос има околу 15 проценти. Во 2020 година беа изнајмени помалку јахти, изјави Такер за Би-Би-Си, што му го припишува на пандемиските ограничувања за патувањата.

Продажбата падна на неколку недели, но нарачките во САД веднаш потоа се зголемија нагло. Во јуни, се чинеше како некој да го турнал прекинувачот кога нарачките почнале да пристигнуваат, вели Боб Денисон, брокер на јахти во Форт Лодердејл, Флорида од 2001 година: „Никогаш порано не било така. Побарувачката е двапати или три пати поголема она што сум го видел претходно“.

супер јахта
Фото: Credit line: CorinMesser / BNPS / Profimedia

Компанијата на Денисон продаде 1.008 пловни објекти во 2020 година, или 35 проценти повеќе од претходната година. Во моментов е на пат да забележи ново зголемување од 30 проценти во 2021 година. Околу 65 јахти од оние што ги продал во 2020 година биле суперјахти. Досега се продадени околу 40 суперјахти оваа година, што значи дека неговата компанија продала околу 2,2 суперјахти неделно од јануари досега. „Побарувачката целосно ја надмина понудата“, вели неговиот колегата Бен Фарнборо, кој додава дека сега е сè потешко да се најдат користени чамци за продажба. Фарнборо се надева дека олеснувањето на епидемиолошките мерки наскоро ќе овозможи патување во Европа за купување на повеќе користени јахти заради продажба во САД.

Кој купува суперјахти?

Бродовите честопати ги купуваат компании, а потоа ги изнајмува сопственикот на компанијата, што отежнува веродостојно да се утврди кој поседува јахта. Во попознатите бродоградежни пристаништа, како што е она во Холандија каде што се наоѓа Океанко, хобистите ќе се обидат да ги забележат броевите на опашките на приватните авиони, обидувајќи се да утврдат кои милијардери дошле да ја погледнат нивната идна јахта.

„Приватноста е целата поента на поседувањето јахта“, вели Такер. Се шпекулира дека јахти имаат и Марк Цукерберг и Бил Гејтс, технолошки милијардери. „Тоа е многу приватен имот и една од причините за нивното купување е приватноста“, вели Такер. Приватноста исто така нуди заштита на безбедноста, што не е незначително за најбогатите луѓе во светот.

И покрај нивната зголемена популарност, ултрабогатите денес не сакаат јавно да ги откриваат своите најнови играчки. Откако холивудскиот милијардер Дејвид Гефен објави дека е „изолиран“ на својата јахта во тропски рај, надевајќи се дека сите други се „безбедни“ за време на пандемијата, тој потоа се најде на удар на критичарите. „Дали Дејвид Гефен само што на сите ни го покажа средниот прст? напиша еден корисник на Инстаграм.

Зошто јахтите се толку скапи?

“Јахтите нудат вистинска ексклузивност што се споредува со сопственост на приватен остров или градење на персонализиран град од нула. Уште во ренесансата, богатите патрони плаќале милиони долари во тогашни пари за изградба на катедралата. Овие беа најспектакуларните проекти во нивното време, суперјахтите се многу слични во тој поглед. “, изјави за Би-Би Бил Спрингер, кој пишува за индустријата за јахти за списанието Форбс.

„Тие се чувствуваат поудобно во нив и се движат подалеку од класичните гламурозни пристаништа како Монако“, истакнува Спрингер. Луѓето сега пловат кон егзотични и оддалечени места, како што се Антарктикот и Папуа Нова Гвинеја, бидејќи сопствениците сметаат дека јахтите се повеќе од статусни симболи. Најдобрите суперјахти се изградени по мерки, а светските мајстори го обработуваат секој детал според вкусовите на најбогатите луѓе во светот.

Изградбата може да трае со години. Јахта како онаа за Безос веројатно вклучува околу 400 работници и дизајнери, проценува Фарнборо. Кога ќе биде готова, ќе му требаат околу 60 члена на екипажот. „Годишните оперативни трошоци се околу 10% од набавната цена“, вели Такер од „VesselsValue“. „Високите цени на нафтата и потенцијалните нови блокади може да доведат до појава на јахти што се појавуваат на пазарот во текот на следната година“, проценува Такер.

Што друго чини колку една суперјахта?

Во 2013 година, Безос го купи „Вашингтон пост“ за само 250 милиони долари, приближно половина од цената на неговата нова суперјахта. Сликата на уметникот Жан-Мишел Баскијат моментално е на аукција во Њујорк по цена од 145 милиони долари. Тука е и сликата на Клод Моне која чини околу 350 милиони долари. Вирџин Галактик во последните неколку години продава билети за патување во вселената од 200.000 до 250.000 долари. Ова се подготовки за првото комерцијално лансирање. Но, ако сте Џеф Безос, нема потреба да резервирате билет. Безос, кој стои зад вселенскиот проект Блу Ориџин, би можел да лета со сопствениот ракетен брод, заклучува Би-Би-Си.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот