Џафери: Партиите што побргу да ги приближат ставовите за Законот за ЈО

„Мој повик, апел е да си ги приближат ставовите. Пораката од еврокомесарот Оливер Вархељ и изјавата на францускиот амбасадор Кристијан Тимоние беше повеќе од јасна“, рече претседателот на Собранието.

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска им порача на партиите што побргу да ги приближат ставовите за Законот за Јавно обвинителство.

– Мој повик, апел е да си ги приближат ставовите. Пораката од еврокомесарот Оливер Вархељ и изјавата на францускиот амбасадор Кристијан Тимоние беше повеќе од јасна, рече Џафери денеска во изјава за медиумите во Собранието.

Според пратеничката на СДСМ, Снежана Калеска Ванчева најголемата опозициска партија нема слух за Закон за обвинителство.

– Во овој момент не гледам дека се загрижени и дека би сакале да седнат да поработиме на оваа тема. Мислам дека тоа е особено од моментот кога се најавија изборите, едноставно целосно го тргнаа на страна, тоа е мојот впечаток се надевам дека грешам, би била пресреќна да грешам и да се откочи процесот, рече Калеска Ванчева.

Претпоставувам, додаде таа, дека опозицијата смета дека на тој начин ќе успеат да го изменаџираат она што се случуваше и со предметите од СЈО, но за жал тоа е многу погрешен пристап.

– Ако сите се залагаме барем декларативно, и дека политиката треба целосно да ги тргне рацете од судската власт тогаш ова е тотално спротивно… Не е добро таков закон да го носи една политичка партија, односно политичката партија или пратениците од власта. За такви закони треба да имаме поширок консензус, рече Калеска Ванчева.

Според неа, одговорноста доколку не се донесе законското решение е подеднаква и на власта и на опозицијата.

На прашањето дали очекува од опозицијата компромисно решение за овој Закон и дали ќе повикаат на средби на работните групи, Калеска Ванчева рече дека постојано тоа го прават, но дека искрено во овој момент не гледа дека опозицијата е загрижена за оваа тема.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски смета дека би било добро да се донесе ова законско решение.

– Сметаме дека би било добро да се донесе, стоиме на располагање на владината група на парламентарното мнозинство ДУИ и СДСМ за конструктивни преговори каде би ги дале нашите предлози на донесување на закон согласно стандардите на Венецијанската комисија. Но, треба да се направат приоритети доколку за владиното и парламентарното мнозинство поважен е Законот за трговија со сува марихуана, а не е толку важен Законот за обвинителство тогаш тешко дека ќе можеме нешто да направиме и да донесеме, рече Милошоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот