Дешан по СП 2026 заминува од Франција – ги демантираше Јуве и Бразил, но откри една опција
Селекторот на Франција, Дидие Дешан, потврди дека ќе ја напушти клупата на „триколорите“ по завршувањето на Светското првенство во 2026 година. Сè уште не е познато каде ќе ја продолжи својата тренерска кариера, но францускиот стратег откри дека разговарал со претставници на еден клуб од Саудиска Арабија.
Препорачано
Во исто време, Дешан ги демантираше шпекулациите дека би можел да се врати во Јувентус или да ја преземе селекцијата на Бразил.
„Можеби имав контакти, но не конкретно со нив (Бразил). Нема да зборувам за имиња, но тие ја знаат мојата ситуација“, пренесе Goal дел од изјавата на Дешан.
Францускиот селектор истакна дека неговата одлука да се повлече по Светското првенство 2026 е конечна, без разлика на резултатите што ќе ги постигне тимот.
Дешан е на клупата на Франција од 2012 година. Со „триколорите“ стана светски првак во Русија 2018, а како тренер претходно ги водеше Монако, Јувентус и Олимпик Марсеј, со кои освои повеќе трофеи.
Како фудбалер настапуваше за Нант, Бордо, Олимпик Марсеј, Јувентус, Челси и Валенсија, освојувајќи вкупно 15 трофеи, меѓу кои и две титули во Лигата на шампионите – со Марсеј (1993) и со Јувентус (1996).


