Дерматолог Сузана Камберова: Промени на кожата на новороденчето кои се нормални, а ги загрижуваат родителите

приватна архива

Бебето се смета за новороденче во периодот од првите четири недели по раѓањето, додека до крајот на првата година од животот се смета за доенче. Доколку се роди пред истекот на 37-та недела од бременоста, бебето се смета за предвреме родено, а доколку се роди по 42-та недела се смета за „преносено“ или родено подоцна од терминот.

Сите разлики во возраста на бебето даваат и разлики во структурата и физиолошката подготвеност на неговата кожа да се соочи со животот надвор од телото на мајката. Во тој најран стадиум на живот на детето, кожата е донекаде биолошки несозреана. Да објасниме накусо како функционира таа кожа и кои функции ги има!

Функција на заштита (бариерна функција)

Кај предвреме родените, во овој период кожата може лесно да апсорбира (впие и внесе во организмот) одделни супстанции, кои се нанесуваат најчесто со мачкање на новороденото за разни цели – нега или, пак, лекување. Бидејќи некои слоеви на кожата не се уште доволно зрели за да можат да ја извршуваат функцијата на бариера (заштита), апсорпцијата преку кожа е нешто на што мора да се внимава кај новороденото. Сепак, многу брзо по раѓањето, веќе до крајот на втората-третата недела од животот, оваа заштитна функција се нормализира.

Кај децата родени во термин, се смета дека заштитната функција е веднаш нормална, но сепак во одредени услови, како на пример, под оклузивни непропустни пелени, при висока надворешна температура, влажност и слично, може да дојде до зголемена ресорпција на супстанции преку кожата, па ако дел од нив се штетни за новороденото, доаѓа и до несакана интоксикација. Поради тоа мора многу да се внимава што се нанесува на кожата на детето во оваа најрана возраст и дали поради некои надворешни услови е можно да се зголеми апсорпцијата на материи преку кожата.

Некои супстанции, кои ги има и во одделни антисептици, средства за дезинфекција или медикаменти, никако не смеат да се аплицираат на кожата на новороденчето, а тука спаѓаат: борната киселина, салицилната киселина, алкохол, уреа, неомицин (локален антибиотик), ресорцинол, соединенија со јод и др. Потребно е да се внимава и на средствата со кои се перат и чуваат постелнините и облеката на бебето, односно да се провери и нивниот хемиски состав.

Предвреме родените деца особено лесно може да ја губат водата преку кожата и да дехидрираат полесно или да дојде до пад на телесната температура, па треба да престојуваат во просторија во која ќе биде регулирана и умерена температурата, без нагли скокови и промени, а исто така и влажноста на воздухот.

Родителите да не се загрижуваат

Некои промени, кои може да се јават по кожата на новороденото и да ги загрижат родителите, особено ако се млади и без претходно искуство, всушност се појави што се сметаат за нормални и не треба секогаш да се мисли дека станува збор за заболување.

На пример, познато е веќе дека при раѓање кожата на новороденчето во помала или поголема мерка е препокриена со беличесто-жолтеникава, масна обвивка наречена „сиреста покривка“ (vernix caseosa). Таа се суши и отпаѓа веќе во тек на неколку часа по раѓањето, а новите испитувања откриваат дека можеби има заштитна антибактериска улога. Доколку ѝ е изменета бојата, може да укажува на некои проблеми, како хемолитичка анемија или презрелост на плодот (златно-жолта боја).

Новороденчето може да покажува модро-виолетова боја на крајните делови на телото како дланки, стапала или околу устата. Ако нема други симптоми или помодрување и на други делови на телото (јазик), во првите 48 часа од раѓањето ова може да се смета за сосема вообичаено. Некогаш се губи доколку се затопли новороденото.

Кај некои деца веднаш по раѓањето може да дојде и до изразито црвенило на целата кожа, поради ширење на крвните садови во кожата. Тоа треба да избледи за 24 до 48 часа. Некои новороденчиња имаат изразит мрежест цртеж на кожата, кој е црвено-виолетов или нежно розев и е последица на студ или несозреана циркулација во кожата. Ако постои и кај повозрасни деца, понекогаш е добро да се консултира лекар за да се исклучат некои други заболувања.

Лесно лупење на кожата на новороденото се јавува скоро кај 2/3 од новороденчињата. Може да започне само околу зглобот на стапалата и да остане ограничен на дланките и стапалата, но може да се прошири и на целото тело. Обично треба да исчезне до крај на првата недела од животот и да не биде мошне изразено. Ако потрае и се јавуваат големи лушпи по кожата, треба да се помисли на некои вродени нарушувања во нормалното орожување и повторно да се посоветува со специјалист. По некоја промена (една до две) во вид на плик исполнет со течност, може да е присутна на кожата при самото раѓање, брзо пука и плитката рана зараснува без последици. Најчесто овој феномен се гледа на прстите од дланката или околу усните.

Зголемување на лојниците на лицето е честа појава. Се смета дека лојните жлезди во кожата на новороденото биле под влијание на хормоните од мајката (андрогените хормони). Се гледаат мали жолтеникави „топчиња“ најчесто на лицето: нос, образи, чело, но може да се јават и по телото, околу градите, во гениталната регија и на рацете и нозете. Овие мали топчести промени исчезнуваат спонтано и ретко е потребно лекување.

Кај мал процент на новороденчиња белата линија, која се наоѓа на средината на стомакот, од папокот нагоре, може да се пигментира. Освен тоа, во овој период може да се јават и други пигментации или бенки, кои се најчесто вродени, но стануваат видливи во првите денови или недели од животот. Се работи за белези, т. н. вродени невуси. Доколку се со големи димензии, секако е потребно да се прегледаат од лекар специјалист.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот