Депонии и мазут на градилиштето на „Сончев град“

депонија водно
Депонии и мазут на градилиштето на „Сончев град“ , Фото: Приватна архива

Градежен отпад, расфрлани делови од механизација, амбалажа, буриња со нафта, го „красат“ градилиштето на т.н. Сончев град. Инспекторите не поминале одамна, а инвеститорот „Џевахир“ е презафатен за да ни одговори.

Купишта градежен и друг отпад, расфрлани делови од механизација, амбалажа, буриња од кои во почвата се излева нафта или мазут го „красат“ градилиштето на т.н. Сончев град. Планинари што деновиве го посетија тој дел од планината Водно споделија впечатоци за „Слободен печат“.

– Станува збор за неколку локации на просторот на кој треба да никне населбата „Сончев град“ на источните падини на Водно. Надлежните се подзаборавиле, па инвеститорот или изведувачот на градежните работи постапува како што сака – вели еден од планинарите што речиси секојдневно се движат по патеки кон врвот на Водно.

Тој додава дека и самиот неколкупати имал непријатни средби со обезбедувањето на градилиштето, иако пределот не е ограден и нема видливо поставени табли за тоа кој изведува градежни активности, односно кој е одговорен за тоа што се случува.

Од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам за „Слободен печат“ во врска со овој случај ни одговорија дека во скоро време немале инспекциски надзор на градилиштето и побараа информации за конкретните локации пред да можат да дадат прецизен одговор.

Од „Џевахир скај сити“, инвеститор на проектот „Сончев град“, не беа достапни да одговорат на нашите прашања во врска со градилиштето на Водно, со образложение дека се презафатени.

Парк-шумата Водно со одлука на Владата во мај годинава беше прогласена за заштитено подрачје, заштитен предел. Надлежноста на заштита на Водно е на Град Скопје, кој е обврзан да донесе план за управување со заштитениот предел и да воспостави чуварска служба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот