Денес се празнува Светиот маченик Иполит

Светиот маченик Иполит

Беше воен началник и надзорник на затворот во Рим, роден и воспитан како незнабожец. Кога беше фрлен во затвор архиѓаконот свети Лаврентиј, на Иполит му беше наредено од царот особено да го варди овој затвореник. Иполит виде со свои очи кога Лаврентиј му го врати видот на слепиот Лукилиј и како исцели мнозина други болни, па поверува во Христа. Кога Лаврентиј го крсти, Иполит имаше небесно видение и рече: „Ги видов непорочните души во голема радост“ (т. е. на небесата). Тогаш тој го зеде Лаврентиј во својот дом, та светиот архиѓакон му ги крсти сите деца што ги имаше; семејството заедно со старата дадилка Конкордија броеше деветнаесетмина. Кога Лаврентиј беше убиен за Христа, Иполит ноќе го зеде телото на маченикот, го завитка во плаштаница и чесно го погреба. Но, тоа некако му дојде до уши на царот Декиј и на третиот ден по смртта на Лаврентиј го фатија Иполит и го изведоа пред царот, па бидејќи не сакаше да се откаже од вистинитата вера, го биеја со камења по устата. Потоа царот нареди да го соблечат гол и да го бијат. Кога стоеше гол пред царот, Иполит му рече: „Не си ме соблекол, туку почна да ме облекуваш.“ Тогаш го спружија по земја и го шибаа немилосрдно, а Иполит само викаше: „Христијанин сум!“ Кога слушна царот дека и домашните на Иполит се христијани, нареди да ги доведат сите. Старата Конкордија рече: „Ние повеќе сакаме со нашиот господар чесно да умреме во верата Христова одошто со вас нечестивите бесчесно да живееме.“ Таа прва беше убиена, а по неа и останатите осумнаесетмина, сите пред очите на Иполит. Најпосле самиот Иполит го врзаа за див коњ и го влечеа натаму-наваму дури не ја предаде душата на Бога.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот