Постер
Постер

Демант за МВР: Концертот на Тими Трампет не бил „измислен“ туку се продале само 83 билети за него, тврди организаторот

Целосно ги отфрлам наводите дека биле продавани билети за концерт кој не бил планиран или договорен. Концертот на австралискиот артист Тими Трампет беше предвиден да се одржи на 13 јуни 2025 година на стадионот на АРМ, со уредна продукциска и правна подготовка, вели за „Слободен печат“ Ален Хаџиќ кому МВР вчера му поднесе кривична пријава за како што наведоа „продажба на билети за непостоечки концерт“. Кога „Слободен печат“ праша во МВР за кој концерт се работи, оттаму информираа дека се работи за концертот на Тими Трампет најавуван за 13 јуни 2025 година на стадионот АРМ. Но, Хаџиќ во редакцијата на „Слободен печат“ достави договор за планираниот концерт и тврди дека истиот ќе го достави и во полиција од каде досега не му го побарале пред да му поднесат кривична пријава.

Постојат валидни и потпишани договори со артистите, од кои еден договор ви го доставувам на увид директно до вашата редакција, со јасна забрана за негово јавно објавување поради клаузули за деловна тајност и доверливост. До АРМ беше поднесено и официјално барање за користење на стадионот, заведено под архивски број 09-325/1 на 27.01.2025 година, кое исто така беше одобрено. Настанот беше откажан исклучиво поради слаба продажба – продадени се точно 83 билети (преку 47 нарачки) и ниту еднаш не било доведено во прашање дали концертот навистина постои или дали има склучени договори. Сите купувачи беа уредно известени преку електронска пошта за откажувањето, и во рокот наведен во комуникацијата – сите билети беа целосно и успешно рефундирани, за што постојат траги од трансакции и потврди кои стојат на располагање за проверка. Објавените тврдења дека станува збор за „измама“ се неосновани, тенденциозни и нанесуваат сериозна штета на мојот личен углед и на работењето на мојата компанија, пишува во демантот.

Инаку, вчера „Слободен печат“ го објави известувањето од МВР во кое пишуваше дека „поднеле кривична пријава за скопјанец  кој преку веб-страница продавал билети за непостоечки концерт“. Во соопштението пишуваше дека „концертот воопшто не било предвидено да се одржи“ и дека „не бил склучен договор за негово одржување“ и дека билетите „не биле рефундирани“ – наводи што Хаџиќ ги демантира.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот