Демант од Софија: Бугарија нема намера да влегува во воена алијанса со Косово, Албанија и Хрватска
Бугарија нема намера да влегува во воено-безбедносната алијанса со Косово, Албанија и Хрватска, каде ја повикуваа да учествува, разјасни денеска бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев.
Препорачано
Тој ги демантира и информациите дека во Софија имало неофицијален интерес за приклучување кон заедничката декларација на Албанија, Хрватска и Косово, пренесе „БГНЕС“.
„Имаме потврда од Бугарија, која претходно разговараше со хрватскиот министер за можноста за приклучување кон овој трипартитен договор“, рече вчера косовскиот министер за одбрана Ејуп Маќедонци во изјава за „ТРТ Балкан“.
Георгиев денеска вели дека Бугарија е запознаена со иницијативата и дека внимателно го анализира текстот на документот, кој беше потпишан на 18 март. Тој вели дека до Министерството за надворешни работи пристигнало официјална копија од декларацијата преку дипломатска нота на албанската амбасада во Софија на 25 март 2025 година.
Министерот објасни дека Бугарија во ниту еден момент не била консултирана или официјално поканета да се приклучи кон иницијативата. Георгиев потенцира дека земјата одржува одлични билатерални односи со сите три држави. Со две од нив – Албанија и Хрватска, Бугарија е сојузник во НАТО, додека во Косово има бугарски воен контингент, дел од мировните сили на НАТО (КФОР), чија задача е да го гарантира мирот и стабилноста.


