„Дело“: Љубљана лобира Борут Пахор да го наследи Мирослав Лајчак во дијалогот меѓу Белград и Приштина

Борут Пахор
Борут Пахор/ Фото: EPA-EFE/FILIP SINGER

Поранешниот претседател на Словенија и основач на „Пријатели на Западен Балкан“, Борут Пахор, со поддршка на словенечкото Министерство за надворешни работи, лобира да ја преземе функцијата специјален пратеник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, пишува словенечкиот весник „Дело“.

Според љубљанскиот весник, Министерството за надворешни работи оценило дека Пахор е соодветен кандидат за заземање на оваа важна и престижна позиција на Западен Балкан, што се смета за стратешка област на Словенија, па одлучиле словенечката дипломатска мрежа да му помогне на поранешниот претседател на републиката во неговата кандидатура, пренесува Бета.

Неофицијалните проценки се дека Пахор е соодветен кандидат кој ги исполнува условите да го пополни местото на Мирослав Лајчак, кому кон крајот на август му завршува вториот мандат на функцијата.

„Дело“ додава дека за функцијата специјален пратеник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Пахор мора лично да се пријави до Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), што, според сознанијата на весникот, се уште не го сторил.

Пахор во декември минатата година го основа Институтот „Пријатели на Западен Балкан“, чија мисија, како што се најавува, е да помага и советува во врска со соработката на земјите од регионот со европските и меѓународните институции, како и во врска со соработката меѓу народите и државите од Западен Балкан.

Институтот почна со работа на крајот на февруари. Пахор е основач и директор, а Советодавниот одбор го сочинуваат 16 политичари и дипломати од 12 земји со искуство во проблемите на Западен Балкан.

Меѓу нив се поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедност Кетрин Ештон, поранешниот шведски премиер и висок претставник на ОН за Босна и Херцеговина Карл Билт, поранешната хрватска премиерка Јадранка Косор, поранешната претседателка на Косово Атифете Јахјага, поранешниот српски претседател Борис Тадиќ, поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев, поранешната вицепремиерка на Северна Македонија Радмила Шекеринска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот