Децата како „жив штит“ во борбата за плати

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Не треба да се занемари фактот дека за седум дена штрајк успеаја да извлечат покачување од десет проценти, што е во просек 2.500 денари. Но тие тоа го одбија. Било за седум проценти пониско од просечната плата. Па се чини дека наставниците, опседнати само со своите барања, не ја гледаат пошироката слика во општеството. Зарем мислат дека родителите што им ги оставаат децата на чување или на образување земаат повеќе од нив.

Платите во образованието биле мали, велат од СОНК, не допирале за седум проценти до просечната плата во државата. Ако е така, тогаш професорите, наставниците и воспитувачките треба да протестираат пред вратата на нивниот лидер Јаким Неделков, чија плата е мистерија со години. Според социјалните мрежи, земал без малку 70.000 денари, или како споредба, повеќе од две просечни, или четири зголемени минимални плати. Ако сега и за него важи зголемувањето што го бараат наставниците, тој ќе инкасира над 80.000 денари. Ако не е така, нека ја соопшти јавно колкава е. Но, за тоа нека му ја мислат тие 24.000, што тој ги предводи.

Инаку, барањето за поголема плата не е спорно, секој во оваа држава заслужува да има подобра плата, затоа и вработените во образованието добија првична поддршка од родителите. Она што е спорно е злоупотребата на децата за постигнување на тие цели. Родителите не им ги доверија децата за тие да ги користат како „жив штит“ пред себе (оставајќи ги дома), барајќи повеќе пари од државата. Вака излегува како децата да им се дадени на „позајмица“ за тие да можат да се борат со Владата. Но, образованието не е доброволно, па учениците можат да одат, а може и да не одат извесно време на настава. Тоа е со Устав загарантирана обврска.

Затоа и вработените во образованието почнуваат да ја иритираат јавноста, од која досега добиваа поддршка, токму со тврдиот став во своите барања.

Не треба да се занемари фактот дека за седум дена штрајк успеаја да извлечат покачување од десет проценти, што е во просек 2.500 денари. Но тие тоа го одбија. Било за седум проценти пониско од просечната плата. Па се чини дека наставниците, опседнати само со своите барања, не ја гледаат пошироката слика во општеството. Зарем мислат дека родителите што им ги оставаат децата на чување или на образување земаат повеќе од нив. Не. Најголемиот број се сигурно со потпросечна плата. И не штрајкуваат. Новинарите, без кои не може ниту еден штрајк или протест да помине, над 80 проценти земаат плата помала од просечната. Ако и тие се решат на штрајк, кој ќе разбере дека наставниците штрајкуваат и каков притисок без медиуми ќе имаат на своја страна. Никаков. Но новинарите не штрајкуваат. (Кој ќе им ги чува децата!) Затоа тие за сите имаат разбирање.

Но, и тоа разбирање има крај. Продолжувањето на штрајкот значи веќе и кршење на правата на учениците, правото на образование. Тоа е веќе уривање на уставниот поредок. Зачудува и леснотијата со која претседателот на СОНК Јаким Неделков планира да бидат надоместени изгубените часови настава. Според него, „учениците немало да бидат ускратени од можноста да го надоместат изгубениот материјал, оти тој би се надоместил преку скратена наставна програма, односно таа би била во позбиена форма и со поголема динамика“. Мајката! Таа збиена форма во чија глава треба да влезе!!! Демек секој од наставниците знаел како да ги надополни изгубените наставни часови.

Па, ако е така, отсега натаму така нека се одвива и редовната настава. По 30 минути за час. Зошто мора децата да седат по 45 минути. Според Јаким, доволни се и 30 минути.

Отсуството од наставата веќе извесно ќе доведе до пролонгирање на школската година, негативно ќе влијае врз уписите, како и врз полагањето на стручен испит на околу 500 наставници. Затоа драги наставници, земете ги десетте проценти што ви ги даваат, примете ги нашите деца во градинка и на училиште, а вие пак преговарајте. Така е фер, нели.

 

Извор: Фронтлајн

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот