Напредок кон ЕУ, сега!

Тони Поповски. / Фото: Архива на Слободен печат

Поаѓајќи од суштината на европскиот проект, неопходен е итен исчекор во процесот на европските интеграции за да можеме да се приклучиме на тековните процеси предводени од Европската Унија за надминување на повеќекратната криза, која е со магнитуда незапаметена од Втората светска војна, па сè до денес. Перспективата 2030 за зачленување во Европската Унија е реална и достижна.

Поради остро спротивставените изборни концепти за иднината на државата, се наоѓаме на вредносна, но и на безбедносна крстосница. Граѓаните, без оглед на етничката и на партиската припадност, во еден подолг период се изложени на моќна пропаганда од структури наклонети кон авторитарно владеење, придвижени од домашни но и од надворешни недобронамерни центри на влијание, со заедничка цел Републиката да „отклони“ кон авторитарното, да го напушти НАТО, европскиот пат и стратешките партнерства со западните либерални демократии.
Неопходно е да се потсетиме дека тајната на успехот на Европската Унија како мировен проект и истовремено проект на ефективна економска обнова е во држењето на екстремите во политичкиот спектар на демократска дистанца, и градење консензус за напредок на Унијата кон умерениот политички центар. Овој прогресивен европски центризам е помалку идеологија, а многу повеќе прагматичен метод за обединување околу политики што треба да ги задоволат суштинските потреби на граѓаните и да осигурат мир, безбедност, просперитет и благосостојба.
Поаѓајќи од суштината на европскиот проект, неопходен е итен исчекор во процесот на европските интеграции за да можеме да се приклучиме на тековните процеси предводени од Европската Унија за надминување на повеќекратната криза, која е со магнитуда незапаметена од Втората светска војна, па сè до денес.
Перспективата 2030 за зачленување во Европската Унија е реална и достижна. Процесот на преговори ќе овозможи да се справиме со нараснатите социо-економски нееднаквости и конечно да завладее правото кај нас со сите негови одлики, и на тој начин да се зацврсти довербата во уставниот поредок, демократската држава и во нејзините институции.
Исчекорот во преговорите со ЕУ неминовно ќе резултира со остварување повисок степен на заштита на демократските институции низ зголемена транспарентност и одговорност, и социјална правда, внимавајќи колку е можно повеќе граѓани да уживаат во придобивките од економскиот раст, односно да се намали драстично бројот на оние што социо-економски заостануваат и на тој начин да се превенира нивно радикализирање односно трансформирање во потентен базен на избирачи за авторитарните партии на крајната десница и левица.
Засилената дигитализација и покачувањето на дигиталната писменост на населението, ќе овозможи многу поефикасна борба со корупцијата, клиентелизмот, кронизмот и други поврзани девијантни појави.

Не помалку значајно е да се постигне широк консензус за целите на прогресивните еколошки политики и адресирање на последиците од климатските промени кои секојдневно ги чувствуваме. На ова се надоврзува потребата од силни инвестиции во обновливи извори на енергија, конзервација на природното наследство и воспоставување одржливи економски практики.
Истовремено, неопходен е широк општествен отпор со демократски средства кон манипулативниот етнички популизам, бидејќи е политички концепт спротивен на постулатите на либералната демократија и врз неа има корозивен ефект. Политичка понуда на евроскептичните, радикално националистички партии и нивните поддржувачи во граѓанските, академските и бизнис-круговите, првенствено цели кон враќање на авторитарниот модел на владеење со „цврста рака“, и демократско уназадување преку задушување на политичките противници, замолчување и санкционирање на граѓанското општество и неговите каузи, целосна контрола и влијание врз медиумите, уценување на приватниот сектор и заробување на клучните институции на државата, администрацијата и судството. Овие последици ги имаме искусено и наш свесен избор е дали ќе дозволиме повторно да се случат.
Истовремено, би било чесно кон јавноста и избирачите, приврзаниците на опцијата за одлучна и продолжена блокада на преговорите сè додека не се измени или замени постојната преговарачка рамка со ЕУ и Договорот со Бугарија, да објаснат дали и колку ова сценарио е продуктивно за државата и нашето општество. Какво е влијанието на ова сценарио врз севкупната безбедност на Републиката, како од надворешни влијанија, така и по однос на внатрешни влијанија, или поконкретно, како се одразува на меѓуетничките односи, имајќи предвид дека манипулативниот етнонационализам на едните повеќе од очигледно создава реактивен етнонационализам кај другите.
Понатаму, треба да знаеме кои се перспективите за раст на економијата и севкупен одржлив развој на Републиката, односно дали би се развивале подинамично и следствено би се зголемувал животниот стандард на граѓаните низ методично водење на преговорите и зачленување во ЕУ или има реален модел што би овозможил идентични ефекти во услови на повеќегодишен застој на преговорите. За оценка на овие сценарија, предвид треба да се има и Развојниот план на ЕУ за Западниот Балкан за периодот до 2027 година, каде што нашата алокација е приближно 800 милиони евра од вкупниот буџет од 6 милијарди евра. Не помалку значајно е да се оцени дали нашите млади повеќе или помалку ќе емигрираат со блокирани преговори. Колку од нив ќе посегнат по пасоши на други држави?
Вистинскиот граѓански патриотизам поврзува, а манипулативниот вирее врз општествените конфликти кои самиот ги создава и настојува да ги продлабочи. Острата поларизација во општеството не само што е непродуктивна туку води кон состојба со тешко управливи ризици, меѓу другото и по стабилноста на меѓуетничките односи.
За да опстанеме во зовриено геополитичко опкружување и притоа да напредуваме, неопходно е да се пронајдеме едни со други без оглед на партиската и етничка припадност, и политички да се зацврстиме во умереното. Радикализацијата на помалите народи и нации е истовремено најкус пат за нивно маргинализирање и изумирање. Неумереното и игнорирањето на потребата од консензус, може да предизвика сериозни последици.
Да го задржиме достоинството. Да бидеме одлучен глас на разумот во популистичката бучава и да не дозволиме да ја доведеме под прашање иднината на нашата демократска, интеркултурна и граѓанска Република!

(Авторот е архитект и магистер на политички науки)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот