Деби-албум на „Кат јоур нипл“: Секогаш ќе знаеме од каде сме почнале

Победниците на „Лузер фест 2019“, тетовскиот бенд „Кат јоур нипл“ (Cut Your Nipple), го објавија својот прв студиски албум „Џангл бук“ под етикетата на „Пасворд продукција“.

Повеќе од една декада „Лузер фест“, како дел од „Таксират фестивал“, е единствениот настан посветен на поддршката и промоцијата на демо-артистите и на младите музички изведувачи од сите жанрови на домашната сцена. На тој начин победниците на „Лузер фест 2019“, бендот „Кат јоур нилп“, стигнаа до својот деби-албум со наслов „Џангл бук“ (Книга за џунглата).

Станува збор за „phunk“ (панк, фанк, алтернативен, рок) бенд од Тетово, основан во 2018 година од страна на Марко Печеновиќ (бас и вокал), Павел Кузманоски (гитари) и Теодор Јаневски (тапани). Албумот „Џангл бук“ се состои од 11 песни, кои жанровски се движат од панк и алтернативен рок до фанк музика, преку што се отсликува разноликоста и талентот на бендот. Членовите на бендот се автори на музиката, а како продуцент се потпишува Дени Крстев од „Студио 1060“, каде што во изминатата година се снимаше албумот. Издаден е под етикетата на „Пасворд продукција“ и од 4 март е достапен за преслушување на сите поголеми дигитални музички платформи.

Својот прв албум бендот го опишува како „приказна за нас и нашата џунгла во која сме израснати заедно со животните што се обидуваат да ни ја одземат иднината и кариерата, додека истовремено ни даваат огромна креативност. Деновите ни поминуваат со единствената мисла како да се преживее, а како единствени свесни суштества за своето постоење, навистина е лесно. Книгата е напишана едноставно и со прости детали што нè возат низ природната мелодија на агресивниот оптимизам, како кога си на дивата страна од џунглата и се чувствуваш беспомошно, но опремен со добри мисли што никогаш не те напуштаат. Интеграцијата на љубовта, гневот, слободата и болеста нè доведува до статус кво, а ние се обидуваме некако да мрднеме оттаму: процесот е секогаш бескрајна луда забава, која преоѓа во сè поголем апсурд. Животните што смрдат, урлаат, те гризат и постојат во тој вакуум простор, во нечистите воздух и вода, во отпадот, се дел од таа журка на која се забавуваме во ова дело. Можеби не е најдобрата книга што ќе ја прочитате, но дефинитивно е најдобрата книга што ќе ја слушнете.“

„Лузер фест“ беше предизвик или шанса за објавување на вашиот прв албум?

– „Лузер фест“ беше шанса полесно да стигнеме до албумот, иако ние секако бевме решени да го снимиме без разлика дали ќе победиме на фестивалот. Не бевме спремни да победиме, бевме спремни да отсвириме и да го направиме шоуто најдобро што знаеме, а остатокот не беше наша работа.

Како стигнавте дотука?

– Бендот постои веќе три години. Од кога сме формирани почнавме да правиме авторска музика, па ни требаше и доста време за да го средиме тоа како што е сега. По доста работа и без доволно опрема го направивме тоа што можевме за тоа време благодарение и на луѓето околу нас, кои ни помогнаа за сите овие ствари, стигнавме дотука и ќе продолжиме да надградуваме, бидејќи има напредок и заинтересираност за нова музика.

Претходно излезе синглот „What we stand for“. За што се борите и залагате, не само како наслов на песна?

– За почеток повеќе се залагаме за музиката и како неа да ја направиме да звучи помодерно за да се јави повеќе заинтересираност, посебно кај младите, со цел да ја пренесеме пораката за што се бориме. Пораката е класична и едноставна. Се спротивставуваме на лоши навики, омраза и труењето на младите во ова општество со ширење љубов преку музиката.

Албумот „Книга за џунглата“ (The Jungle Book) за вас ќе биде..?

– Ќе биде искуство и лекција за нашата иднина. Ова е прв наш албум од кој започна сѐ и секогаш ќе знаеме од каде сме почнале.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 71, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 6-7 март 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот