Дебар бара да бидат испратени пулмолог и инфектолог во Општата болница

Општинскиот оперативен штаб на Дебар на денешната средба на која е анализирана состојбата со Ковид-19, одлучи да достави барање до Главниот кризен штаб, во Општата болница да бидат испратени еден пулмолог и еден инфектолог.

По средбата на официјална веб страница на општината постиран е преглед на состојбата во втората фаза од пандемијата во кој се наведува дека приливот на пациенти во Дебарската болница кои бараат лекарска помош е во постојан раст.

-Позитивни со Ковид-19 има 69 случаи, плус 17 случаи денес. Девет ја добија битката со опасниот вирус, 10 лица го чекаат последниот тест за да се потврди нивното оздравување, 20 лица се со два негативни теста, петмина се хоспитализирани во скопските клиники, додека за жал еден наш сограѓанин почина, на чие семејство и најблските им изразуваме најдлабоко сочувство. Останатите се на домашно лекување или амбулантска терапија, стои во објавата на штабот.

Од штабот посочуваат дека се чека резултат за 25 тестирани сомнителни случаи, но и натаму се земаат нови брисеви.

– Во Општата болница во Дебар во две смени се третираат лицата со лесна и средна симптоматологија. Пацентите кои бараат лекарска помош постојано се зголемува. Апелираме на строго почитување на мерките и препораките, се наведува во објавата на штабот.

Општата болница во Дебар располага со еден инфектолог, а во работната едница на Заводот за јавно здравје има само еден епидемиолог. Во времето кога Дебар беше прво жариште и беше под карантин во болницата престојуваа лекари специјалисти од ова област од здравствени установи од Скопје и други градови од земјава. На своите колеги од голема помош им беше и инфектолог – дебранец, вработен во „Дебарски Бањи-Цапа”.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот