Давос – многу повеќе од средба на светската елита

Светски економски форум во Давос/ Фото: Andy Barton/SOPA Images/Shutters / Shutterstock Editorial / Profimedia

За некои Давос е непотребен самит на глобалната елита, за други важен форум за дебати. Разговаравме со тројца учесници на Светскиот економски форум кои не се глобално познати лидери, но „туркаат“ важни проекти.

Планините во Давос блескаат покриени со снег. Надвор се минус пет степени. Џералд Абила стаса пред неколку часа во Швајцарија, во куферот носи три блузи и топла долна облека. Му рекле дека на Светскиот економски форум знае да биде и многу ладно. Адвокатот од Уганда на истокот на Африка, седи во хотелот и разговара со нас за својата голема цел – правниот систем да го направи достапен за секого. „Многу луѓе во мојата земја не знаат ниту за закони, ниту пак нешто за нашиот правен систем кој всушност би требало да ги поддржува токму нив“, вели Абила.

Виртуелниот правник Вини

Абила со својот тим работи на развојот на Вини, виртуелен правник кој работи со помош на вештачка интелигенција. Вини во рок од 24 часа одговара на правни прашања. Тоа може да бидат прашања поврзани со наследство, сообраќајна несреќа или нешто друго. Тој бесплатен сервис во Уганда до сега го користеле околу милион луѓе.
Абила до сега за својата компанија „Берфутлоу“ добивал финансиска поддршка од некои фондации. Тој сака да поведе промени. „Постојат толку многу прашања поврзани за законите, но постои и огромен јаз меѓу луѓето и правниот систем“, вели тој.

Правото мора да им биде на располагање на сите, уверен е адвокатот. Во неговата фирма правници и програмери заедно работат на „тренирање“ на вештачката интелигенција за во пракса на сите да им овозможат пристап до правниот систем. Притоа се користи „Chat GPT“ и уште една програма која се базира на препознавање на гласот и која е во состојба д обработи податоци во рок од само неколку секунди.

„Вештачката интелигенција има неверојатен потенцијал потребен за промени. Тоа е од прилика исто толку голем потенцијал како своевремено пронајдокот на техниката за печатење“, уверен е Абила.

Целта на компанијата „Берфутлоу“ е до 2030-та година да има 50 милиони корисници во Африка, пред сè луѓето кои не живеат во големите градови. Во руралните предели е тешко да се најде адвокат. Во Давос Абила ќе биде одликуван од страна на фондацијата Шваб како „социјален иноватор“. Затоа е и повикан да учествува на овогодишниот Форум. Покрај тоа, тој во Давос сака да дознае уште многу нешта за вештачката интелигенција.

Состанок на елитите

На Светскиот економски форум годинава учествуваат 2.800 лица, меѓу кои и шефови на големи софтверски компании, бројни лидери од светот на бизнисот и повеќе од 60 шефови на држави и влади. Абила не припаѓа ни на политичката, ни на економската елита. Сепак, драго му е што учествува затоа што ќе може да сретне луѓе со кои одамна сакал да поразговара.

Но, Дења Пастушек на пример критички гледа на Давос и Форумот.

„Нашите економски системи се организирани на начин што не функционираат ниту за сиромашните, ниту во полза на нашата планета“, нагласува Американката која е една од шефовите на институтот „Тамарак“ од канадската покраина Онтарио.

Нејзина цел е борбата против сиромаштијата, а за тоа се често потребни локални решенија. Институтот школува и поврзува луѓе кои може да учат едни од други и заеднички да развиваат решенија. Тоа често се луѓе кои живеат во зафрлени краишта.

„Што економските лидери или политичари мислат за локалните решенија?“ – Пастушек се надева дека во Давос ќе добие одговор на тоа прашање. Таа на Форумот сака да ги претстави нејзините проекти и да поттикне дебата. „Светот се наоѓа на раскрсница“, вели таа. „И со тоа треба сите да се позанимаваат“, додава таа.

Развој на соларни модули

Си Лија се надева дека во Давос ќе успее да привлече внимание и сака да се сретне со Бил Гејтс. Кинеската во Швајцарија стасала од економската метропола Шенжен на југот на Кина и прв пат учествува на Светскиот економски форум. И таа ќе биде одликувана како „социјален претприемач“ што е награда зад која исто така стои фондацијата Шваб. Како тинејџер таа морала да го напушти средното училиште, родителите ѝ биле сиромашни селани и не можеле веќе да ја плаќаат школарината.

Работела на многу места и имала амбиција да се „извлече“ од сиромаштијата. Си Лија сакала да помага на други луѓе и успеала во тоа.
Од сопствено искуство знаела дека посебно во руралните предели често нема доволно струја. Со својата заштеда ја основала првата нејзина фирма „Шенжен пауер солушн“. Првите три години биле многу тешки, но потоа успеала во намерата да произведува мали и поволни по цена соларни модули.

„Предизвикот е во тоа да мораат да бидат со достапни цени, а не сакав тоа да биде нешто со лош квалитет“, нагласува таа.

Денес Си Лија има околу 160 вработени. Нејзините соларни ламби внесуваат светлост во околу седум милиони домаќинства – во Кина, Индија и Африка. Токму затоа сака да поразговара со Бил Гејтс.

„Сакам да му кажам дека го имам решението кое го бара“, вели со насмевка.

На списокот на нејзините желби за средби во Давос е и името на еден голем производител на батерии. Нејзиното учество на Форумот го оценува како голема шанса.

„За мене ова е добра реклама. Притоа Светскиот економски форум ме поддржува и ми ја засилува позицијата“, вели таа.

Извор: Дојче Веле/ Автор: Мануела Каспер-Клериџ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот