„Вреди“ нема да ја поддржи Силјановска Давкова ако ВМРО-ДПМНЕ не се огради од реториката на кандидатката, порача еден од лидерите

Иако секојдневното се испраќаат пораки меѓу ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди” за соработка во идна влада, еден од лидерите на коалицијата, Изет Меџити денеска остро реагираше на дел од говорот од Гордана Силјановска Давкова која вчера зборувала за војната во 2001. Меџити во гостување на ТВ Сител, изјави дека не би ја поддржале кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ доколку партијата не се огради од нејзините ставови.

„Жал ни е што со приближување на изборите ВМРО-ДПМНЕ се враќа на старите практики кои мислевме дека ги заборавиле. ВМРО-ДПМНЕ продолжува со поларизација со ДУИ и ова е стара, застарена игра. Албанците се заедно кога станува збор за националното прашање. УЧК е света за сите нас и никој не се осмелува да ја допре“,пишува Меџити во објавата на Фејсбук.

На прашање на 360 степени, на што точно се однесува фејсбук-статусот, Меџити одговорил:

„Јасно е на што се однесува (објавата на Фејсбук н.з.). Ова е дежа ву од претходно. Кога пред избори ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ си го креваат рејтингот еден на друг“изјави Меџити за „360 степени“.

На дополнително прашање дали објавата се однесува и на пораката што претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, ја испрати од синоќешниот митинг во Куманово, Меџити одговори потврдно.

Силјановска-Давкова синоќа од Куманово, меѓу другото, рече дека некои дела, т.н. дела против човештвото, никогаш не застаруваат. Алудираше на воениот конфликт од 2001 година.

„Стравот што го слушам или заканите од типот дека востаници имало во оваа држава ме тера само на едно потсетување. Меѓународното право вели дека востание може да се крене само ако постојат неподносливи услови на живот и владеење. Да потсетам, и во 2001 година ДПА беше во владата. Јас никому не се заканувам, само потсетувам дека некои дела, таканаречени дела против човештвото, никогаш не застаруваат“, порача Силјановска-Давкова од митингот во Куманово.

„Ја слушнавме изјавата од Куманово која, за жал, нè враќа во минатото. Непожелна изјава во однос на УЧК. УЧК е светост за Албанците и мислам тоа може да доведе до унифицирање на Албанците и мислам дека не треба да се враќаме на тоа. Имаме многу работа како да војуваме против корупцијата, како да обезбедиме подобра иднина за младите, со добра стратегија да ја запреме алармантната миграција на младите, а не да се враќаме на такви теми кои ги оживуваат старите духови“,изјави Меџити во гостувањето на ТВ Сител.

Прашан дали опозиционерите од албанскиот блок ќе застанат зад Силјановска-Давкова во вториот круг од изборите за претседател, Меџити рече дека коалициските партнери во „Вреди“ сè уште не разговарале на оваа тема, но оти очекува тоа да го сторат деновиве. На прашањето дали нивните ставови се приближуваат до одлука за поддршка на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Меџити вели:

„Со такви изјави не. Очекуваме оградување од структурата и од ВМРО-ДПМНЕ на таквите изјави. Не кажав дека ќе одиме на бојкот или нешто слично, но не сум среќен заради таквите изјави. Со таквите изјави нема да добие поддршка од втората заедница во државата“, изјави Меџити.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот