Древни папируси ја откриваат точната локацијата на гробот на Платон

Статуа на старогрчкиот филозоф Платон/Фото: EPA/ANDREA MEROLA

Италијански научници со помош на технологија тврдат дека ги прочитале и дешифрирале древните папируси пронајдени на местото Херкуланеум, во близина на Неапол кои го откриваат точното место каде е закопан грчкиот филозоф Платон.

Само илјада зборови беа доволни за да се открие една од последните големи тајни околу ликот на Платон: неговото гробно место. Препрочитувањето, благодарение на алатките на новите технологии, на познатите папируси од Херкуланеум овозможија да се дознае точната локација каде што бил погребан атинскиот филозоф, ученик на Сократ.

Досега се знаеше само дека е погребан во Академијата во Атина, но благодарение на овие записи е откриено дека неговиот гроб се наоѓал во градината резервирана за него во Платонското училиште, во близина на т.н. сацелум, посветен на музите.

Гробот на Платон и други детали за неговиот живот како роб се појавија во студиите на истражувачкиот проект „Грчки училишта“ спроведени од Италијанскиот национален истражувачки совет (CNR) во Националната библиотека во Неапол.

Јагленисаните папируси од Херкуланеум/Фото: Италијански национален истражувачки совет Consiglio Europeo della Ricerca (CNR)

Тие повторно ги разгледале со нови инструменти овие свитоци пронајдени во древниот Херкуланеум помеѓу 1752 и 1754 година. Тоа е прекрасна серија на папируси кои биле јагленисани за време на ерупцијата на Везув во 79 н.е. во вилата на Папирусите, куќа на римски патрициј – многу историчарите посочуваат дека му припаѓа на тастот на Јулиј Цезар – која ја содржела единствената библиотека што го преживеала бродоломот во античкиот свет, мала приватна колекција специјализирана за епикурејска филозофија.

Истражувањето го предводеше Италијанецот Грацијано Ранокија, експерт за проучување на папирусите, а тие биле „читани“ со бионичко око, кое и покрај тоа што биле јагленосани од ерупцијата на Везув во 79 година од нашата ера, при што беше уништена и Помпеја, успеа да ја открие оваа нова, корисна информација за последното почивалиште на старогрчкиот филозоф Платон. При истражувањето се користени иновативни техники како што се рендген, томографија и дигитална микроскопија.

Целото истражување започнало пред три години и ќе заврши во 2026 година. Бионичкото око открило илјада нови зборови, во споредба со претходното, направено во 1991 година, односно успеаја да прочитаат 30 проценти повеќе од содржината на свитокот од папирус посветен на Историјата на Академијата напишана од епикурејскиот поет и филозоф Филодем од Гадара.

Италијанските истражувачи додаваат дека од ова ново читање „изгледа дека Платон бил продаден како роб веќе во 404 п.н.е., кога Спартанците ја освоиле Егина, или, како алтернативен случај, во 399 п.н.е., веднаш по смртта на Сократ“.

Досега се веруваше дека Платон бил продаден како роб многу подоцна, во 387 п.н.е., кога бил на дворот на Дионисиј I од Сиракуза, за време на неговиот престој на Сицилија.

Тие, исто така, можеа да ја разгледаат епизодата од последната ноќ на Платон и посетата на Халдеецот, каде што е јасно дека Платон, и покрај тоа што страдал од треска, го критикувал слабиот музички квалитет на еден варварски флејтист од Тракија. “Оваа информација ни кажува две работи. Прво, дека тој бил целосно Грк, бидејќи за нив варварите немале чувство за ритам. И второ, дека бил луциден до последните часови од својот живот”, заклучува Ранокија. „Платон, најголемиот на сите времиња, не можеше да умре од деменција.

Неколкуте факти за Платон

Од „Книгата на мртвите филозофи“ на Сајмон Кричли се наведува дека според Цицерон, Платон умрел додека пишувал. Но, Хермип вели дека умрел на свадбена гозба на 81-годишна возраст и дека бил погребан во просторот на Академијата во Атина.

Ренесансниот неоплатонист Марсилио Фичино додава дека Платон умрел на неговиот роденден и коментира дека бројот 81 е од големо значење, бидејќи е крајниот, производ од 9 по 9 и збир од 8 плус 1. Но, друга верзија вели дека Платон починал измачуван од вошки. Како и да е, кој и да шири таква лоша приказна „длабоко го допира“, изјави еминентниот Томас Стенли во 1687 година во „Историјата на филозофијата“.

Значењето на папирусите од Херкуланеум

Херкуланеум, иако помалку познат од Помпеја,  го претрпел истиот гнев на Везув во 79 н.е. Сместен помеѓу Неапол и вулканот, исто така се смета за светско наследство и долги години се обидува да избега од сенката на Помпеја. Додека Помпеја беше поголем град и полесен за ископување град, Херкуланеум беше уништен од вулкански материјал формиран од бранови гас со топчиња од кал и магма кои се зацврстија, претворајќи речиси се во цемент.

Овде, археолозите успеале да откријат само една третина (четири хектари) од некогашниот прекрасен приморски град кој го користеле многу моќни Римјани како летна резиденција. Остатокот останува скриен под метежот и вревата на урбаниот центар и е невозможно да се ископа. Меѓу богатствата што излегоа на виделина е Вилата на папирусите, позната по скулптурите кои сега се наоѓаат во Археолошкиот музеј во Неапол. И пред се, заради оваа уникатна колекција во светот од повеќе од 1.800 папируси, меѓу кои е и оној кој штотуку го откри гробното место на Платон.

Се работи за папируси со филозофски текстови, главно од епикурејскиот филозоф Филодемос. Голем дел од нив се чуваат во Националната библиотека во Неапол и не се изложени на јавноста бидејќи се сметаат за особено „чувствителни“ археолошки наоди.

Според официјалниот запис, има 1.814 папируси и фрагменти, од кои 1.756 се откриени во 1855 година. Благодарение на напорите на папириолозите досега се прочитани 340, а 970 се сметаат за делумно оштетени, додека околу 500 се јагленисани фрагменти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот