„Дали моето бебе не издржа зашто едниот доктор беше од СДСМ, а другиот од ВМРО-ДПМНЕ?“ – почна судскиот процес против гинеколог од Битола

Во Кривичниот суд Битола почна судскиот процес против Михајло Вангелов, гинекологот од битолската болница, обвинет за тешки дела против здравјето на луѓето. Тој на првото рочиште се произнесе дека е невин. Постапката се води затоа што во април 2023 година 24-годишната Викторија Митевска го загуби бебето во оваа болница. Докторот Вангелов ја водел бременоста на родилката, а вториот доктор Христо Ѓоргиевски ја породил жената. Пред една година ОЈО Битола се спогоди со докторот Ѓоргиевски, а судот ја прифати спогодбата – тој да биде условно осуден на 6 месеци казна затвор која нема да се изврши ако една година не стори ново кривично дело.

Смртта на бебето настапила како директна последица на тоа што Ѓоргиевски наместо да ја породи Митевска со царски рез, ја породил спонтано, спротивно на медицината заснована на докази. Бебето се задушило, страдало во матката, но Ѓоргиевски наместо да пристапи кон итен царски рез, процес, што според вештачењето, во организирани гинеколошки институции трае 10-15 минути, продолжил со спонтано породување. Во него уште се додава дека кога Митевска дошла на породување, нецелосно работеле и ЦТГ апаратите во болницата, што оневозможило да се следи целосно срцевата акција на плодот.

Пред неколку денови, на 1 април во Кривичниот суд Битола, се одржа рочиште за другиот доктор кој се поврзува со водењето на бременоста на Митевска – Михајло Вангелов. Митевска на 8 април 2023 имала редовен преглед кај него утротото и според нејзиното сведочење, докторот ѝ кажал дека е уште рано за породување. Но вечерта таа добила болки, по што во битолската болница примила инфузии и преноќила хоспитализирана.

-Утрото дојде пак доктор Михајло накај 7-8 часот, ме праша дали имам болки, па кога му одговорив негативно ми рече дека можам да си одам дома – сведочеше Митевска.

Но, по заминувањето дома, за неколку часа таа почнала да крвави и добила силни болки кои не можела да ги издржи и го молела телефонски да оди во болница.

-На телефон ми кажа да одам во болница и да го побарам доктор Христо Ѓоргиевски директно и дека нема да може да дојде во болница. Отидов во болница околу 13 часот со огромни болки, со викање. Ме прегледа доктор Христо и виде дека сум отворена по негово кажување 9 сантиметри и сум била спремна за породување, односно дека раѓањето било почнато уште утрото. Не знаеја која сум ниту дека сум била во болницата порано, па им објаснив повторно да дојде доктор Михајло зашто тој ми ја водеше бременоста. Докторот Михајло рече дека ако не најдеме некој од СДСМ што ќе дозволи негово присуство во болницата, не може да присуствува на породувањето. Се упативме кон родилната сала со другите доктори што беа на смена, ми го пукнаа воденикот, видоа дека течноста е со зелена боја, по што докторката рече „ајде мекониум е, ништо страшно“, сведочеше во судница Митевска.

Потоа според нејзиното сведочење следувал хорор во породилната сала. Ја качиле на бокс, двајца доктори почнале да ѝ скокаат на стомакот, била сечена прво лево па десно, па ја станале уште еднаш кога веќе почнала да турка за да раѓа.

-Ме станаа од боксот, шетав да се капам со топла вода, па пак ме вратија на боксот – низ солзи рече Викторија.

Кога вториот пат се качила на боксот добила многу силен удар по стомакот, со тупаници била туркана во стомакот.

-До последно кога докторката се качи над мене и со сета сила ме удри и бебето излета во рацете на доктор Христо. Не беше употребен вакуум, до тој момент бев свесна, а потоа изгубив свест. Трчаа околу мене само, не си го видов ни бебето. Останав на боксот уште два часа со отворени нозе и крвавење, ми студеше, ме тресеше, не можев да се соземам. Дојде некој доктор и ми даде вода, па почна да вика „што правите, зошто ја оставивте вака, и со нејзе ли треба нешто да се случи?“, рече таа во судница.

Викторија Митевска не знаела што се случува со неа и со нејзиното бебе до 20 часот вечерта кога сестрата ѝ кажала дека „бебето не издржало“.

-Не знаев зошто не издржа моето бебе, дали зашто едниот доктор не сакаше да се оди на царски рез, дали дека едниот е од ВМРО-ДПМНЕ, а другиот од СДСМ, дали од ударите во стомакот, за што имам фотографии како бев удирана. Пред да ме качат вторпат на боксот и кога беше јсано дека нема да дојде доктор Михајло, барав царски рез, ги молев да ме породат со царски, на што бев исмејувана и ми кажуваа „ајде готово е, нема што царски“, рече таа.

Во понатамошниот тек на процесот се очекува да биде презентирано и вештачењето на барање на Обвинителството.

Јанаки Митровски, адвокатот на Викторија Митевска за „Слободен печат“ изјави дека инспекцијата на Министерството за здравство која го испитуваше случајот констатирала низа прекршувања на протоколите при породувањето – недостиг на опрема во самата болница, неисправни апарати кои не можат да ги регистрираат отчукувањата на срцето, туку само се слуша шум, а не и колку отчукувања има, што е стандардна процедура за бременоста.

Во еден дел од долгото и опширно стручно мислење од Судска медицина, стои дека смртта на новороденчето е резултат на задоцнето породување, при што дошло до вдишување на околуплодова течност и задушување на плодот. Пропусти се констатирани и во нејзиниот третман ноќта пред породувањето – дека не требало да биде испишана од болничко лекување дома. Предметот открива дека еден од лекарите ја убедувал Митевска дека другите се „неспособни да ја породат“.

Според диспозитивот на обвинителниот предлог за „тешки дела против здравјето на луѓето“, обвинетиот на 09.04.2023 година, додека бил на смена како дежурен лекар на Одделението за гинекологија и акушерство при Клиничка Болница Битола во временскиот период од 2 часот и 10 минути до 8 часот, свесен дека поради неговото сторување и несторување може да настапи штетна последица, но лекомислено сметајќи дека истата нема да настапи, несовесно постапувал при укажувањето на лекарска помош на оштетената на начин што несериозно го протолкувал суспектниот ЦТГ наод направен во 2 часот и 10 минути, не направил вагинален преглед пред да ја отпушти оштетената од болница утрото на 09.04.2023 година, не направил амниоскопија со која би се утврдило страдањето на плодот кај оштетената, ниту на дежурните доктори на Одделението за гинекологија и акушерство при Клиничка Болница Битола кои биле на смена после него, односно од 8 часот на 09.04.2023 година не им ја пренел смената со јасни информации за оштетената, поради што влијаел исходот на породувањето да биде со задоцнување, а не навремено, со оглед на фактот што на 09.04.2023 година, оштетената, откако во 14 часот повторно се јавила на Одделението за гинекологија и акушерство при Клиничка Болница Битола, во 15 часот и 50 минути била породена спонтано, наместо со итен царски рез што довело до вдишување на околуплодовата течност и задушување на плодот, односно до смрт на бебето на оштетената.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот